
Конечно !
Почетокот во спортската сала Боро Чурлевски најави фестивал на промашувања и грешки, сепак битолчани први успеаа да ја смират топката и да наметнат своја игра. Иако интересната бековска линија со Кукуловски, Периќ и Мараш, успеа во неколку наврати да реализира, клучна беше одбраната. Брзата, подвижна и агресивна 6-0 одбрана со Ојлевски на халф, ги демотивираше спорите унгарци, па тие безмалку дваесетина минути имаа само 3 погодоци. Новата инвестиција, фараонот Хендави, кој Бабиќ го уфрли веднаш во оган, ги даде првите плодови. Бранеше смирено и со неколку ситни грешки впечатокот е одличен. Адутот за репрезентација на текстописецот, Кукоски, повторно беше фактор на мирот и стабилноста во битолската одбрана. А Ојлески, со залагањето и придонесот пред се во одбраната, кога играше на халф, и во нападот, би требало да му создаде зголемена конкуренција на десно на новиот селектор на Македонија.
Е сега за да не биде се само бајка се погрижија делумно синусоидниот Периќ и на моменти благо конфузниот Бабиќ. Па така овој првиот со низа технички грешки успеа да ги врати од клиничка смрт унгарците, а овој вториов со предозирана ротација да му помогне во голема мерка.
Сепак победи разумот, па Бабиќ во второто полувреме безмалку и да не ротираше, а Периќ веќе уморен и не влијаеше премногу. Одлична партија и за Кушан, кој покажа дека крвта му врие, и дека кога Чкембарите ќе се вратат во сала би можел да биде еден од идните миленици.
Овој Пелистер, со публика во сала, би можел да не врати во деновите на славното минато. Останува на Бабиќ, да го заврши создавањето на системот кој сеуште има слабости, да ја зголеми дисциплината и да почне да победува и нагости.
Од Скопје со коментар за убава победа во Битола до утре, срдечен поздрав !
EHF EL Битола 10.02.2021
Пелистер Татабања 21:19