Вaрдар го пречекува Брест Мешков

Публиката конечно на трибините !

Во Јане веќе бевме сведоци на неколку историски настани. Повеќето емотивни, исклучително позитивни но и неколку тажни кога беше јасно дека женскиот корпус ја заврши својата одисеја но исто така и кога машката секција ги одбројуваше деновите.

Овој пат емоциите се повеќеслојни. По пауза од една година и безмалку 6 месеци се враќаат навивачите. Како што велеше безвременскиот Гане Тодоровски, колку сме толку сме, така и овојпат колку дозволуваат тн институции толку. Важно е за сите, но Вујо и Столе потенцираа, исклучително важно за Вардар.

Со нетрпение го очекувам и моментот на враќање на комитите. Не e тајна дека со години не беа во голема љубов со Самсоненко, па после спектакуларните сцени од Борис Трајковски, каде неретко имаше и по некоја искра повеќе, сите памтиме и кога му подарија шлем на Дибиров, тие во Јане не беа баш добредојдени. Нивната страст и енергија за Вардар е немерлива, биле тие вакви или онакви.

И на крајот, врската токму на вистинските комити и Вујо мајсторе, насилно прекината, повторно ќе се воспостави. Е, и за овој момент вреди да се биде во сала !

Сега малку и за ракометот…

ТИМ

Мешков е исклучително млад тим, формиран 2002 година, а крстен по легендарниот белоруски ракометен работник Анатол Петрович Мешков. Интересно е дека од создавањето до ден денес имаат 12 титули, 5 пати биле втори и само во основачката и сезоната 2003 та не биле на врвот. Брест е град со околу 350,000 жители и се наоѓа на самата граница со Полска.

ИГРА

Играат еден модерен брз и убав ракомет. Со години се во Лигата на шампионите, сепак без некој позначаен успех. Но важно е да нотираме дека во последната сезона стигнаа најдалеку, во осминафиналето го елиминираа Мотор но беа запрени во четвртфиналето од Барса. Во групната фаза забележаа одлични резултати па може да се пофалат со скалпот на ПСЖ, Вардар, Киелце, Елверум и Пик. Сите респектабилни тимови. На домашен терен се нешто поуспешни и поефикасни, постигнуваат 32, а примаат 27 голови во просек. Нагости пак, постигнуваат 29 и примаат 32 гола во просек. Интересно е дека на клупата се наоѓа веќе трет шпански стартег. А видовме како тимовите се развиваат под шпанска команда и по примерот на нашиот Вардар.

ИГРАЧИ

Клучен играч во тимот е Скубе. Тој е мозокот но и ударната игла. Пред кусо време бевме сведоци како го демонтира нашиот Пелистер. Интересно е дека во клубот немаше многу измени, но нивниот најдобар стрелец од бековите лани, Паниќ, замина. Најдобар стрелец во тимот е десното исклучително крило Вајпалов, јаки се и на пикери, Шумак и Врањеш. На голот го имаат одличниот Пешиќ но и се подобриот Мацкиевиќ. Од бековите ги истакнуваме Јака Малус, новите Бонефонд, Каспарек. И одприлика тоа е тоа.

ТРАДИЦИЈА

Мешков е еден веќе традиционален противник за Вардар. Имаат одиграно еден куп дуели во СЕХА и во ЕХФ ЛШ. Вардар е во предност 13-12, со 3 нерешени дуели. Забелешка дека последните 3 дуели по ред ги добива Мешков.

ТЕРЕН

Скопје е еден од најжешките терени и секако на Вардар публиката му е 8 ми играч. За прв пат посткоронарно во Јане ќе има публика, ќе дојдат и комитите, да го поздрават својот миленик Вујо. Очекувам одлична атмосфера.

СУДИИ

Судиска двојка од Австрија со балкански корени, ќе ја коментираме по натпреварот… очекуваме фер и коректно судење, пресликано од најавата на Вардар Киелце од  минатата сезона.

МОТИВ

Мешков благо беше разочаран од своето издание во СЕХА Ф4, па очекувам да бараат шанса за рехабилитација токму во Скопје.

Вардар, Вујо, Комити, Скопје… немам што повеќе да додадам околу вардаровата инспирација за овој натпревар

ШТО ТРЕБА ВАРДАР ДА НАПРАВИ, како што и самиот Вујовиќ најави

  1. Да го намали темпото и бројот на постигнати голови
  2. Да го сопре Скубе
  3. Да одигра моќна одбрана

Среда 22.09.2021 СЦ Јане Сандански, Скопје Македонија, 20:45 ч

ЦЕЛ ЖИВОТ ЕДНА ЉУБОВ !

Сподели на
Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on email

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...