Имаше вечерва, навистина многу да се види !
Вујо се подготвувал несомнено. Почна прилично изненадувачки со 7 на 6. Како што вели Бранко Ангеловски, првиот тренер на македонската сениорска селекција но и на новиот РК Алкалоид, екипата која сака да потроши време ќе игра 7 на 6. Па така и беше, Вардар несакаше брканица. Во исто време, Загреб мораше да ја стесни одличната подвижна и длабока зона од Скопје, па се чинеше дека Вардар ќе има лесна задача во нападот.
Тоа во најголем дел од натпреварот даваше резултат. Иако проблемот со реализацијата и со течниот напад се преслика од Скопје. Се што нападот ќе расипеше, вечерва одличната одбрана ќе поправеше.
Подвижна во безмалку сите комбинации, агресивна и на моменти дрска, му овозможи на за мене првата звезда од овој двомеч, Томовски да бриљира. За него и во минатото зборував како за играч со фантастична енергија, но очигледно во иднина ќе зборуваме и за играч кој прави разлика на теренот. Човеков во првото полувреме долго време беше на 50% одбранети удари !!!
Втората ѕвезда која ја добива Вардар е Тото. Па тој е играч каков досега не сме виделе. Тој е еден хибрид од Абутовиќ и Мораеш. Играч кој на Вардар му носи фантастична одбрана и уште поважно сигурна реализација во нападот.

Да прелетаме, преку повеќето играчи. Дибиров како скапо старо вино, Ѓеорѓиевски ја потврдува класата, Столе капитенски, Гурбиндо македонски зет, слика има ама некако на тивко сеуште. Кудуз под импресии од првото одлично издание, Валчак се подобар. Најинтересен сепак Талески. За малку како во народната со кравата и млекото. Три одлични погодоци во клучни моменти плус асистенција, за потоа 2 изгубени топки. Дека сеуште незнаат што значи Вардар, Диало и Моралес. Гаџа, времето ќе покаже.
Вардар делуваше и доста посамоуверено, па дури и кога беше на -3 не паничеше. Иако таа самоувереност на крајот можеше скапо да ги чини. Но факторот искуство, Дибиров и хибридот Тото не дозволија изненадување.
Вардар е во Ф4, ја продолжи традицијата и што е уште поважно веќе за неколку денови ќе знаеме дали ова писание е само излив на емоции или е поткрепено од реалноста.
31.08.2021 Загреб, Љепа Наша,
СЕХА четвртфинале реванш
Загреб 25 Вардар 22