Петок, резервиран за двата полуфинални дуели на купот на Македонија, во женска категорија.
Во првиот дуел, актуелниот освојувач, Куманово, се соочи со условно домаќинот Металург. Иако со пола постава репрезентативки, Куманово сепак не успеваше да создаде разлика. Неколкупати се менуваше водството, а минимална разлика правеа, за Куманово репрезентативката Боризовска на центар, а за Металург, поранешната младинска репрезентативка Илјаз на голот.
На клупите на двете страни еден куп кадетки и младинки, што уште еднаш ја отвара темата за нивото на професионализмот во македонскиот женски ракомет. Тие се таму поради недостаток на играчи а никако поради нивниот исклучителен талент. Секоја чест на поединки.
Впечаткот за нивото на игра, тактичките решенија и техничките можности на екипите, за жал на ниво на кадетско првенство!
Енергија и борбеност не недостасуваше, но за жал квалитет премалку.
Навидум поголемата играчка ширина, подобрата физичка подготвеност па и доминантност ја донесоа предноста за Куманово. Во второто полувреме пофокусирани и со помал бро технички грешки ја приведоа утакмицата на безбедно, на крајот 27:23 за актуелните куп шампионки.
Вториот меч, меѓу Вардар и тимот кој на за мене неразбирлив јазик ги најавува своите натпревари во една скопска населба, уште послаб.
Разликата во корист на Вардар, поорганизирани во одбраната, подготвени за транзиција и брз напад. Избор на повеќе бекови, пикерите репрезентативни, голманите под палката на извонредниот Царчев. На моменти имаа и двоцифрена разлика. Сепак да не заборавиме дека станува збор за безмалку младински погон.
Од другата страна една пожртвувана екипа, за која натпреварот не беше изгубен и кога беа во дебела негатива. Аплауз за тој карактер. Но сепак премалку опции и квалитет за нешто повеќе. На крајот 31:27 за Вардар.
Времето на транзиција во женскиот ракомет е минато. Моќниот Вардар одамна го нема. Потребно е проактивна политика за враќање на сјајот на македонскиот женски ракомет кој да не заборавиме преку репрезентацијата и Кометал го истапка патот до конечната одредица Ракометот нај спорт во Македонија.