Бабиќ по вторпат под лупа!

Фото 24ракомет.мк

Битолската публика ја сметам за една од најракометно едуцираните. Па таму секој втор, трет навивач играл или тренирал ракомет.

Денот прекрасен, битолчани оние среќните кои успеаа да дојдат до билет неможеа да го дочекаат мирни натпреварот. Кафаните зелено бели, широк сокак исполнет со чкембари. По пат го сретнуваме Стефче, уште една битолска ракометна легенда. Не е оптимист!

В сала пак темературата зовриена. Сите на нозе. Ако одам во Битола… химната. Почетни минути се е во ред, Секељи брани, 17 минута 4 разлика. Готово е !

Но не беше, по почетниот притисок и од играта и од амбиентот, хрватите ја најдоа оптималната работна температура. Почнаа да уживаат во играта, битолчани почнаа пак да се мачат. Ако во неколку наврати манифестиравме недоверба во одлуките и решенијата на стратегот на Еурофарм Пелистер, овојпат ги слушав коментарите на северната трибина: Обрадовиќ цела година напад не изигра, Оти го вади кога му оди, Бабиќу шо прајш, Смени го голмано…

Несомнено дека Бабиќ и тимот прегореа во својот жар и амбиент. Солзите на Периќ зборуваа колку ја сакаа оваа победа, оваа шанса за европски исчекор. Дали Пелистер навистина е послаб од Нексе, не сум сосема сигурен, но дека Пелистер изигра една од полошите партии сезонава сум апсолутно сигурен. Дека на 6-7 минути до крај на -1 или -2 би ги уфрлил своите најдобри играчи исто не е некоја мудрост. Но да не му се мешам во занаетот на Бабиќ, ракометниот, за овошките ама баш ништо незнам.

Остана Битола покуса за 4 финале и веднаш ја насочи својата енергија во натпреварот на сезоната, кон крајот на месецот, доаѓа Вардар, натпреварот за титулата Шампион на Македонија.

Остана и споменот за ќерамидџиите кои апсолутно уживаа во амбиентот. Тие не сакаа да ја напуштат салата, гледаа кон трибините и се воодушевуваа. На крајот и Јагањац во својата изјава за 24ракомет рече, Во светот на ракометот, ова што го видовме денеска на трибините не постои !

Штета, Пелистер неможеше да ја искористи оваа прилика. Еве и малку статистика, Процент на реализирани шутеви Пелистер 51%, Нексе 59%, Процент голмански одбрани Пелистер 27%, Нексе 38%, реализирани напади во второто полувреме Пелистер 50%, Нексе 61%.

05.04.2022 Битола, Македонија, во легендарната Младост, сега Боро Чурлевски, хрватите се радуваа во реваншот од осминафиналниот дуел од Лигата на Европа.

Пелистер 21 Нексе 22

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...