Фото РК Еурофарм Пелистер
Во духот на прогнозирањето, а за жал Супер Купот го немавме во понуда, мојата прогноза беше прецизна со минорна грешка од помалку од една минута.
Дуелите на Вардар и Пелистер во неколку сезони преставуваат олицетворение на вистинското спортско ривалство. Настрана вечната напнатост на тема Скопје, Битола, Комити или Чкембари, овие два клуба се по мене вистински спортски ривали.
Независно од составите кои ги имаат и независно каде играат, тие на публиката и овозможуваат вистинско задоволство.
Цврсти одбрани, но исклучително коректни, одлични напади, атрактивни голови и уште поатрактивни одбрани. Овие два клуба, се она што пред извесно време беа Вардар и Металург.
Македонскиот ракомет во своето најубаво светло.
Е ако пак сега се доближиме до синоќешниот натпревар, за кој тврдам дека имаше одлична локација но тотално погрешен ден, и ако ги наброиме највлијателните актери, едноставно ќе заклучиме дека го гледавме кремот од Mакедонскиот ракомет. Од една страна, Талески, Стоилов, Манасков, Ѓоргиевски, Томовски и Ристовски, од друга страна пред се Танковски, Костески, Кузмановски и херојот на денот Кизиќ. За него ова е втор натпревар во кој со одбрана во клучни моменти ја носи победата против Вардар.
Македонскиот ракомет ќе има бенефит од ваквото ривалство. Колку побрзо на оваа двојка ќе се приклучат уште неколку амбициозни клубови толку подобро. Бутел и Тинекс, Охрид и Тиквеш па и новите Алкалоид и Голден Арт, се на добар пат, а времето ќе покаже кој ќе направи исчекор. Дали овој крем ќе биде доволно вкусен за европските па и светските апетити ќе дознаеме наскоро, преку квалификациите и светското првенство.
Всушност двете екипи изиграа онака како што се очекуваше.
Пелистер се потпре на својата ротација, на добрите голмани и бараше херој во нападот од типот на Периќ или Мараш. Чинам го најде во Хосни и Танковски. Овој средниов (Дејвис), сега дефинитивно во улога на втор, и овој левиов (Сери), кој на прв поглед беше жесток не се снајдоа баш. Но секако Пелистер имаше повеќе опции. Новиов тренер, сталожен, па и таличен, малку откри на пресот од своите тајни на занаетот, времето ќе покаже каков Шеф е всушност.
Вардар се потпре на искуството и квалитетот на докажаните, Стоилов, Талески и Манасков, и тие испорачаа, но десниот (Куни) кој знаеше во минатото да биде клучен, овојпат беше отсечен. Голманите на ниво но сепак Кизиќ го украде шоуто. Дали пркосот кон стариот клуб, или пак созревањето се причината и не е важно, важно е дека тој и донесе титула на Битола. Иако најавија дека се физички подготвени, доцна кажаа дека се за 40 минути. Недановски со половичен успех против битолчани. Тој е најсреќен што следниот дуел е напролет.
Историјата од 2021 се повтори, Пелистер го грабна Супер Купот. Овојпат потешко од лани. Дали и сезоната ќе се повтори, ќе дознаеме кон Велигден.
Охрид, Супер Куп на Македонија Вардар 22:23 Пелистер