Фото РК Еурофарм Пелистер
Штета што натпреварите во Лига на Шампионите не се играат само едно полувреме. Да беше така ќе ја архивиравме и првата победа на битолчани. Додуша можеби резултатот ќе беше попозитивен доколку она голманчиштето од ветеран Миклер Роланд, не ја спушти ролетната. Дечково успеа да впише цели 16 одбрани за нешто повеќе од 30-тина минути. За него секоја чест и наклон до под. Кога ќе имаш таков лик во тимот навистина е тешко на секој противник да ја игра својата игра. Многу е веројатно дека своите први одбрани ги направи како резултат на почитта која ја имаа “младите” играчи од Пелистер кон него, потоа веројатно се работеше за малку страв, па се измешаа нештата со трема за на крај мислам дека беше коктел од сите нешта.
Со вака расположен голман, не би можеле да се справат ни многу посериозни тимови.
Нејсе, мал осврт и на другите нешта.
Пелистерци во првото полувреме покажаа карактер, покажаа “kohones”, покажаа сериозен напредок и разновидност во играта, што дури беа и уживање да се гледа. Кога велам уживање секако мислам на промената во играта што ја прикажаа, нешто што досега го немавме видено. И секако споредувам со оние претходни натпревари од ЛШ, каде што “бевме” топовско месо и каде што напреварите беа загубени уште на граница, не влезени во сала. Играта беше полетна, со луцидни потези, со проигрувања за пикер, со висок процент на реализација, со ефикасен “Брз Центар”, со лесно креирање на вишок и со голем број на постигнати голови. Очигледно е дека формата оди нагоре, очигледно е дека клупата со ваков иако млад но сериозен стручњак си дава резултат. Верувам дека времето работи за Бранко Ангеловски и за овој тим.
Е да после сето ова, во игра влезе Миклер и ја затвори капијата, овој пат железна. И тука паднаа надежите на битолчани.
Тимот потона, надежите се угасија, грешките се наредија.
И да Бране. Така се водат тајмаути. Со конкретно укажување ако некој нешто неиспочитувал од договореното, со пофалба за добро сработеното, со мотивациски укази и со конкретни насоки за следниот или следните напади. Дали ќе биде, шведско лево, данско или Алборг… сеедно. Но тимот знае што прави и знае накаде оди.
А да. Да не заборавам и ова. Тајмаутите се водат на македонски и тоа е единствено исправно, кога сите или повеќето во тимот го разбираат јазикот.
Во очекување на следниот натпревар и новитети во играта на пелистерци.
Во Сегедин, Унгарија РОЛАНД МИКЛЕР – ПЕЛИСТЕР 34:26
16.11.2023
Александар Бицевски