PSG KIEL

Што гледавме вечерва?

Што можеме да извлечеме како заклучок?

Што еден вљубеник во ракомет, би можел да извлече како коментар или како забелешка што ќе се памети?

Нема да го анализирам натпреварот, класично, коментаторски туку ќе се обидам да ги извлечам најважните моменти. А ги имаше многу.

Вечерва гледавме одличен ракомет.

Имавме одличен натпревар, и уште подобра најава за престојниот FINAL FOUR, и потсетување дека ракометот може и тоа како да пружи врвна забава..

Гледавме надмудрувања помеѓу младите тренери Гонзалес и Јиха, во кој што дуел, сепак поискусниот, “нашиот” Гонзалес се покажа како поголем мангуп. Сепак Раул има шампионски прстен.

Кил нема да ја брани титулата.

Кил ќе биде европски шампион со најкраток рок во историјата, само 5 и пол месеци.

Втората светска војна, не е завршена сеуште.

Недостигаа само Хер Флик и Рене од култната серија “Ало, Ало”. Всушност не недостигаа. “Ало, Ало” е хумористична серија. А овој натпревар беше налик на документарец за гладијаторите од римско време.

Гледавме врвни потези, шутеви од далечина, вртенки од крило, голмански бравури, луцидни асистенции, цепелини, врвно судење од страна на шпанскиот двоец со голем чувство за да не ја “убиваат” играта непотребно.

Го запознавме уште еднаш дечкото кој според пигментот на кожата личи на Џордан. Ама тој не само што личи на него, туку на терен и се однесува како Џордан. Можевме да се изнагледаме пируети, ролинзи, атрактивни голови. Според мене го видовме голот на годината. 48 минута, шут под фаул, зад грб, преку глава, со лоб удар. Задолжително да се погледне. 

Да се работи за Дилан Наи.

Дали Талант уште еднаш успеа да препознае голем талент и го украде од Париз, или милионите од шеиците навистина секнуваат, па Наи мораше сам да си бара чаре. Во секој случај голем талент и играч, кој сигурно ќе уживаме да го гледаме во иднина.

Видовме една исклучителна вртенка на Руне Дамке, па веднаш по неа видовме и една смешно исфрлена топка од Криштопанс (дечкото мислеше часовникот отчукува 29:59)

Го видовме и Елоин Пранди изненадувањето на вечерта. Со 9 од 9. Секако и ЕХФ го препозна тоа и му ја додели МВП наградата.

Лалето Стеинс, во прво полувреме како малку да беше овенато, па ја немаше таа свежина како од првиот меч. Се додека некаде на почетокот на второ полувреме, Пекелер не го тресна од земја, како да е мало дете па го разбуди и “малиот” повторно заблеска.

Ги видовме и дуелите помеѓу Сагосен и Ремили, црвениот картон на Сагосен, и исклучувањето на два пати по две минути. Последно вакво нешто на кое јас се сеќавам е казната на Ацо Јоноски добиена на една пријателска, на Кале. Македонија против некого. Судии, жени. Му дувнаа две по две, без око да им трепне. Ацо ги опцу, сочно. Му се читаше од усните.

Што не видовме?

Недостигаше “месарот” Винчек. Мене не толку многу, ама на Кил очигледно многу им недостигаше.

Се’ на се, врвен ракомет, неизвесен скоро до самиот крај. Поточно некаде до 45 минута.

И штета што вакви две врвни екипи мораа да се сретнат во оваа фаза.

Р.Ѕ.

И да. Секој што не го гледал натпреварот, задолжително да го направи тоа. MAX TV и барајте го во ТВ-тека.

Шан Зелизе

Парис Сен Жермен – Кил 34:28

Сподели на
Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on email

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...