Спортскиот подвиг на “Останатите”

Можеби пресилно и неодмерено, но тоа што се случува во Металург и начинот на кој “Останатите” се однесуваат на теренот јас го вметнувам во категорија Спортски успех.

Победа над Радовиш со сета почит кон Радовишани никогаш не би била вест. Сепак организациските нивоа, амбициите, ростерот па и целите биле различни. Но овој пат и тоа со двоцифрена разлика, победата на Металург над Радовиш е вест.

Во составот на “Останатите” три голмани, три пикери, четири крила, два бека и еден дефанзивец. Марковски и Јанакиевски со нив вршат ѓаволска работа. Иако практично без ротација, трчаат скоро сите 60 минути. Голманите вечерва одлични. А тие добро бранат често, кога одбраната е цврста. И беше цврста.

Значи во тимот за кој претседателката потврди дека е во финансиска криза и во кој листата на играчи како во “Squid Game” се намалува од недела во недела, сеуште има мотив и победничка атмосфера.

Митиќ и Лазаревски, Петковски и малиот уште името не му го помнам Субашевски, Брестовац и Бардаковски, водени од ракометната величина Хорват, подмогнати од Дупјачанец, Каковски, Петров, Марковски и двјацата странци турчинот и португалецот се “Останатите”. Тие на чело со тренерите Марковски и Јанакиевски ќе треба да издражат цела сезона и да го задржат духот на некогаш славниот Металург.

Блажевска најави стабилизација. Вујовиќ кажа дека на македонскиот ракомет му треба силен Металург. Публиката во Автокоманда треба да се врати, кога е најтешко да ги подржи “Останатите”.

За доброто на клубот многу важно ќе биде доколку успеат да донесат уште неколку млади играчи. Едно за да им помогнат на “Останатите”, а второ да непопусто ја пропуштиме шансата да учат од ракометар како Хорват.

Иван Марковски најави дека сезоната е долга и дека плејофот не е така далеку. Стискаме палци за “Останатите” за оваа спортската приказна да има среќен крај.

16.10.2021 Автокоманда, Македонија

Супер лига

Металург 31 Радовиш 19

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...