Свети Ракомет. Празник на сите спортови.

Фото ЕХФ

Како што кажа Виктор во еден од претходните текстови, веќе сите по малку оладени од големата пауза која ни се случи чекајки го финалниот турнир во ракомет, веќе со мислите спремни за плажа и ладно пиво некако го дочекавме најпознатиот и најпосакуваниот ракометен викенд.

Лично јас, бев по малку скептик каков ракомет ќе гледаме и дали нема да ни се повтори квалитетот и “неизвесноста”  кои што минатата година некако беа на пониско ниво.

Но, се случи за среќа на сите нас, да гледаме одличен ракомет, полн со неизвесности, полн со луцидни потези, исклучителни четири динамични натпревари со прекрасни голови и голмански бравури.

Резултатите сигурно веќе ги знаете, впрочем тоа се информации кои што се добиваат на некои други места, но еве ги уште еднаш

За трето место Кил  – Веспрем 34:34, после пеналите 37:35 за Кил

За прво место Барселона  – Киелце 32:32, после пеналите 37:35 за тимот од Каталонија.

Барса е по 11 пат шампион, би рекол заслужено, а  она што е за одбележување е дека тоа е прв тим што во ерата на Final 4 турнирите успеал да ја одбрани титулата. Титулата одбранета по одиграни продолженија од два пати по пет минути па згора на тоа уште и пенали. 

Киелце во своето второ финале успеа да дојде само до второто место.

Беше тоа натпревар во кој што и двата тима има свои блескави моменти , во второто полувреме и двата тима постојано се менуваа во водство, а чинам ниедна екипа не се издвои на два или повеќе гола разлика.

Што е она што би сакал јас да издвојам за овој натпревар,  поточно за играчите.

За момент се ”видов” себеси како дел од жирито кое што треба да го одбере  MVP-то на турнирот. Па си велам, ништо полесно од тоа. Всушност ако размислам подобро, ништо потешко од тоа. 

Анализирајќи ги сите 4 натпревари, веднаш ми се издвојуваат пикерите. 

Каралак од Киелце, едноставно беше виртуоз на теренот, нештo налик на нашата “Балерина”. Борбен, секогаш на правото место за да прими топка (како и последниот гол), погодува со двете раце и плус ги носи на грб сите египетски, кувајтски и катарски бедуини.

Винчек, “месарот” од северното германско пристаниште блескаше на целиот турнир. Целосно го покри отсуството на “babyface убиецот” Пекелер.

Нилсен и Благотиншек исто така со свои блесоци. Бескруполозни секогаш на заб и секогаш на крв.

Ама па не беа само пикерите добри, крилата летаа во сите четири натпревари. Даваа по 10-тина голови, погодуваа пенали. Алеиш Гомез, Ангел Фернандез, Екберг, Морито, Штрлек.

Уф, тешка задача. Што да правиме со бековите. Најмалиот од династијата Душебаеви во финалето одушеви со неколку невидено чудни голови и асистенции, па потоа Кулеш, за кој што одсекогаш тврдев дека може да биде добра аквизиција за Вардар. Денес, во финалето тој според мене беше изненадувањето на денот. Одлично шутерски расположен, прецизен, со целосен преглед на играта и на поставеноста на играчите (како своите така и противничките). Секако тука мора да се споменат и Кара и Алекс (мислам дека Виктор ќе има што да дополни на оваа тема), па потоа и Дика Мем, па Ричардсон, Зарабец и Дуле.  

Во конотација на бекови, како еден вид разочарување беше Петар Ненадиќ. Имав чувство дека дечкото со мислите не беше во Келн. Беше негде на некоја плажа на првиот крак. За жал целосно отсутен, непосветен на тимската игра со многу грешки..

А тек па голманите. Блескави. Капата доле за сите четворица. Де Варгас, Ландин, Коралес и Волф. Цела светска елита на едно место, Господа, наклон до под.

Но да се вратам на МВП задачата.

Всушност, веднаш да кажам, ако требаше јас да одберам, не би можел тоа да го нарпавам.

Имав многу играчи на кои со двете раце би им ја доделил таа титула. 

Мислам дека сите би ја заслужиле.

Упте еднаш, честитки за Барцелона. Би рекол сосема заслужено.

Александар Бицевски

Келн, градот во кој најубавата катедрала во Германија, била градена само 600 години

Репликата на Виктор: “Во Алекс го гледам можеби еден од најдобрите играчи во моментов на планетата. Самоуверен, дрзок, лидер, фантастичен шут, одличен преглед на играта, дури и играта во одбрана на високо ниво. Проблемот што го детектирам кај него, дијагнозава осигурана со аргументот промашен пенал, е во чувството на поседување на тимот. Тоа бездруго поради неговите квалитети но и поради конфорот кој го имаат Душебаеви во Киелце. Дали Алекс би бил подобар лидер во друг клуб, би сакал во иднина да видам!”

Сподели на
Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on email

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...