Завесата спуштена

Фото ЕХФ Колектиф

Со низа непознати, нешто малку сомнеж, а сепак со многу очекувања, го чекавме ова ЕУРО 2024 во ветената земја Германија.

Дека се од очекуваното се оствари е несомнено. Гледавме навистина врвен ракомет во голем дел од средбите. Форматот во кој едни играат 3 а други 7,8 или 9 натпревари за мене несреќен. Ја охрабрувам ЕХФ за промени. Искрено, требаат коренити, но од некаде треба да се почне.

Франција, по многу нешта омразена империјалистичка сила, овде во Македонија, ја потврди својата позиција и на герфлорот. Одлична селекција на играчи, играат во исклучителни екипи, феноменално физички подготвени, одлично водени од клупата, самоуверени, сигурни во себе, сосема заслужено на тронот. И што би рекол Тоше и по менталитет слични на нас, балканците, за разлика од овие студениве, кои само навидуму, фини, всушност опасни манипулатори.

Врелата крв на, црномурестите, блискоисточните, северноафричките и балканските фајтери со мала помош од изворните триколори, очигледно е дел од магијата за искачување на врвот. Еден од клучните фактори секако самодовербата !

Првенството мина во знакот на брзиот и експлозивен ракомет. Ако ја иземеме Унгарија и Австрија како неправилност, безмалку сите други се трудеа, а на повеќето и им успеваше, да играат брз ракомет. Видовме од многу селекции и плејмејкери, дека брза игра не значи само трчање, ами и брз пас, пред се.

Без големи изненадувања, а со неколку потреси, Шпанија пред се и секако Австрија, видовме и неколку освежувања, Фарски најмногу но и Грузија. Добар сигнал дека ракометот не се игра само на 3-4 поднебја (Балкан, Пиринеи, централна европа и Скандинавија). Мал чекор за ЕХФ.

Кога сме веќе на Балканот еден кус брифинг, не е веќе новост, сите 6 Југословенски републики да се пласираат. Новост е дека Хрватска веќе не е кандидат за медал, Србија со нозете долги а чергата до Сурдулица, Црногорците регрупирани, водени од начелата на јунаштво и чојство, Словенците во континуитет високо, Босанците со многу товар зад себе заковани на дното. А Македонците, Македонците присутни, без некое посебно влијание, но со една победа која лечи некои рани.

Победа за која пред извесен период и не би пишувале многу, но сега исклучително значајна. Прво и основно носи еден мир и една стабилност во самата репрезентација. Процесот на подмладување во завршна фаза. Македонија не дозволи, а сме имале таква историја, транзицијата да не одалечи од настапите на европско и Светско, иако и за тоа има два става. Второ, донесе на површина некои нови дечки, на кои ќе може да ја градиме во иднина приказната.

Завесата се спушти, прашината така така, ние сега ќе се свртиме кон плејофот кој може да биде исклучително интересен. Пелистер стабилизаран, со еден куп играчи со добри настапи на европското, Вардар за кој чаршијата шепоти дека наскоро би можел да објави одлични вести и Алкалоид кој расте и созрева на сите полиња.

Македонската репрезентација ја очекува еден помалку егзотичен двомеч за пласман на следното Светско, со шармантните Фарски.

А за нив предлагам агресивна одбрана со Добермани и Териери, никако со Шарпланинци и Мастифи!

Одавам и признание на МТВ која како никогаш досега посветено, професионално и издржано се посвети на целото првенство.

Признание и на неколку средовечни легенди кои долго време ќе бидат пример за спортсмени, Карабатиќ, Паличка, Хансен, Линдберг, Божовиќ …

Македонија деновиве го живее еден од најсрамните периоди во својата историја, дезертер и шпион со крвави раце да ја води, но ако, ние сме Пиреј, стануваме и никнуваме таму каде што не не очекуваш !

Сподели на
Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on email

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...