Зеленото се врати во мода !

Некако ми се наметнува, а ние Македонците често сме сведоци дека народната мудрост со векови не одржала, поговорката и Волкот сит и Овците на број !

Па да тргнеме од почеток, од Волкот, фигуративно речено. Битола и Битолската спортска јавност вложија многу во проектот Ракометна платформа. Пари, емоции, енергија и што уште не. Пелистер во фирмата Еурофарм доби исклучително силен и амбициозен партнер. Можеби не од рангот на Вардаровиот Самсоненко, но тука негде. Неискуството низ сезониве им создаваше одредени проблеми. Дел од нив ќе останат и по оваа историска сезона, но фактот дека конечно го детронизираа Вардар, што беше и една од целите на платформата, ќе избрише многу мачни моменти.

Публиката која секогаш е најнестрпливата, помина низ неколку фази, еуфорија, разочарување, тага, бес и се доведе и до една непотребна ситуација на поделби. Титулата ќе ги обедини, и така мора да остане. Во Вардар по поразите се пееше, И кога ќе изгубите нема да Ве оставиме … Впрочем амбиентот од саботата, песната, енергијата, зелоно белите трибини, требa да се доживеат.

Раководството, Еурофарм, на притисокот не беше имун. Кулоарите шушкаа за можен прекин на соработката. Титулата, со нефармацевтски речник, мелем. Доказ дека упорноста и решеноста на долги стази дава резултати.

Пелистер, конечно по неколку мачни сезони, во сезоната кога делуваше доста разроко, сепак ги дочека своите 5 минути. Дека на клубот му недостасуваше домашен материјал одамна беше јасно. Дуото Ацо-Шундо, како да го надомести не само стручното, мотивациското ами и она домашното отсуство.

Зошто сметам дека овците се на број? Во Вардар колата тргната надолу некаде во 2019 та, никако да се сопре. Јавна тајна е дека клубот се мачи да најде стабилни спонзори, по анатемата фрлена од политичката сцена, а не е невозможно и дека хајката против се руско има некакво влијание. Како и да е, газда Михо одамна најави дека ниту има енергија, ниту пари за фрлање, па тој ќе биде тука и ќе го одржува клубот, на апарати дефинитивно, до новото решение. По мајмунските акци на ЕХФ, лани беше сосема јасно дека Вардар и годинава нема да ја помириса ЕХФ лигата на Шампиони. Па во еден ваков развој на настаните, ем газда Михо нема да треба да го продлабочува џебот, напротив, ем Македонија ќе има повторно клуб во групната фаза на Лигата на Шампиони. И волкот сит и овците на број?

Ако мене ме прашуваат, Вардар треба џентлменски да му допушти на “рукито” Алаклоид, во последното коло да се искачи на втората позиција за да добие директно место во групите на ЕХФ Лигата на Европа. Така бенефитот ќе се удвои, оти извесноста дека Европа е предалеку за Вардар е сосема блиску.

Саботата беше прекрасен сончев ден. Широк сокак во своето препознатливо светло. Продефилираа по него еден куп навивачи, измешани со турски туристи, данците на тротинети, лабаво, судиите достоинствено, новинарите благо арогантно, дел од раководството со нескриена надеж..

А натпреварот? Вардарци навикнати на високи дострели, исклучително нервозни. Она што беше нивна најсилна страна овојпат слабост. Вардар распука по сите свои шавови, а можеби и таму каде што беше здраво. Пелистер одигра пак, машки, снажно и одлучно. Иако на моменти делуваше дека нема доволна ширина и дека би можеле кон крајот да попуштат, сепак издржаа. Честитки !

Следуваат две кола, во кои секој треба да го заврши своето крстосување, да се закотви и веднаш да почне да работи. Следната сезона ќе дојде многу брзо. Пелистер со овој ростер ќе биде топовско месо во Лигата на Шампионите, ќе требаат волшепства и клетви за да патувањето не биде само туристичко. Варадар конечно ќе мора да се реструктуира, во спротивно за него следи Металург сценарио.

PS Атмосферата на Бутки, посебна приказна

06.05.2023 Во Битола

Пелистер 26:23 Вардар

Сподели на
Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on email

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...