Let the Handball Begin

На прагот сме на 29 та сезона во ракометна Македонија. За првпат по неколку благо монотони сезони повторно почетокот е најавен со низа промени.

Како најважна промена е враќањето на СЕХА шите во редовно првенство. Малите се радуваа дека ќе имаат можност да се судрат со големите, да видат до каде се, а големите се жалеа на густиот распоред. РФМ во потрага по таленти и идни репрезентативци остана доследна на одлуката.

По низата несреќни настани и благоречено конфузноста на СЕХА, во која најпрво РФМ ги повлече судиите и делегатите, за потоа СЕХА под неразјаснети докрај околности да го исфрли Вардар од Ф4, до најновата најава на тн претседател на СЕХА дека можеби ќе почнат а можеби не на крајот на 2021, некако како прашината да легна.

Ако во изминатите сезони, екипите од вториот ешалон беа срамежливи и по ростер и по амбиции, годинава се чини дека не е така. Па не само Бутел, Пролет, него и Охрид и Струга, Тиквеш и Радовиш, па и вториот тим на Пелистер, чинам годинава нема да излезат со бело знаме на ниту еден натпревар против големата но разнишана тројка, Вардар, Пелистер и Металург.

Каде и што се ниша ?

Во Автокоманда најмногу. Одлуката да донесат сериозни имиња од странство, а да не играат во Европа, можеме да ја разбереме само како најава на борба за тронот. Но дека сеуште работите пред се финансиски а најверојатно и организациски, не се во ред видовме во предсезоната. Пораз од Тиквеш во Струга, па два порази од ватерполо земји, на турнирот во Јужна Македонија. Кризата продолжува, неизвесен е составот со која Металург ќе ја почне сезонава.

Во Битола парите не се проблем. Таму буџетот е стабилен иако не по мерак на врвниот стратег Бабиќ. Но ракометна Битола токму во него го вперила прстот. Победата против Вардар во суперкупот, не беше доволна за никого во Битола. Впрочем катастрофалниот настап во СЕХА елиминациите ја зовреа атмосферата. Бабиќ како да крена раце, но дали и битолската одлична ракометна јавност?

Во Вардар овојпат навидум се е во ред. Но дали? Чудната елиминација подгреаа многу теории на конспирација. Дали барем една од нив ќе биде вистинита наскоро ќе дознаеме.

Од друга страна, освежувањата доаѓаат и во првата лига машка каде се појави новиот РК Алкалоид, но и во женската супер лига, каде имаме 15 екипи и еден поранешен европски шампион во воскреснување.

Алкалоид најавен како апдејт на КЛ7 Голден арт, сега со повеќе искуство и со посериозен организациски и стручен тим, а Ѓорче на крилата на романтизмот и на еден солиден спонзор. Овие вториве дека не се шегуваат покажаа со организацијата на исклучително симпатичниот турнир на отворено, пандан на Струга, но и со освојување на истиот, кој за наши услови и небеше со слаб квалитет.

Денеска во РФМ беше изврешена ждрепката и за Првата машка но и за Супер женската лига, па со тоа сите предуслови за почеток на сезоната се исполнети.

Накусо, нека оваа година биде престапна и од тука нека продолжи подзаспаниот раст на клубскиот македонски ракомет!

Сподели на
Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on email

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...