MythBusters, или разби ли ракометот по некој мит?!

Фото ЕХФ Стадионот претворен во ракометна арена

Митбастер или одгатнувачи на митови, во мој слободен превод, е научна, забавна ТВ програма, која беше премиерно прикажана во 2003 та година на Дискавери каналот. Водителите Адам Севиџ и Џејми Хајман, инаку експерти за специјални ефекти, користејќи научни методи, разоткриваа и тестираа валидност на низа гласини, митови, поговорки, тези, видеа и легендарни филмски сцени.

Следејќи го европското првенство кое се игра во Германија, во неколку наврати се најдов во улога на овие двајцава, иако сосема неквалификуван, да поставам неколку тези за одгатнати ракометни митови.

Можеби грешам, а можеби и не !

Еве ја мојата листа на одгатнати ракометни митови:

Мит број 1 Старите, возрасните, играчи неможат да придонесат доволно! Овој мит паѓа во вода веднаш кога ќе го погледнете учинокот, залагањето и импактот во играта на, еве само овие тројца играчи: Никола Карабатиќ 39 години, легитимен кандидат за МВП на ова првенство, Енди Шмит 40 години, Ханс Линдберг 42 години.

Мит број 2 Младите се премногу неискусни за да бидат корисни за тимот ! Овој мит го рушат неколку исклучителни ликови, меѓу нив и нашиот Марко Митев 20 години, кој со последните настапи во квалификациите и трите дуели на ова европско се профилира во легитимен лидер на Македонија. Мартим Коста 21 година, водечки на листата стрелци. Константин Мостл, ако добро го изговорив, 23 години, голман со најголем број одбрани досега на првенството.

Мит број 3 Натурализираните играчи не ја пеат химната. Јанко Божовиќ, Црногорецот роден во Бар, син на една Југословенска и црногорска ракометна легенда, со нескриена страст игра за својата втора татковина и со истата таа страст ја пее химната на Австрија. Митов можеби надвор од Македонија и да е не е толку актуелен. Но овде и тоа како, земајќи ги в предвид еден куп фудбалери на кои Македонија им дала се а тие упорно ја омаловажуваат при секое интонирање на Денес над Македонија се раѓа !

Мит број 4 Долгата клупа е пресудна за успехот. Овој Мит го разби Австрија која со едвај 8-9 играчи во ротација е најпријатното изненадување на турнирот и го освои високото 8 место, пред велесили како Норвешка, Исланд, Хрватска, Шпанија па дури и Холандија, Полска.

Мит број 5 Физички малите играчи можат да играат само крило или централен бек. Митот го растураат безброј плејмејкери кои играат на левата и десната бековска позиција. Ги нотирам Гидсел, Клар, Питлик …

Мит број 6 Само големите сили, земји имаат доволно играчи за сериозна селекција. Митот несомнено го урнаа Фарските Острови, за сликата да биде покомплетна ги додавам Исланд, Црна Гора, па дури и Словенија и Македонија.

Мит број 7 Тешката артилерија е минато. Митот го уриваат Џиновите на Унгарија. Снажни, грамадни, високи, тешки, брзи.

Мит број 8 Врвните голмани немаат лош ден. Перез де Варгас против Хрватска и Волф во едно полувреме против Хрватска покажаа дека и тие се од крв и месо.

Мит број 9 и последен за овој мој пресек, Ракометот е “дворански” спорт, спорт за во сала. Премиерата на ова европско одиграна на фудбалски стадион, иако според моите потреби за гледање ракомет не соодветна, сепак со примена на некои современи ИТ и Лед технологии може да се надополни, покажува дека овој спорт има своја иднина и во еден поинаков правец. Секако за тоа се потребни коренити промени во правилата и во судиските процедури.

Хм, не е лошо …

Во очекување на полуфиналниот петок …

Сподели на
Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on email

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...