Моите новинарски гуруа од новата ера, Иван, Фран и Хрвоје, темава ја сметаат за една од клучните во спортот. За да се би имало смисла, сите аквизиции, напорната работа, инвестициите, потта и крвта, на крајот сакаме да сумираме.
Почнувам веднаш и директно. Со губитниците:
Металург, клубот воден или неводен, небитно, веќе го нема. Штетата за македонскиот ракомет и за угледот на Металург немерлива. За жал ниту виновник детектиравме, ниту некој презема одговорност. Изгубивме сите, Автокоманда, Скопје, Македонија, играчите, тренерите!
РК Тинекс Пролет, екипата од скопската населба, со години беше синоним за цврста и бескомпромисна екипа. Беа лидери на вториот ешалон, составени од искусни борци, засилени со некој талент и македонска надеж, редовно конкурираа за трет најдобар тим. Иако имаа сезони за паметење годинешнава ќе биде за заборав. Не успеаа да влезат во плеј оф, па сега низ плеј аутот ќе се обидат да се вратат на своето ниво.
Томи Јагуриновски, момчето кое по северната терапија заблеска во македонскиот дрес. Селекторот, заменикот па и соиграчите не штедеа пофални зборови за напредокот на Томи. Во моментот кога беше јасно дека островската авантура завршува сите погледи беа вперени кон Вардар, Пелистер па можеби и кон Алкалоид, за кого е веќе извесно дека ќе биде новиот Металург во македонскиот ракомет. Но Томи шокира со неговата одлука. Преселба во Тинекс Пролет, во моментов за повеќето ракометни познавачи и вљубеници делува како лоша одлука.
Битола, поразот на 1 ви мај остави длабоки лузни. Дали јавноста беше пренестрплива или едноставно никогаш поблиску не беше титулата. Како и да е, Широк Сокак не простува. Неколкумина само ќе бидат наброени без посебно образложување. Бабиќ, Мандалиниќ, Периќ…
Листата на победници, за среќа мошне подолга:
РК Вардар 1961, сезона во една длабока неизвеснот со многу вртоглави подеми и уште пожестоки падови. На крајот на денот, иако работата не е завршена, титулата во домашното првенство доаѓа како терапија со матични клетки за црвено црното семејство. Дали оваа терапија ќе ја спаси организацијата сеуште е нејасно но дека ги спаси вардаровите амбиции, тоа секако.
Кирил Лазаров, од самото доаѓање на чело на репрезентацијата беше душевна храна за сите ракометни душегрижници. Лошите резултати на европското ја зовреа атмосферата. Но со неколкуте одлични изданија на репрезентацијата и преродените Талевски и Кузмановски, селекторот со крената глава гледа во иднината.
Талески, од времето кога социјалните медиуми неможеа без него, до деновите на Тале мајсторе и безмалку двоцифрена егзекуција на секој натпревар, на Македонија и на Вардар можеби и не помина многу време. Тале како да ги послуша советите од поискусните и престана да мисли на опкружувањето, почна да игра, да ужива во играта.
Еурофарм, 1 или 2, можат да бидат горди на своите две постави, нивото на игра и импактот врз македонскиот ракомет. Непроценливо искуство се сезониве за раководството, верувам дека со сите чекори кои ги преземаат, Битола и Македонија долго ќе се радува на успесите на култниот Пелистер.
Македонската женска репрезентација, кадетките направија сериозен исчекор, Македонија е во првиот ешалон а згора на се летово презедовме и домаќинство на едно врвно светско натпреварување. Останува уште и сениорките да изгинат есенва па да ја сметаме оваа календарска година за една од најуспешните во изминатива декада или две. Доколку овои успеси бидат испратени и со подигнување на нивото на првата лига и клубовите, нема посреќен од нас да има.
Миркуловски, жива легенда на македонскиот ракомет. Се прости од националниот дрес на најубав можен начин. Одличен натпревар, одлична атмосфера, многу емоции. Жути многу среќа во понатаможната кариера!