“СТАР СИ КОГА ЌЕ СЕ ОТКАЖЕШ, ДОТОГАШ СИ СПЕКТАКУЛАРЕН”

Иако беше врнежливо попладне, иако тој трети април беше прав пролетен превртлив ден, иако беше ден – ни риба ни девојка – сепак полни со елан и ентузијазам и јас и Виктор со нетрпение го очекувавме овој ден. Иако тој ден и двајцата физички па и ментално бевме целосно потрошени, после истрчани полумаратони и извозени 70-тина километри на велосипед, сепак енергијата ни беше ни високо ниво.

Па и не е мала работа, гостин да ти биде Големиот Тимур Дибиров.

Имавме некоја позитивна трема, возбуда, како ќе поминеме, што да кажеме, што да прашаме. Но на крајот сепак решивме одиме како и досега, без посебни подготовки, без ракавици. Па впрочем и затоа Тимур прифати да биде наш гост, само заради таквиот стил на комуникација за која што еве ќе бидеме и прв пат малку нескромни ќе кажеме дека ни одговара што веќе ја препознаваат.
И се беше така како што и (не)планиравме, тргна спонтано, разговор лесен како песна, Тимур, одличен соговорник, скромен, а велик, пристоен и внимателен, елоквентен и спонтан.
И се беше во ред, додека оддеднаш на сфативме дека животот повторно те носи пред такви предизвици, те исправа пред такви нагорнини, да не знаеш што те чека од таа страна.

Тимур објави дека ова е последната негова сезона во Вардар!

Изјава за неверување, шокантна, дури наликуваше на задоцнета првоаприлска шега. Ама не ќе да беше.
Дека не беше шега, се виде од неговите очи. Полни сеуште со жар но и полни со солзи, оние машки, што печат. Кој ги пуштил, знае за што зборувам.
Оваа вест на оние што го сакаат Вардар, знам што ќе им значи.
Тој е играч, а пред се човек кој што ако го немаш во тимот мораш да го измислиш и да го створиш за да го имаш. За неговите спортски достигнувања, титули, резултати и голови во овој текст ќе нема место, затоа што тие што ќе го читаат ова, веќе оддамна ги знаат сите негови достигнувања. За неговите достигнувања како човек и како играч дел од тимот, е за тоа сакам да кажам нешто.

Она што за една куќа е цврст и стабилен темел за да не падне, тоа за Вардар е Тимур Дибиров. Секако со должна почит тој темел апсолутно е поткрепен и со Стоилов, а во минатото и со Карачиќ и Чупиќ.
Но да си дозволиш така лесно да си ги поткопаш тие темели, тоа значи дека таа куќа нема иднина.
Тимур Дибиров, играч кој е синоним за Вардар, врвен професионалец, крилен гол “убиец”, личност која креираше своја ера во Вардар, играч кој донесе победнички менталитет, играч кој со своето доаѓање во Вардар во 2013, најави дека нешто сериозно се подготвува, играч со чие што доаѓање широко се отвори вратата и за сите останати играчки величини, играч со почит и респект каде и да се појави, личност со идентитет, поистоветен со Вардар. Личност која го сака Вардар, чии што достигнаувања не беа само на паркетот, личност која што ја “држеше” соблекувалната на Вардар, личност која што на сите новодојдени играчи не жалеше ни време ни нерви да им објасни каде се дојдени и што се очекува од нив.
Е да си дозволиме да изгубиме ваков играч и пред се човек навистина треба да имаме благи изместувања во перцепцијата за она што е реално и што е корисно за твојот тим.
Епитетот “Спасител на Вардар” за жал мора витешки да биде отсапен и вратен.
Господа, одговорни и способни да го спасувате Вардар (за жал знам дека се’ помалку и помалку ве има и дека тоа ви е се’ потешко и потешко) вам ви праќам директна порака.
“Лојалноста во денешно време е многу ретка појава. Ако ја најдeтe, чувајте ја”.

За крај
ТИМУР МОРА ДА ОСТАНЕ.

P.S.
Тимурe,
Ако не читаш ако се уморен, сети се да се одмориш, а не да се откажеш.

Р.Ѕ.2
И за крај една руска. Убава руска.
“Ако за некого не знаеш колку ти е потребен и колку ти е важен, затвори ги очите и замисли дека го нема. Никаде. Го нема и нема да го има. Тогаш ќе ви биде се јасно”. Антон Чехов

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...