CATCH THE EHF EUROPEAN LEAGUE Еурофарм Пелистер 21/22

На нешто помалку од двегодишнината од фузијата на Пелистер и Работник, битолскиот тим ќе ја започне овогодишната одисеја во ЕХФ Европската Лига. Интересно за сите оние кои не се толку запознаени со историјата на ракометот во Битола е дека ова не е нивна прва фузија. Па така низ историските списи ќе најдеме дека веќе во сега далечната 1967 година, двете екипи се здружиле во една, РК Пелагонија.

За Пелистер се врзани многу моменти на пионерство. Па така Пелистер е првиот македонски клуб кој играл во европски натпреварувања, 1986 год, прв кој стигнал до четвртфинале на ЕХФ Купот, па легендарното полуфинале со Лемго, прво за македонски тим во Европскиот куп на победници и како круна на тој период и финалето во 2002 во ЕХФ Челенџ купот. Вредно да се додаде и дека првиот меч во прелиминартната фаза од новоименуваната ЕХФ Лига на Шампиони во сезоната 1993/94, беше токму помеѓу Пелистер и Цеље во Битола !

Во современа Македонија, Пелистер долго време беше најуспешниот клуб. Oсвоени 6 титули првак на Македонија и 5 освоени купови. Некако пишувајќи ги овие редови почуствував како да му се обраќам на врвниот стратег Бабиќ.

За Битола и страста на битолчани за спортот и за ракометот денес нема да зборувам.

Ќе прелетаме тивко како едрилица преку групата Д од овогодишната ЕХФ Европска Лига. Во неа, унгарска Татабања, македонскиот Еурофарм Пелистер, јужниот АЕК, португалскиот Спортинг, францускиот Ним и швајцарскиот Кадетен.

Групата се чини неатрактивна, па дури и французите не се од врвот, како ПСЖ, Нант, Монпеље… но исклучително тешка. Станува збор за одлични и искусни клубови.

Ним е клуб кој е основан 1960 година, 4 пати бил шампион во Франција, последен пат 1993 та. Веќе следната 1994, инаку онаа истата во која Пелистер го забележа првиот дуел во новоформираната ЕХФ ЛШ, стигнуваат и до својот најголем успех пласман во полуфиналето.

Составот е главно на галски погон од кој најзвучно име секако е Михаел Гигу, кој во својата 39 та сеуште е перјаница на тимот. Тука се и двајца фараони еден викинг и еден резервен голман словак. Дека француската лига е една од најјаките е факт, а освоеното 5 место секако е показател за сериозноста на овој тим и никако не треба да ги залаже битолчани.

Татабања во моментов е трет унгарски тим по квалитет, веднаш зад Веспрем и Пик Сегед. Основани се далечната 1942 и најголемите успеси ги имале во седумдесетите и осумдесетите години од минатиот век. Не се никако за потценување иако во минатата сезона два пати играа со Пелистер и двапати изгубија. Во тимот базиран на играчи растени на гулаш, највпечатливи имиња се десните бекови Анчин и Балог, романецот Фотаче на лев бек, па можеби и полскиот голман Вишомирски. За мене интересен член на стручниот штаб, тренерот на голмани Харис Поробиќ.

Спортинг е најстариот од оваа група, основан 1932 год. Но тој е и најегзотичен клуб, по состав но и по стил на игра. Португалскиот ракомет е во подем, а Спортинг е еден од клубовите заслужни за тоа. Два пати го имаат освојувано челенџ купот, а во сезоните кога настапувал во лигата на шампиони често играл со македонските, Металург и тогашен Еурофарм Работник. Интересно е дека со Пелистер се сретнал и во фазата на осминафинале во нивната шампионска 2017 во челенџ купот. Од играчите отскокнуваат голманот Скок и бекот Руесга.

Како и Татабања и Кадетен е клуб со кого битолчани играа и минатата сезона. Еднаш нерешено, еднаш изгубија. Кадетен е клуб со богата историја, и е составен главно од домашни играчи и германци. Од странците најголемото внимание го привлекува бившиот вардарец Кањелас.

За последниот противни АЕК, само ќе споменам дека е најмладиот тим основан во 2005, но веќе успеал да освои 4 титули домашен шампион како и една титула, минатата година во ЕХФ Европскиот Куп. Во еден пријателски дуел успеале да го победат Пелистер. Кај нив најистакнат член секако шпанецот Угалде.

Сезонава која следи ќе даде одговори на повеќе прашања. Еурофарм Пелистер маркетиншки добро го покри пелагонискиот регион, па така навивачите веќе трета година по ред чекаат да се испорачаат резултатите. За среќа корона лудилото полека минува па и публиката ќе се врати на трибините. А ако за Вардар велат дека не е ист со публика и без, тогаш кој не бил во Битола на натпревар на Пелистер, тој незнае што е навивање!

Првиот одговор, првата цел, секако е титула во домашното првенство и детронизирање на Вардар. Како почна сезонава таа цел делува сеуште далеку. Иако ништо воопшто не е решено.

Втората цел е резултат во Европа. Се освен финале, битолската ракометна јавност ќе го смета сигурно за неуспех. Бранувањата на Широк Сокак се се посилни. Прв на тапет е Бабиќ, па сите понатаму. Знам дека на листата високо котираат и уште неколку играчи.

Доколку Бабиќ и овојпат испорача стратегија на позиционирање според буџетот, а не по принципот мора и може со секого, верувам дека неговата одисеја под Тумбе Кафе неславно ќе заврши. Тогаш погледите некако кон север и далечните зелени острови ќе се свртат. Но доколку седне и ги засука ракавите, па престане да бара изговори, а почне да гради тим, тогаш со помош на домашната публика верувам дека може да гледаме една од оние славни битолски, европски ракометни сезони.

Тимот наизглед делува пополнет на сите позиции но, се наметнува прашањето кој е лидерот? Од друга страна брзопотезното помирување со напуштање на клубот на еден од подобрите играчи, кружниот напаѓач Кушан, не тера на размислување. Идејата за комбиниран состав од квалитетни македонски и значајни странски играчи, одлична.  

Ноември е близу, Пелистер треба и мора агресивно да нападне и да победи во колку што може повеќе натпревари. Резултатот му е потребен на тимот, на Битола, на публиката, на чкембарите, на македонската ракометна јавност!

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...