El comandante

Вториот учесник на ЕХФ Ф4, 2021, нам одлично познатиот Париз, ПСЖ. Некако со нив и Барса, во дуелите со нашите Металург и Вардар, сите ние го спознавме врвниот ракомет. И не само тоа, ами и дојдовме до спознанието дека и ние коњ за трка имаме.

Втората врска со Париз е Раул Гонзалез. Ел Команданте ! Тој дојде тивко во Македонија, и стана легенда. Го однесе Вардар на европскиот трон. Некако идеалот за тивкиот и скромниот Раул беше нарушен со неговото брзо и ефикасно бегство по катарските златници, при тоа оставајќи ја репрезентацијата во лер, па и на надолнина. Но сепак Раул ќе остане запаметен како одличен и посветен познавач на ракометот, но и на македонскиот јазик.

Во Париз дојде да донесе титула во 2018 година. Се пожали малку дека животот во Франција не е така убав како во Македонија, побара неколку големи играчи, доби се, а титула сеуште ПСЖ нема. Фокусот и притисокот врз него мора да е огромен.

ПСЖ е формиран во далечната 1941 година. Одтогаш до денес има променето неколку имиња. Но последното го добива во 2012 со влезот на Катарскиот QSI фонд. Интерсено во периодот од 1994-1997 на тренерската функција го имале нашиот Ристо Магдинчев. Последнава деценија доминираат во францускуто првенство и успеваат 3 пати да стигнат до Ф4. Во првиот губат од Вардар во легендарното финале, а во следните од Нант и Барса но сега уште во полуфиналето.

Дека се еден од најскапите и најдобрите тимови е навистина јасно. Но исто така станува јасно дека ѕвездите не играат секогаш како што треба. Па токму во тој правец можеби ќе биде и иднината на клубот. Помалку ѕвезди повеќе резултати.

Играат апсолутно модерен ракомет. Изобилуваат со фантастични поединци. На голот се французите Жанти и Жерар, на лев бек неприкосновениот Хансен, кој со сета своја големина и квалитет сеуште нема шампионска титула и горопадниот Пранди. На центар сега рековалсцентот Никола Карабатиќ и чудото лале Стеинс. Десно горостасот Криштопанс и извонредниот Ремили. Пикери Лука Карабатиќ, Тофт Хансен и полската снага Шипржак. Крилата се можеби и најслаткиот дел, невообичајно некогаш бекот Гребиј, атлетата Наи, Коку и шпанецот Соле Сала. Шпанската подршка доаѓа и од извонредниот дефанзивец Морос.

Сезоната ја започнаа лошо со два порази, но од тогаш играа се подобро и подобро. Клучно во сето тоа беше местото на лалето Стеинс, како и експлозијата на Пранди и Наи. На крајот во групата втори со 4 порази, два од Флензбург и по еден од Киелце и Мешков. Играат многу ефикасно и постигнуваат 33 голови по натпревар, додека примаат нешто под 30. За нив клучен дуел сезонава оној со Кил, двомеч со две лица. Во Кил каде не издржаа и во Париз каде ја потврдија класата.

Несомнено притисокот е огромен. На врвот на пирамидата, Ел Команданте, веднаш донего Хансен. Првиов за да го потврди епитетот најдобар тренер а вториов за конечно да дојде до титула. Можеби враќањето на Карабатиќ е добро за нив но можеби ќе создаде и дебаланс во веќе создадената нова бековска линија. Допрва ќе видиме. Коефициентите на кладилниците високо поставени во корист на французите, но дуелот со данците секако нема да биде едноставно лесен.

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...