БРАНЧЕ НЕ ДОЗВОЛИ „БРКАНИЦА“ ВО АВТОКОМАНДА, ПЕЛИСТЕР „НА ТИВКО“ ЈА „ПЕЧЕШЕ“ ПОБЕДАТА ПРОТИВ АЛКАЛОИД!

Автокоманда. Пролет, рана или доцна? Којзнае. Температури кои асоцираат на решавачки дуели во поделба на одличјата, натпревари кои решаваат кој ќе ја освои титулата. Гостува шампионот, можност да се земе „скалп“ и ом еден удар да се „утепаат“ две муви. Да се подигне атмосферата во клубот, по релативно лошиот старт на вториот дел од првенството, но и да се направи приклучок кон борбата за титулата. Врвулица од луѓе. Нервоза или задоволство од тоа дали си го решил прашањето за паркинг, околу (пре)тесната, култна сала, која не може да ги задоволи барањата на сите вљубеници на ракометот.

Доаѓаш порано од потребното, за традиционално, во преполната слаткарница на Џеко (на Елмас стрико му де!), со група од убај луѓе и пеперутки во стомакот, во стилот на Баба Ванѓа да се предвидат случувањата или да се презентираат личните желби за конечниот исход…

Добро позната атмосфера од некои минати времиња, барем за нас „задоените“ во населбата со највисок БДП во државата.

.

Сепак, нема ништо од „скалпот“ на шампионот. Тешката артилерија на Бранислав Ангеловски, составена за некои повисоки, европски дострели, многу искусно и до детали скенирано, ги освои бодовите, убедливо победувајќи го Алкалоид, предводен од неговиот доскорешен соработник.

Сепак, стартот на натпреварот не навестуваше таков, убедлив триумф со двоцифрена разлика. Домаќинот, стартуваше со зона 5 -1 или 5 + 1, доверувајќи му на црномурестиот Бинго задача да го следи капитенот на гостите, со упатства и насоки при прием на топка да се игра агресивно, дрско и по малку „прљаво“ на играчот со краток фитиљ, со цел дестабилизација на истиот. Дестабилизација на лидерот на екипата, играч за кој пред некое време пишувавме специјална колумна, препознавајќи го моментот и улогата на Фитиљот.

Тактичка поставеност која, на краток рок го изненади противникот, но и остави пет играчи во зоната, остави доста простор за Пешевски и ги постави позициите 2 и 5 да бидат доста ранливи и релативно плитки. Тактичка поставеност која уште еднаш покажа дек Французинот нема тактички и ментален капацитет да одигра „индијанец“, улога која бара многу ракометно знаење, предвидување на работите и „курназлак“. Нејсе, Алкалоид на стартот, повторно со Георгиев и Младеновиќ во напад одржуваше рамнотежа.

Пелистер од друга страна, со 6-0 зона и една измена во однос одбрана / напад, допатува од Битола, со една цел, а тоа е да не му дозволи на домаќинот да се „разлета“ по теренот, имајќи превид дека само и само на тој начин може да биде конкурентен, против, реално посилен противник. „Свирката на Бранче“ се слушаше во Автокоманда секогаш кога имаше навестување дека се спрема некаква „јурњава“ по теренот, знак дека треба да се смири играта и постави тоа што е договорено. А богами видовме дека популарниот Бранче, каков што го знаеме од времето кога уште играше, не спиел многу периодов и добро ги „вооружил“ со тактички детали своите играчи.

Алкалоид, без разлика кој го предводеше нападот изгледаше далеку подобро од претходно, пред се поради конкурентноста на линијата од 6 метри, каде Петров, после повредата се враќа во препознатлива форма. Некој ќе рече, Петров промаши неколку зицери, и во право е, но просторот кој го обезбедува корпулентниот Велешанец и вниманието кое го привлекува кога е во игра е далеку попродуктивно. Покрај Митев, кој како и вообичаено сам може да си обезбеди ситуација, видовме дека и десната страна на Алкалоид, во саботата го искористи просторот и „удвојувањето“ на Петров. Сепак, иако домаќинот се засили со странец на едната крилна позиција, а имајќи предвид дека на десно, поради сериозни повреди на крилните играчи нема класично крило, Алкалоид на дербито против Пелистер на бочните позиции беше непродуктивен. Во таква ситуација, на принудна густина на средината на зоната, каде имате играчи од типот на Василев, Кузмановски и Цехте, многу тешко е да се пробие истата. Сето тоа доведе до тоа задната линија на Алкалоид да се „мачи“ за секој погодок, односно многу тешко да доаѓа до позиција да реализира.

Тактички мирната и спора игра на Пелистер и густата зона, без многу трчање и наттрчување го направи натпреварот да биде неквалитетен и старомоден. Но, целата ги оправдува средствата.

Што се однесува за Алкалоид, неколку работи можат да се потенцираат. Голманите, кои не одбранија ништо и не го дадоа придонес, за одржување на неизвесноста, не успевајќи да одбранат ништо „од надвор“, особено во ситуацијата со Цехте, на кој (не)оправдано беше поставена доста плитка зона. Но, од друга страна и доста конкурентната 5-1 со Џонов како преден играч, играч кој има голема доза на спортска интелигенција, и зона која создаде доста проблеми на нападот на битолчани на почетокот на вториот дел, но и зона која треба да го реши прашањето на играч кој ќе покрие позиција пет, а истиот да биде продуктивен во напад (на пример Младеновиќ). Во таква ситуација, каде мојот впечаток беше дека на Ангеловски натпреварот, „му беше гледан“ претходно, реакцијата беше соодветна со поставување на против игра од 7-6 во нападот од страна на шампионот.

Да резимираме. Пелистер, по евро авантурата, делува одморено и фокусирано на домашниот шампионат, и втор натпревар за кратко време (после оној во Охрид од Купот) покажа зрелост и квалитет. Кузмановски е вистински лидер (во секоја смисла на зборот), Пешевски игра солидно, Радивојевиќ безгрешно, а Тајник, каков и да е ракометот го има совладано во земја која е фабрика за средни бекови. Сепак, во саботата, Пелистер со одлична тактичка поставеност, на Словенечки погон освои многу значајни бодови во Скопје.

Веќе утре, во „Јане Сандански“ Пелистер може да ја завери титулата и да остави простор за подготовка за вториот трофеј, но и да даде можност на запоставените Македонци, да добијат минутажа во суперлигашка конкуренција. Пелистер и Бранче сега имаат нов предизвик, а тоа е освојување на титулата во домашниот шампионат без загубен бод. Тие 0/14 од ЛШ „низ нос“ им ги извадив(ме), затоа е можеби време за „ретурн“ со 14/14 во домашниот плејоф.

Ќе видиме веќе утре на гостувањето кај „двократниот“.

п.с. Слушнав дека Охрид победил во Кавадарци и во директен дуел покажа(л) дека, во моментов е поквалитетен од Тиквеш. Не знам, не ја гледав, затоа што, иако сме „шака народ“ не можеме да се договориме околу термините на одигрување на натпреварите од плејофот.

Штета.

Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...