Фараните се „мејнстрим“ селекција, Македонија ја има традицијата на своја страна

Ракометна Македонија е пред нов предизвик, а тоа е продолжување на долгата низа учества на големите натпреварувања, стартувана пред крајот на првата деценија од веков во кој живееме.

СЕЛЕКЦИЈА СОСТАВЕНА ОД „МЕЈНСТРИМ“ ИГРАЧИ, НИСКИ ПО РАСТ, СО ОДЛИЧНА ДУЕЛ ИГРА И ВРВНА ТЕХНИЧКА ПОДГОТВЕНОСТ

Предизвик наречен Фарски острови, селекција за која многу се зборува овие денови, која што пошироката јавност ја запозна на првенството во Германија, а онаа стручната некоја година порано на јуниорските првенства. Селекција која иако е под влијание на Данска (и административно и ракометно преку селекторување), сепак според физиономија на играчи повеќе личи на Исланд. Селекција составена од релативно ниски играчи како Елефсен и Мутин, бундес крилото Тајгум но и новата аквизиција на Хановер, Пулсен. Ниска по раст, исклучително цврста, составена од „мејнстрим“ играчи кои се исклучително силни во дуел игра, „досадни“ и логично, за земја која гравитира околу Скандинавија, играчи со одлична техничка подготвеност. Комбинација која не е нималку посакувана, во која секој создаден играч повеќе брзо и релативно лесно се трансформира во „зицер“ позиција. Да бидеме искрени, во моментов, оваа селекција има два тројца играчи кои играат во подобри клубови, но како ростер и ширина на истиот, не е комплетна, односно Македонија има повеќе играчи кои можат да одговорат на предизвикот. Напаѓачки можеме да очекуваме, Фараните да играат и 7-6, како формација која комплетно им доликува, имајќи предвид со што располагаат на надворешните позиции, можеме да очекуваме Елефсен, како главен играч да „троши“ многу топки, да постигне или од него да бидат постигнати повеќе од половината погодоци.  Што се однесува до зоната, ќе биде чудо ако противникот одигра нешто друго освен 6-0 зона, во стилот на актуелниот европски шампион, релативно ниска, но за нијанса подлабока од своите „ментори“ во ракометот. Транзицијата е препознатлива за Скандинавците и нема потреба многу да се коментира, со надеж дека на претстојните бараж дуели нема, уште еднаш, да се увериме во нејзината „убиственост“.

МАКЕДОНИЈА Е ТАА КОЈА ТРЕБА ДА ДИКТИРА ТЕМПО И ДА НЕДОЗВОЛИ ИГРА КОЈА НЕ И ОДГОВАРА

Но, она што е поважно, барем според мене, е тоа како ќе изгледа нашата селекција на двата дуели на 8-ми и 12-ти Мај. Пред нас имаме селекција од трет ешалон, колку сега да сакаме да ги ставиме во редот на фаворити или селекција која може или треба да диктира ритам и (не) ни дозволува да ја играме играта која нам ни одговора. Селекторот го состави потесниот список на играчи, а воочливо е дека коментарите на ФБ заедницата се веќе ретки и не така „отровни“ како пред две-три години. Тоа значи, или дека селекторот ги најде „идеалните“ или дека интересот се намалува и полека мак ракометот, што се однесува до тоа кој ќе ги брани националните бои, влегува во фаза на апатија. Можеби и подобро е да биде така, за тимот да има мир и без „таласање“ да се подготвува за предизвикот наречен пласман на СП 2025. Како и да е, списокот е тој, со едно, класично, десно крило и дузина играчи на линијата на шест метри, од кои двајца имаат предзнак дефанзивци, Македонија ќе атакува на позитивен резултат на двата дуели.

ПРОБЛЕМОТ СО „НЕФУНКЦИОНАЛНИ“ КРИЛА И ЕДНОНАСОЧЕН ПИВОТ ЈА ДЕСТАБИЛИЗИРА ЦЕЛАТА ФИЗИОНОМИЈА НА ТИМОТ

Што може да очекуваме од македонскиот национален тим?

Проблематичност во однос на крилните позиции, каде што на едната, онаа десната, имаме само еден избор на класично десно крило, со можност на „испомош“ да влетаат Серафимов и Велковски. Постариот Костески, со едно големо натпреварување зад себе и мала минутажа на истото, е релативно неискусен во однос на носење на дресот со државниот грб. Тие што барем еднаш го облекле истиот, можат да потврдат дека играње за клуб и национална селекција е разлика помеѓу „Бог и шеширџија“. На другата страна имаме избор на двајца талентирани играчи, од кои едниот влегува во сериозни играчки години, неколку пати е на списокот, додека другиот е физички импресивен, технички и ментално треба сеуште да напредува. И двајцата немаат континуитет на натпревари, особено на високо ниво, делејќи минутажа со Дејан Манасков во својот клуб. Сигурноста и самодовербата која се неопходни за вакви нокаут дуели се добиваат со пружање добри партии на големи натпревари, во континуитет, а такви овие двајца немаат или ги имаат во недоволен број. Дополнително, освен Атанатасиевиќ кој може да одигра на позиција преден на 5-1, практично во одбрана и тројцата се неупотребливи. Џонов и Велковски како играчи кои може да имаат улога во зоната ќе бидат изненадување за противникот, можеби од самиот старт.

Ваквите ракометни карактеристики на нашите крилни играчи, со дополнителен товар во Пешевски како играч кој игра тотален ракомет, создава проблем во составување на комплетната физиономија на тимот и поставување на играта со Марко Митев, како играч на кој, во таква ситуација не може да му се најде место во зоната, а на сите ни е веќе јасно дека „малиот“ ја прави разликата во играта во напад, и во својот Алкалоид и во националниот тим. Токму затоа, селекторот или ќе постави 5-1 зона со Атанасиевиќ или Џонов на преден и Митев на краен, со Пешевски од самиот старт со измена напад/одбрана, или ќе постави 6-0 зона со Талески и Маркоски и Митев на клупата ИЛИ ќе внесе во игра решение во две насоки на позиција пивот во името на Лазаревски, со зона 6-0 и само една измена на Митев во напад/одбрана. Противникот игра многу брзо, има одлична транзиција и луксуз од типот на две измени, не е посакувана опција, а од друга страна како нужна се покажа комбинацијата Митев – Кумановски, комбинација кога ракометниот Брус Ли е „главен“ во нападот која покажа убав потенцијал.

Македонија има одлични голмани, и само прашање на инстинкт или моментално чувство е прашање кој ќе почне натпревар. Томовски брани одлично цела сезона, за жал со малку меѓународни натпревари. Митревски последниот месец е „главен“ во Порто и брани во голем стил.

ФАРАНИТЕ НЕ СЕ НАУЧЕНИ НА АГРЕСИВНА ЗОНА, 5-1 ИЛИ 6-0 ДЛАБОКА СО ФИТИЉ И МЕЧКА

Сегментирано, што се однесува до одбранбената зона, опциите ги наведовме погоре, со тоа што, според мене посакуваната 5-1 зона, противникот би ја „спуштал“ со противигра 7-6. Играчите кои ја сочинуваат селекцијата на Фарски острови, имајќи предвид клубовите во кои играат и филозофијата која ја негуваат истите, немаат навика да играат против агресивна зона, и без разлика на нивната подвижност и структура на играчи, моето гледиште на работите одат во насока дека, Македонија треба да форсира контакт игра и зона 5-1, релативно длабока. 6-0 како зона е алтернатива, но не со Маркоски и Талески на централни позиции, како високи играчи кои тешко добиваат дуел со многу пониски и побрзи играчи, особено кога ќе им се овозможи убав залет и добра топка, карактеристична за скандинавците. Кумановски, со Лазаревски, (не)оправдано отсутниот Павле Атанасиевиќ или можеби изненадувањето Михаил Аларов може да бидат решение на средината на зоната, длабока 6-0, каде дуелот со Мутин и Елефсен ќе биде на 9-9.5 метри, со шанса за помош од соиграчите.

НА НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ МУ СЕ ПОТРЕБНИ АДЕКВАТЕН ПИВОТ И КРИЛО, КОИ ЌЕ ОВОЗМОЖАТ МИТЕВ ДА ИГРА ВО ДВА ПРАВЦИ, КАКО ЛИДЕР ВО НАПАДОТ И ТРАНЗИЦИЈАТА

Нападот, како што спомнавме и претходно, во многу ќе зависи од тоа дали Митев и Кузмановски (кој треба да биде за нијанса покорисен од Јануари, имајќи предвид минутажата и улогата во тимот на Пелистер) ќе можат заедно, но и од тоа колку крилните играчи, со сигурна реализација ќе овозможат привлекување на внимание и развлекување на зоната на противникот. Имаме габаритни пивоти, кои ќе бидат многу важни во создавање простор и „врзување“ играч или двајца околу себе, со можност, повремено да се одигра и 7-6. Филип Талески, на релативно ниска зона, кога добива задача, на изработена ситуација, доволно е 2-3 пати од надвор да ја „отвори“ зоната, за потоа Кузмановски и особено Митев да можат да „оперираат“ во истата.

Во ситуација кога во зоната ги имаме Митев и Кумановски и пивот кој игра два правци како Лазаревски, Стојковиќ или Карасманакис, Македонија ќе има одлична транзиција, каде Кузмановски индивидуално и Митев и Јагуриновски (Велковски или Серафимов) можат да создадат и решаваат ситуации на „лесен“ гол.

Македонија, без разлика на „забревтаноста“ на противникот е умерен фаворит, имајќи предвид „минат труд“ во ракометната игра, но и реваншот во Скопје. Фараните не играат најдобро во гости, а „Борис“ знаел да биде „лош домаќин“ и на многу поголеми селекции.

Хрватска како домаќин на следното СП е многу важна за нашиот ракомет, таму почна новата ера, географски е блиску и буди убави чувства кај македонскиот ракометен фан.

Затоа, во интерес на СИТЕ инволвирани во ракометот е Македонија да ја видиме на СП 2025.

Напред МАКЕДОНИЈА!

Се слушаме во директниот преносот на МТВ!

Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...