СТОЈАНОВИЌ „ГО ДОБИ“ НАТПРЕВАРОТ НА ПОСТАВЕНА ИГРА, ТРАНЗИЦИЈАТА НА ЛАЗАРОВ ГО ОДЛУЧИ КОНЕЧНИОТ ПОБЕДНИК!
Македонската ракометна супер-лига во полн сјај
Селекторот на сениорската селекција Кирил Лазаров на мегдан против селекторот на младинската селекција Раде Стојановиќ, во улога на тренери на два ракометни колективи, дуел на двајца поранешни репрезентативци, интернационалци.
Вицепрвакот од минатата година, тимот на RK Alkaloid во второто коло на домашен терен го пречека амбициозниот тим од Кавадарци, тимот на ГРК Тиквеш 2014. Натпревар со резултатски „ролеркостер“, со многу пресврти, неизвесност и минимален триумф на домаќинот.
Домаќинот на натпреварот, тимот на Алкалоид, во улога на фаворит, имајќи предвид буџетот, условите во кои работи, бројот на репрезентативци и фактот дека истиот достојно ја претстави ракометна Македонија на меѓународна сцена, во последните секунди од натпреварот ја задржа минималната предност и избегна кикс кој ќе го оддалечи од борбата за шампионската титула, како главна цел на тимот на Лазаров годинава.
Двата состава со различни формации го стартуваа натпреварот. Лазаров без големи изненадувања (всушност без изненадување), со класична 6-0, супер висока, со Омерагиќ и Стојковиќ како централни бранители и Савревски и Младеновиќ на позиции 2 и 5. На другата страна, Стојановиќ се одлучи за агресивна зона со Коцев, Обина и Атанасовски, со назнака на лев и среден бек, а со цел оневозможувајќи добар проток на топка и нудејќи му на противникот дуел игра со многу контакт. Зона која очигледно го изненади противникот и кој немаше решение за истата, во ситуација додека Младеновиќ играше во два правци и беше бесполезен, особено во напад. Од друга страна, Тиквеш играше доста трпеливо во напад, со развлекување и едно до две вкрстувања, кои требаше да ја разредат зоната, за потоа Симиќ или Обина да играат еден на еден со високите централни играчи. За обележување е слабата партија на двајцата голмани во првите 15-20 минути, со таа разлика што Алкалоид, принуден на индивидуални решенија и фатен на препад, грешеше почесто од противникот, па и резултатот беше неочекувано во позитива за кавадарчани (6.10, 17 мин). На средината на првиот дел, Лазаров направи неколку промени, меѓу која и Трајковски го замени слабиот Галевски, Џонов го замени Младеновиќ, а средината на зоната ја сочинуваа младиот Карасманакис и искусниот Маркоски. На другата страна и Стојановиќ направи можеби и (пре)многу измени, имајќи предвид дека Тиквеш функционираше беспрекорно, со намера да внесе што повеќе играчи во игра кои ќе ја одржат свежината и ќе го следат високиот ритам на домаќинот. Вака поставен во два правци Алкалоид имаше многу поголема поддршка од голман, но и повеќе играчи кои не се статични и знаат со топката во напад. За кратко резултатот се сврти во полза за Алкалоид, за што е заслужно и најсилното оружје на составот на Лазаров, убиствената транзиција, од која домаќинот постигна многу погодоци.
Откако го презема водството, и направи солидна разлика, не дозволувајќи лесни погодоци на противникот, Алкалоид влезе во реализаторска криза, промашувајќи неколку чисти позиции и седмерци, како стара рак рана на екипата од Автокоманда. Тиквеш го искористи тоа, и кога најмалку се очекуваше успеа да постигне неколку лесни голови, се разигра Стевановиќ, но и Манасков, кој вториот дел го одигра солидно. Како поминуваше времето, и двете екипи се потешко постигнуваа погодоци, Алкалоид само на моменти одигра резонски во напад, со влегување на Џонов на втор пивот од позиција на лев и десен бек, но и многу често форсираше индивидуална игра, која на противникот му даваше можност „да удри“, да игра на граница на дозволено, но и мотивациски да се одржува во игра, иако физички тешко парираше на физички одлично подготвениот противник.
Конечниот резултат покажа дека бодовите остануваат во Автокоманда, иако, како се движеше играта и особено резултатот во последната четвртина од натпреварот, можеше многу лесно да заврши и егал или со победа на гостите. Во оваа анализа, тоа е второстепено.
Важно е да се напомене дека Стојановиќ, со реално слабо потентна екипа, во однос на Лазаров, „излезе“ на терен со формација која го изненади противникот, успеа да ја мотивира екипата и да ги натера да веруваат дека можат до поволен резултат во Скопје. Во негов стил, беше мирен и фокусиран, имаше поддршка и разбирање за грешките на своите играчи, советуваше конкретно на тајмаутите, носејќи го натпреварот во драматичен финиш, каде се е можно.
Од друга стана, уште еднаш се покажа дека, пред се психички е многу тешко да се биде играч „под плаката“ на селекторот, кој (не)потребно нервозен, во текот на целиот натпревар имаше што да им каже и на своите пулени (дури и на оние кои воопшто не влегоа во игра или играа само во мал дел од натпреварот), но и на судиите, кои го издржаа притисокот и беа на висина на задачата. Од ракометен аспект, му требаше (пре)многу време да се адаптира на одбранбената формација на противникот.
Натпреварот покажа дека овој плејоф ќе биде исклучително тежок и неизвесен, за секој кој сака да дојде до титулата или место во Европа, а Алкалоид, ако сака чекор напред во однос на лани, ќе мора да покаже константност, да ги дефинира играчите кои ќе го понесат товарот и да биде пофлексибилен на евентуално изненадување во поставка на противникот, во двата правци.
Резултатот се памти, играта се заборава. Но, не и за оние кои сакаат да бидат победници (што и да значи тоа!) на крајот на мај оваа година.
Македонскиот ракометен плејоф, најдобар или најнеизвесен последните години!
#ЗаМакедонЦкиотРакомет#МакРакомет#Ракомет#Македонија
Поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот Ракомет За Секое Дете