Од Битола до Скопје, низ дерби возбудувања, млади ѕвезди и историски национални триумфи на Алкалоид во Европа – ракометната 2024/25 во две продолженија што го обликуваат идниот лик на македонскиот ракомет
Старите викаат, ако е забаено, само да не е забораено!
Се спушти завесата на една од најнеизвесните и нај израмнети сезони во историјата на македонскиот ракомет. Не дека не беше најавено, или не беше очекувано. Но, самиот финиш, од секој аспект, донесе филмска завршница, режирана само за ракометни сладокусци.
Прашањето е кој, после се што се случи последниот месец два е нај (не)задоволен?
Добредојдовте на мојата последна или завршна, колумна за натпреварувачка сезона 2024/25. Поради обемноста на материјалот, оваа колумна решив да ја напишам во две последователни продолженија, од кои првото продолжение ќе оди денес.
Накратко. Пелистер, земено генерално, вклучувајќи ги тука и постигнатите резултати во младинските категории, доминираше, партиципирајќи во завршните турнири во сите три категории, со забележителни и (не)очекувани резултати во секоја категорија посебно. Алкалоид, продолжи да „расте“, и како екипа и како клуб, „покривајќи“ ја сезоната со многу малери, преку големиот успех во Европа, добивајќи дополнителен позитивен идентитет, особено кај десно ориентираните Македонци, со сите случување и финалниот двомеч со јужниот сосед. И Вардар, кој беше на шеесет минути до двојна круна, и кој на домашен терен го загуби, можеби најважниот натпревар, последните неколку години. И, тоа од никој друг, туку од најголемиот спортски „душман“. Со тоа македонскиот спортски бренд, ќе мора сериозно да ги промени плановите, почнувајќи со промена на тренер, па се надолу. Не е сеедно!

Ќе стартуваме од денот „Д“. Седми јуни, „Јане Сандански“. Меч за титула. Битола доаѓа, на се или ништо (купот загубен пред недела дена), пред 5.000 комити, со ситни проблеми во однос на „нозете“, а големи во однос на „главата“, под притисок, што ќе биде ако (не)биде. Кој не играл меч на „полковник и покојник“ не може да има слика пред себе за каков психолошки притисок тука станува збор.
Само тие што беа во „Јане“ можат да потврдат, ова беше еден од „најголемите“ спортски натпревари во независна Македонија, пред преполна сала, со две навивачки групи, неизвесност, пресврти, тензија, плачки и на крај триумф на Пелистер, како Божја казна за скопјани, продолжувајќи ја „зелената ера“, „нацртана“ и планирана преку „платформата за Битола“, пред сега веќе, шест години.
Неверојатно.
🎥 ДЕЦАТА ИГРААТ, СРЦАТА ДОНИРААТ – ЗА ДНК!
Без многу изненадувања, на двете страни, околу ростерот со кој располагаат Мистер Алонсо и Сињор Милано, натпреварот, очекувано, и двете екипи го почнаа во грч, особено Пелистер, кој во зоната мораше со Борзаш на фундаментална позиција, што се почувствува како недостаток околу цврстината на истата. Дополнително, забележителна беше, нетипично, за големиот мајстор, нервоза и де фокус на голот на битолчани, со скромен учинок, за комплетирање на впечатокот, дека Пелистер ќе има тешка задача да се одбрани денеска. Вардар многу полесно доаѓаше до погодок, преку Борозан и Лазаревски, „фурајќи“ на индивидуален квалитет, без многу креативност во играта (без класичен среден бек), ситуација која „ги красеше“, во текот на целата сезона. И функционираше сето тоа, и со резултатот потврдувајќи го истото. Стоилов, како десна рака на Аргентинецот, беше тој што се обидуваше со „цртање“ тактички детали, да ја збогати индивидуално поставената игра на Вардарци, како што беше случајот со Вуко Борозан и Матија Николиќ, ина тој начин покажувајќи сенс и тактичка зрелост, но и искуство и присебност од сериозно помината километража на (нај)високо ниво во нашиот спорт.
На, другата страна, Борзаш, како никогаш до сега, мотивиран до плафон, во желба да покаже дека бесправно бил критикуван и оспоруван, поддржан од Пешевски на „линијата“ беше нерешлива задача за зоната на „двократниот“. Борзаш, за кратко време запиша три погодоци од дистанца, но и како со нож беше пресечен, неговиот понатамошен “танц” во нападот, веројатно, на сметка да биде до крај свеж во зоната на битолчани. Ако, ова не беше причината, тогаш Мистер Алонсо има сериозен проблем со „водење“ екипа, затоа што Борзаш беше, како никогаш досега, не решлива загатка за зоната на Вардар, зона, која е составена од двајца, можеби најдобри дефанзивци, на централни позиции, зона која беше нотирана како фактор која може да го одлучи победникот, но и зона која, за мене лично, има многу фалинки на, не помалку важните позиции, два и пет. Сето ова погоре напишано, иако звучи како равенка со безброј непознати, вклучувајќи ја тука и нестабилноста на голот на вардарци, беше, сепак го правеше “двократниот” за нијанса поуспешен во однос на противникот, за мирни +5 некаде во втората половина од првиот дел. Ситуација која навестуваше големо славје на популарните Комити, прекинување на постот и планови за враќање во елитата на Европскиот ракомет.
НО, секогаш има едно НО, кое што „ја уништува среќата на девојката“.
Се читаме утре, тука на „Само Ракомет“
Во утрешната колумна ќе читате: Капитенот ја презеде палката, поддржан од “Св. Никола”, за тоа што донесе Алкалоид за следната сезона, преглед на младинските категории преку успехот на Пелистер, за враќањето на “Принцот од Автокоманда” и играчот кој “изеде” најмногу критики од пошироката јавност.

📸 gol.mk

Автор: Goran Gjorgonoski
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете