
„Кај што тонеш, ти извираш“, провејуваше како натпис на маичките, но и во мислите на стотитици, илјадници фанови, следбеници на црвено-црната боја, бојата на клубот, на организацијата, кои на нешто помалку од еден час пред натпреварот синоќа, се собираа на платото пред „Јане Сандански“, со надеж и верба дека не е се завршено во првенството, дека најголемиот спортски ривал нема среде Скопје (неофицијално) да ја прослави титулата. Не го дозволувал тоа Вардар и против поголеми екипи, го покажал тоа десетици пати до сега, го покажа тоа во текот на пролетта 2019-та година, а богами и во Келн истата година, како нај еклатантен пример, и секако, не го дозволи и прексиноќа против актуелниот шампион Пелистер од Битола. Пелистер, кој беше и сеуште е главен фаворит за титулата, забревтаниот шампион, кој само пред четири-пет дена „го доби“ вицешампионот Алкалоид среде Автокоманда, резултат кој, очигледно негативно влијаеше на одредени играчи или на дел од колективот, кои или уморни, поради кратката ротација во само три дена на два квалитетни противници, или со „дигнат нос“ не го дадоа очекуваното. Според мене, причината е во моментот „имаме резервна варијанта и шанса за поправен“ и дека и со пораз сеуште сме во пол-позиција за титулата. Мозокот не познава таква состојба и секогаш делува релаксирачки, кога нешто не се мора.

Што се однеусва до атмосферата, ако во Автокоманда „мирисаше“ на освојување титули, пред „Јане Сандански“, а и внатре, се наликуваше на (нај)убавите години, кога Вардар „ја стави Европа под нозе“, младо и старо, машко и женско, на нозе се кренало, да го бодри „двократниот“, да го бодри последниот бастион на МАКЕДОНШТИНАТА, барем за нас, кои живееме тука, во Скопје. Одлична посетеност (за работен ден) од вистински вљубеници во брендот Вардар, кој нешто порано тој ден објави соработка со големиот ракометен бренд Кемпа, кој препозна одлична база на навивачи, следбеници, препозна можеби враќање на Вардар на големата сцена, со свои математики за поддршка на истиот.
Но што се случуваше на теренот?
Две слични (ама малку различни 😊) по формација 6-0 зони и различни напаѓачки формации на двата најголеми спортски ривали. Ангеловски со „тешка артилерија“ во Борзаш, Кузмановски и Цехте, без разигрувач нападна на голот на „пантерот“, а Вардар со шутерски непотентна задна линија, составена од тројца исклучително добро технички потоковани играчи и можеби најкорисниот ракометар во првенството, на линијата од 6 метри. И за чудо, Пелистер играше поагресивна одбрана од противникот, овозможувајќи им на Николиќ, Јагуриновски и особено „ракометниот уметник“ Јасухира да се надмудрува со противникот и да „вработува“ црта, не давајќи му шанса на Лесјак „од надвор“ да се обиде да спречи шутеви, сегмент кој можеби во одредена мера го одлучи победникот, одржувајќи го „двократниот“ во резултатаски егал до последната четвртина од натпреварот. А тогаш, како што видовме, се е можно. Па и еден шампион да не постигне погодок повеќе од 11 минути, и тоа последните 11.30 минути од натпреварот. Нешто, за мене, досега невидено.
Кога сме кај нападот на Вардар, што може да каже човек за „ракометниот уметник“, Јанпонецот Касуке Јасихура, а до сега да не е напишано од новинарско перо или во коментар на ракометен фан на друштвените мрежи. Едноставно, се тргнува од „самурајот“, секоја акција, секоја ситуација на создавање играч повеќе, асистенција на пивот, крило, соиграч на надворешна линија. Промена на правец, преглед на игра, а богами и шут од место како „казна“ доколку биде потценат од противникот. Ќе позајмам мисла од еден мој пријател од Струга, сериозен ракометен работник: „да беше здрав во Февруари, Вардар ќе беше шампион на државата“. Никогаш нема да дознаеме дали е тоа така, но факт е дека Јапонецот, во фаза на напад е алфа и омега на тимот.
Негов пандан на другата страна на теренот, играч каков од времето на „војводата“ не сме имале, но и играч кој како ретко кој претходно на таа позиција игра и повеќе од солидно во два правци, е Милан Мечка Лазаревски. Играч, кој иако го следиш секој викенд, можеш да забележиш негов напредок во играта. Особено е фасцинантен начинот на кој популарниот Мечка напредува во тактичка смисла во делот на одбраната. Од порано знаевме дека неговата дуел игра е неприкосновена, но сега Мечка е тактички многу напреднат, и што е уште поважно, неговата комуникација со соиграчите и стручниот штаб го промовираше во вистински команадант на зоната на Вардар. Можеме само да претпоставуваме на кое играчко ниво ќе беше во моментов Мечка ако Кралот пред две-три години го „намирисаше“ неговиот потенцијал, и му дадеше шанса во националниот тим?
А кога сме кај зоната на Вардар, предводена од Аларов и Лазаревски функционираше одлично, во одреден дел. За жал, позиција пет, каде и претходно играа Николиќ и Петриќ останува крајно проблематична. Неданоски тоа го увиде уште во првиот дел, и му требаше малку време за да го реши како проблем, правејќи двојна замена напад/одбрана и поставувајќи го Мело на проблематичната позиција. На тој начин, Вардар доби агресивност, висина но и желба да се одигра одбрана, како главен проблем на левите бекови на црвено-црните.
Иако опкружен со „министри“ и „војводи“, во длабока сенка од истите, но и од брендот на чие чело во дел на струката е веќе некој период, ресенчанецот Неданоски, иако оспоруван, покажа тактичка зрелост, храброст и доследност. За тоа треба да се покаже респект и истото треба да се потенцира.
Да резимираме. Шампионот играше стабилно и се чини имаше под контрола стуацијата, без разлика на моменталниот резултат, но факт е дека минималната ротација на двата натпревари, можеби го „зема данокот“. Фитиљ покажа дека сеуште, во одреден моменти не почитува и со самото тоа не спроведува наредби од стручен штаб, претерано солирајќи и гушејќи го нападот. Странците во Битола „не паѓаат на глава“ и не ставаат „рака во оган“, особено Борсаш, кој не заслужува да биде дел од оваа екипа, без разлика на неговите, неспорни шутерски кавлитети. Тајник, иако технички е одлично поткован, е просечен играч, ништо подобар од Танкоски, ако му се даде простор и време. Е сега, дали Пелистер го има тој простор и време или Танкоски и остананатите ќе треба да го бараат на друго место, прашање е од милион долари. Цехте е супер корисен, во два правци, иако и самиот ја увиде разликата помеѓу двете одбранбени зони на Алаклоид и Вардар, а особено разликата на голманската позиција, каде Томовски е додадена вредност на клубот, во однос на останатите клубови (па макар се викале тие Лесјак и Гедбане, а двајцата во исто време не можат да застанат на гол). За Јапонецот кажавме, а што се однесува на останатите, особено Петриќ и Родригес, се има впечаток дека Неданоски и Стоилов вадат максимум од овој состав. И во ситуација кога Николиќ беше аут, а Бранче „извади“ фластер на Јасихура, Родригес од крило се прекомандува на среден и заедно со Петриќ не дозволија пад на играта во напад. Овој Вардар има убава основа и со двајца бекови и еден голман, договодина ќе има повторно екипа за и повеќе од достојно прествување на Македонија во групната фаза од Европската лига.

Шефот на струката во Битола, веднаш по натпреварот изјави дека Вардар нема да дочека кикс на Пелистер, а јас би го корегирал дека Пелистер ќе направи се што е во негова моќ, Вардар да не дочека кикс до крајот на првенството.
Во меѓувреме, Алкалоид викендов оди во Кавадарци, во одбрана на третата позиција, во еден од двата натревари кои мора да ги добие (заедно со оној против Охрид на домашен терен). Во спротивно може да се најде во непријатна ситуација…
Се гледаме во сала!
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете