На сите ни е јасно дека Романија беше преголем залак за нашите апетити. Сепак додека на терен се 7 на 7 надежите постојат. Јасно е и дека после -11 во Романија, Македонија беше сведена на потреба од чудо со библиски размери.
Јасно е тоа нити можеше нити се случи, но -15 во Скопје, а романките 40 тина минути со безмалку втора постава, отвара многу болни теми.
Што можевме без длабинска анализа да забележиме?
Нашите девојки сложно ја испеаа Денес над Македонија се раѓа, апсолутно имаа крв на своите лица и желба за докажување. Тоа траеше десетина минути, по почетното водство од 3-1 следеше суровата реалност серија од 11-1 или нешто слично. Селекторот за разлика од првиот натпревар овој пат првиот тајм аут го викна на -5. Напредок !
Нашата одбрана плитка, без агресивност и без излегување на бековите. Не направи ниту еден фаул. Нивната одбрана агресивна длабока и направи илјада, не илјада и нешто фаули. Тие правеа фаули при секој контакт на нашите бекови со топката. Фаулите ги правеа без разлика кој ја има топката и без разлика каде се наоѓа. На 9,10,11 ако треба метри. После неколку такви прекини влегувавме под пасивност и следеше или лош шут или лошо проигрување со пикер.
Нашиот напад едноставен, спор, две три вкрстувања и барање шанса за шут. Толку, поминаа првите 3-4 напади сите останти беа сопрени. Дури и во ситуација со играч повеќе нашите девојки, или тактиката така налагала, напаѓаа низ центарот, се разбира безуспешно.
Корпулентаната Пинтеа, ја чувавме како да е од стакло, внимателно од дистанца и претпазливо да не ја допреме. А од Неагу сите бегавме, сепак таа е најдобрата на свет и тоа е тоа.
За сладокусците кои секогаш бараат разлика во статистиката издвојувам, романските крила постигнаа 18 голови, македонските 2.
На крајот тотално разочарувачко издание, ја расипавме и така лошата оценка од првиот натпревар.
Трет изборен бараж во кој сме прегазени.
Но, не очекува прекрасна манифестација веќе наредната година, 2022 ЕУРО, на која сме кодомаќини. Имаме ли време да се подготвиме? Можеме ли нешто да смениме? Брестовац како селектор имаше многу повеќе добри од лоши резултати па заврши на гилотина. Дали е време за натурализација на играч, два и за ангажирање на селектор со досие, кој ќе може од ова со кое што располагаме да извади максимум. Многу прашања, време премалку.
Со срце, секогаш за Македонија !
21.04.2021 Скопје Македонија
Бараж за Светско првенство
Македонија 20 Романија 35