Новиот тренер на Вардар !

Фасциниран од комплексноста на играта, а воведен во неа благодарение на исклучителните Иван и Хрвоје, во американскиот фудбал уживам веќе десетина години.

За играта и за двајцава од Лијепа Наша, можам да Ви раскажувам со денови. Денеска ќе се задржам на сегментот со тренерите. Екипите составени од 46 активни играчи и 16 во тренинг тимот имаат тренерска клупа од 16, со зборови ШЕСНАЕСЕТ членови. Е сега ако имаме впредвид дека НФЛ лигата брои 32 клубови и постои 102 години, сепак верувале или не досега се евидентирани само 511 главни тренери.

Клучно во изборот на тренер во една НФЛ екипа е неговото педигре. Безмалку како во кинологијата. И таму исклучително значење има потеклото на тренерот.

Да го погледнеме потеклото на од ракометната чаршија номинираните кандидати за најжешкото и најтешкото тренерско столче изминативе години во ракометот.

СЛАВКО ГОЛУЖАKETA

50 годишникот од Херцеговина има импресивна и играчка и тренерска кариера. Има освојувано медали на светски, европски и медитерански првенства, но и на олимписки игри.

Голужа работеше како помошен тренер во хрватската репрезентација меѓу 2006 и 2010 година под тренерската палка на селекторот Лино Червар. Тој, исто така, работеше како главен тренер за РК Сисциа еднаш и за RK CO Загреб во два мандати. Во 2007 та беше предводник и на младата хрватска репрезентација со која стигна до второто место.

Во септември 2010 година, Голужа го наследи Червар како селектор на хрватската репрезентација,  водејќи ја Хрватска до бронзените медали на Европското првенство 2012, Летните олимписки игри 2012 и на Светското првенство 2013 година. Во февруари 2015 година, по изненадувачки неуспешното Светско првенство на Хрватска во Катар, тој ја напушти клупата и беше заменет од неговиот помошник Жељко Бабиќ.

Во април 2017 година, Голужа стана главен тренер на ХТ Татран Прешов. Престојот во Словачка му донесе неколку сезони натпревари во СЕХА лигата, и натпревари во сите европски купови. Секаде без позначаен успех со еден куп порази и последно место во актуелнава ЕХФ Европска Лига, со само една победа и 4 порази.

Ако се потпреме на НФЛ пристапот, Славко несомнено е дел од стеблото на Лино. Исклучително успешни во еден период од своите тренерски кариери, моќни мотиватори, стратези потпрени на моќна игра во одбрана. Успехот пред се базиран на резултатите со хрватската репрезентација и … молк. Ниту еден надвор од сигурноста на националната гордост, ракометната репрезентација на Хрватска. И едниот и другиот забележуваат евидентен успех во задвижување на мали клубови во сопственост на ракометни љубители. Лино со Металург, Славко со Татран. Но тоа е се. Со Лино и прилично непријатната епизода како македонски селектор, во која без трошка срам говореше дека неуспешно експериментирал.

За Голужа како и за Червар се врзани и доста анегдоти, непријатности пред се во хрватската ракометна јавност. Многу сличности може да се нотираат и со Вујовиќ. Успех на репрезентативно ниво, тренери на Загреб, а потоа ракометна анонимност, иако рака на срце Славко со Татран бележи неколку години континуитет во европските купови.

Што може Вардар да добие со неговото доаѓање? Не многу се чини, повторно балкански менталитет во екипа со многу странци, сомнеж дека за евентуален неуспех ќе има еден куп изговори. Често во интервјуата, како и Бабиќ се потпира на буџетите и стабилноста на клубовите. Во подкастот на Жика околу успехот на шпанските тренери потенцира дека доаѓаат во скапи и стабилни клубови и дека шпанската, за разлика од балканската врска слабо работи. Нема осврт на системот, пристапот и методологијата.

Еве да потсетам дека Вардар во три наврати со шпански тренери без скапи, со одредени исклучоци, играчи, стигна до Ф4. Двапати го освои од кој вториот во услови на распад финансиски.

Од Кета не очекувам ништо спектакуларно …

ДАВИД ДЕЈВИС КАМАРА

Дејвис е роден 1976 година во околината на Барселона. За разлика од Голужа неговата играчка а пред се тренерска кариера е многу посиромашна. Тој како играч главно настапувал во Шпанија и за крајот на кариерата една сезона во Португалија.

Во тренерските води запловува под заклрилата на Раул Гонзалес. Тој го носи во Скопје во 2014 година како свој помошник.

Ако за Раул е јасно дека е ракометен генијалец, кој во Скопје доаѓа на предлог на Талант Душебаев, можеме да го оформиме полека стеблото на Талант. Рака на срце, тој е Киргиз не шпанец, но очигледно комбинацијата на поранешен советски спортист и генијалноста на медитерански опуштените шпанци е полн погодок.

Дејвис го води и ЖРК една сезона и стигнува до проклетото второ место во ЛШ. Потоа има епизоди со репрезентациите на Русија како помошник и Египет како предводник пред да седне на уште едно жешко столче, Веспрем.

Со Веспрем игра се чини одлично се до последниот дел, најважниот, во неколку наврати на Ф4 не супева да ја освои Лигата на Шампиони. Се чини дека тоа и му пресуди.

Познавајќи го Скопје и Македонија, а имајќи впредвид дека сега веќе имата богата тренерска кариера водејќи една од најдобрите но најнесреќни екипи низ годиниве, делува дека Дејвис би можел да е добро решение.

Скопските ракометни кулоари го споменуваа и за работното место во најмладиот македонски клуб, но како што шпекулацијата објасни, висината на хонорарот била клучна околу непотпишувањето на договорот.

Што може Вардар да добие со неговото доаѓање? Доколку за разлика од унгарците, македонците имаат повеќе трпение, а секако имаат помалку пари и доколку сите а и јавноста се подготвени на стрпливост, на подолги стази би можеле да очекуваме стабилизација и квалитет. Ерата на шпанците трае, нема посебна причина да пркосиме.

УРОШ ЗОРМАН

Третиот кандидат по втор пат се најавува како тренер на Вардар. Очигледно некој активно одработува за него. Прв пат беше најавен во 2019 но од тоа немаше ништо.

Најмлад од сите досегашни кандидати, Урош го сместуваме во лозата на Талант. Но да не заборавиме дека седеше на клупата на Словенија за време на ерата на Вујовиќ.

Блескавата играчка кариера како еден од подобрите креативци ја завршува во Киелце и веднаш се зафака со тренерската работа. Талант е негов ментор. Минатата година го презема Требње како прв тренер и почна да го искачува нагоре на табелата.

Клучен недостаток за него би бил неискуството. Но да се потсетиме на Филип Јиха! Дали доаѓање на еден млад потенцијален стручњак на чело на Вардар кој е повеќе од јасно дека има исклучителна тежина и за играчите и за тренерите, би било долгорочна стратегија? Дали словенецот ќе се прилагоди на Скопје? Дали Михајло ќе има трпение за него? Се чини најмногу отворени прашања.

МАКЕДОНСКИ ТРЕНЕР ?

Многу симптоматичен е недостатокот на име од домашната сцена во овие шпекулации. Ако сме подготвени за системско и темелно приоѓање на ракометот со долгорочни цели пред се би требало да се потпреме на сопствени сили. Нели е така?

Ќе нафрлам три имиња како противтежа, кои сами по себе и со својата работа се наметнуваат, можеби не се во моментов подготвени за напад на Ф4 но со една добра подготовка и едно систематично работење зошто да не.

Без некој посебен редослед,

Кирил Лазаров, евидентно е дека Кире влезе во својата нова фаза од кариерата прилично успешно со Македонија. За него а и за македонскиот ракомет тоа би била ВИН ВИН ситуација. Би водел добар клуб во Лига на Шампиони а ќе биде близок и до базата. Недостаток е неговиот активен договор со Нант.

Иван Марковски, го води Металург во еден од најтешките периоди од постоењето. Доаѓа по една авантура во француската женска лига. Во Металург крајот се гледа. Недостаток, неискуството.

Бранислав Ангеловски, одлична играчка кариера, успешен како спортски менаџер во Констанца Романија, еден од помошниците во репрезентација и РК Алкалоид. Недостаток, неискуството.

За разлика од Голужа кој активно го троши роамингот кон Македонија со месеци овие последниве се моја лична желба.

12.12.2021 Скопје Македонија

Додека очекувам Макси да го претрка Хамилтон…

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...