Благодарение на континуираното залагање на Ракометната Федерација на Македонија, Македонија повторно беше домаќин на едно европско натпреварување. Шанса на домашен терен да ги искажат своите квалитети индивидуални и тимски имаа девојките на според новата терминологија W19 EHF Championship. Или по наше Б Европско првенство.
Откако во фазата по групи одиграа за една победа, едно реми и еден пораз, беше јасно дека враќањето во елитната А категорија и за оваа генерација, но и за следната младинска, ќе биде само сон.
Во фазата за разигрување од 5 то до 8 мо место, одигравме уште три натпревари. Првиот против отцепената територија од нашиот северен сосед, убедливо ја добивме без никакви дилеми. Во вториот против многу посериозната Финска, видовме две лица на нашите девојки. Првото полувреме со видно падната мотивација, доволно само за реми и второто во кое сепак покажаа дека за финска сме ракометна нација. Последниот против Исланд, кој го загубивме на пенали ни ја одреди 6 тата позиција во нашата група. Островјанките долго време беа во водство но еден квалитет кај нашите девојки да не се откажат и на -5 на помалку од 10 минути до крајот ги одведе до реми. Во пенал рулетот сепак ние бевме полоши.
Што можеме да извлечеме како резиме од овој шампионат.
- Ја пропуштивме шансата како домаќини во дуел со не така посилни репрезентации од нашата да се избориме за прва лига.
- РФМ премногу доцна, делумно поради корона кризата, делумно поради промената на стручниот штаб, состави селекција.
- На последниот натпревар конечно најдовме место на клупата за тренерот на голманите.
- Селекции кои се борат за врвот на W19, како Русија и Унгарија, немаат 7 кадетки на потесниот список.
Предлагаме неколку иницијативи со кои женскиот ракомет во Македонија ќе го тргнеме од кислородна подршка.
Создавање на професионална прва лига со намалување на бројот на екипи и создавање на неколку регионални лиги кои ќе ги опфатат помалите клубови. Најслабите ќе испаѓаат, од регионалните лиги низ форма на плејоф ќе се добиваат новите прволигаши. Така на ниту еден клуб нема да му биде сеедно позицијата која ја има. Изедначување на ваучерите кои ги добиваат машките и женските клубови, во моментов соодносот е 10-1. Финансиска подршка од страна на АМС, РФМ, Владата на Република Македонија, МОК како и општините за сите клубови кои ќе имаат младински погон и кои ќе учествуваат во создавањето на идни репрезентативки. Младинските состави, пионерски, кадетски и јуниорски да бидат услов за постоење на клуб. Изградба на најмалку десет ракометни сали во цела Македонија. Создавање на кампови во текот на целата година во кои поширок список од четириесетина девојки во сите младински категории би се исфилтрирал до финалната селекција. Создавање на пионерска репрезентација. Стипендирање на сите девојки со репрезентативен потенцијал додека се на студии, со што ќе им се помогне во одлуката да се обидат професионално да се занимаваат со ракомет. Широк консензус и подршка од сите клубови за стручниот штаб во координирањето на сите национални женски селекции. Професионални договори со сите тренери во стручниот штаб кои би можеле 100 % да живеат и работат за создавањето на квалитетни репрезентации.
Македонија го сака женскиот ракомет, Македонија има потенцијал, Македонија има центри каде ентузијасти со огромна страст работат за ракометот, Куманово, Кичево, Делчево, Струга, Охрид, Прилеп, Битола, Струмица, Битола, Скопје, Свети Николе, Гевгелија. Македонија со една стратегија на подолг рок и со финансиска подршка од соодветните институции може долги години да ги ужива придобивките од резултатите на македонските ракометни клубови и репрезентации.