Македонија го возврати ударот и се пласира на СП

Вистинско уживање беше да се биде вчера во преполниот „Борис“, чувствувајќи ја поддршката на публиката, гледајќи ја мама Ангелина, како горда мајка, рони солзи радосници на трибини, додека нејзиниот Марко ја решети мрежата на противникот, да се види како Мечка отпоздравува во стилот на Че Гевара, кон своите родители, после исполнување на ветувањето дека „ќе изгинам на терен и ќе победиме“ или радоста на Мајка Данче, која дава двајца свои синови во националниот тим, прогласувајќи ја вечерта за „една од најсреќните“ во својот живот. Кога го нема Ненад, нема проблем, тука е Никола, има чичко Војне од Струга јунаци кои знаат гордо и достоинствено да го носат црвено-жолтиот дрес на Македонија.