Македонија го возврати ударот и се пласира на СП

Фото: Ракометна Федерација на Македонија

Демонстрација на неверојатна желба, карактер и сплотеност!

Македонскиот национален тим на импресивен начин, со победа изразена со доволен број на погодоци, на крилјата на македонскиот народ, пресликан во ликот на седумилјадната фаланга во салата „Борис Трајковски“, ја продолжи низата учества на големите натпреварувања, со пласман на СП во Хрватска, Данска и Норвешка. На тој начин, ракометна Македонија се враќа на „местото на својот никулец“, на изворното место каде што и стартуваше приказната на генерацијата која од неодамна „ги закачи патиките на клин“, земјата која буди убави чувства кај секој македонски ракометен фан, земјата која, многу веројатно, следниот јануари ќе биде, повторно, по опсада на фалангата.

Македонија може, Македонија мора во подобро светло да се претстави во „Борис“!

Го потенцирав тоа и во мојата претходна колумна, го потенцирав тоа уште на стартот на нашиот разговор во отвореното студио на националниот сервис, ќе го нотирам тоа и тука, колку и некој да ме етикетира како досаден, јас ќе го сметам тоа како комплимент дека сум – упорен, токму со онаква карактерна црта, како што треба да се македонските ракометари.  

Македонија покажа дека може, предводена од, како никогаш до сега, сплотениот македонски народ во преполниот „Борис“, преку македонските ракометни јунаци кои го оставија срцето на терен, предводени од две ракометни легенди од клупата, стручен штаб кој изведе виртуозна „ракометно-тактичка етида“, поставувајќи ги работите на место, поставувајќи ги вистинските луѓе на вистинско место, како поука од грешките на се она што се случуваше на првиот натпревар во Фарски, но и на претходните натпревари на националниот тим.

Македонија мораше да одигра подобро, пред се заради овој наш македонски народ, кој помина и повеќе од доволно понижувања изминативе години, мораше заради луѓето кои во континуитет финансиски и на било кој друг начин го поддржуваат ракометот и спортот воопшто, мораше заради децата кои во некоја сала во Прилеп, Кавадарци или Охрид сонуваат да го облечат дресот со националните бои, но и за оние кои допрва ќе треба да влезат во сала.

Едноставно мораше за поубава иднина на нашиот спорт.

Што може да се каже за самиот натпревар?

Со огромна почит спрема противникот, имајќи предвид првиот натпревар, но и силна верба и силно мотивирани да покажат дека Македонецот е најсилен кога е најтешко, нашите ракометари од првата минута дадоа до знаење дека тука нема друга опција освен убедлива победа и пласман на следниот шампионат. Лазаров, поучен од се што се случуваше во првиот натпревар, согледувајќи ги грешките во тактичка поставеност, но и во делот на персоналните решенија на одредени позиции, се одлучи, многу хазардерски, но и исклучително храбро, ставајќи all in, да постави 5-1 одбранбена формација, со две клучни измени. Новајлијата во составот Иван Џонов на позиција „индијанец“ и Милан Лазаревски како играч кој од позади ќе командува со македонскиот одбранбен бедем. Првиот со намера да го ограничи влијанието на најдобриот гостински играч Скипаготу, но и да не дозволи течен проток на топка. Џонов како поливалентен играч, кој во напад може да покрие позиција крило, е исклучително интелигентен, „прима“ информации и беше одлично решение за позицијата која му беше доверена. Позади Џонов, во прв ред Лазаревски како играч кој е исклучително силен, воинствено настроен, со силна аура и оптимизам, и карактер на војсководец командуваше со зоната, не дозволи пробојност на истата и беше додадена вредност за своите другари. Покрај Лазаревски, кој на периоди беше одлично заменет од Аларов, на позициите два и пет солидно одиграа и Кузмановски, Јагуриновски, а на моменти Маркоски и Велковски. Тоа беа играчите кои на дело ја спроведоа тактичката замисла на стручниот штаб, „гушејќи“ ги и така, од атмосферата, импресионираните гостински ракометари, принудувајќи ги на (не)очекувано многу технички грешки и шутеви од неизградени позиции. Исто така, Лазаров, го ограничи Лазаревски на игра во еден правец, оставајќи го свеж во текот на целиот натпревар, како круцијален играч во одбраната, која на крајот, како многупати до, сега се покажа како проверен рецепт за успех. Во Лазаревски, Македонија доби играч кој покрај ракометни квалитети, поседува висок степен на самодоверба и непоколебливост, но и личност која истите тие карактеристики, знае и ги пренесува на останатите свои соиграчи. Македонија, иако и на овој натпревар ја немаше очекуваната поддршка од голманите, сепак врз основа на агресивната зона успеа да постигне доволен број на „лесни“ голови, особено во првиот дел, која се создаваше разликата, но и се подигаше самодовербата на тимот.

Што се однесува до нападот, стручниот штаб, после авантурата во Фарски, од самиот старт „ги спои“ Кумановски и Митев, во правилна поставеност на работите, каде во добар дел од натпреварот „ракометниот Брус Ли“ беше тој што, како швајцарско сирење, ја пробиваше зоната на противникот. Од друга страна Кузмановски, со своите квалитети и самодоверба стекната со минутажата која ја добива во својот клуб и лидерската улога во истиот, погодуваше од различни позиции, каде што особено беа важни погодоците постигнати „од надвор“ во моменти кога тимот немаше решение. Како последица на играта на овие двајца играчи, кои заедно со Лазаревски се новата осовина на македонскиот национален тим, околу кој ќе се гради успехот во наредните години, феноменално реализаторска вечер имаше Жарко Пешевски, а својот најдобар натпревар во дресот со националните бои го одигра и Мартин Серафимов. Секако дека, во мозаикот на вчерашниот успех, свое делче оставија и постариот Костески, ни и Џонов, реализирајќи ги сите обиди за погодок.

Фото: Ракометна Федерација на Македонија

Вистинско уживање беше да се биде вчера во преполниот „Борис“, чувствувајќи ја поддршката на публиката, гледајќи ја мама Ангелина, како горда мајка, рони солзи радосници на трибини, додека нејзиниот Марко ја решети мрежата на противникот, да се види како Мечка отпоздравува во стилот на Че Гевара, кон своите родители, после исполнување на ветувањето дека „ќе изгинам на терен и ќе победиме“ или радоста на Мајка Данче, која дава двајца свои синови во националниот тим, прогласувајќи ја вечерта за „една од најсреќните“ во својот живот. Кога го нема Ненад, нема проблем, тука е Никола, има чичко Војне од Струга јунаци кои знаат гордо и достоинствено да го носат црвено-жолтиот дрес на Македонија.

Македонија, имала и ќе има, ракометни јунаци, кои ќе бијат битки на големата сцена.

Македонија имала и ќе има армија навивачи кои ќе ги следат и ќе бидат со нив во добро и во лошо.

Потребно ни е единство – време е за единство, како на национално ниво, така и во ракометот и спортот воопшто. Затоа што само така може оваа наша Македонија да ги надмине предизвиците со кои ќе (се) соочува(ла). 

Честитки до македонските ракометари за успехот и пласманот на СП.

Се гледаме на уште една голема смотра во Хрватска.

Напред МАКЕДОНИЈА!

Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...