Шампионот Вардар, во натпревар кој беше окатактеризиран од јавноста и медиумите,а и најавен од моја страна како скопско дерби, го совлада Алкалоид, со резулатат 36:31. До сега невиден преседан, да започнам една колумна со информација за конечниот резултат, а се како последица на критиките дека многу често или скоро никогаш, водејќи се од мислењето дека, ако си се нашол на оваа страна, веројатно си минимум писмен и следиш ракомет, многу веројатно да си слушнал или прочитал кој со кого играл и со кој резултат победил/изгубил.
Дерби, кое оправда се што зборува(в)ме сите овие години, околу квалитетот на екипите во домашното првенство, но и натпревар кој по којзне кој пат не замисли, каде се сите оние Скопјани, во сабота попладне. Секоја чест на исклучоците, и за нив сме зборувале/пишувале, но Скопје е голем град, со многу активности и настани, за разлика од внатрешноста, но како таков има и скоро милионско население, од кое едноцифрен процент е доволен за да ја преполни најголемата спортска, затворена арена во Македонија.
Досадно, нели?
Дерби натпревар. Не секогаш го добива оној кој, на хартија, е подобар. Не го добива ниту тимот кој во своите редови има играч со подобра индивидуална статистика, ниту пак оној тим, кој во одредени моменти изгледа поблиску до победата. Но, со сигурност, добива оној што има повеќе тактички решенија, поголема ротација и поширок избор на играчи способни да преземат одговорност кога натпреварот влегува во критична фаза.
Чуму сето ова погоре напишано?
Вардар беше фаворит пред синоќешниот натопревар. Без пораз во домашното првенство, со континуиран напредок во играта, „здрав ростер“ и повеќе играчи кои можат да решат натпревар. Фаворит кој, на крајот од натпреварот, ја оправда улогата и потврди некои работи кои „лебдеа во воздухот“ изминатите недели/месеци.
Викам, средбата меѓу Вардар и Алкалоид отвори, но и разјасни неколку интересни прашања за двата тима. Дел од нив, следниот период, опширно ќе ги разрабортиме и како тези ќе ги поставиме со нашите гости во поткастот B&D and Handball Talks. Ќе се обидам да ги нафрлам, тука во оваа колумна, само како размислување, од кое, во иднина ќе се носат заклучоци.
До тогаш, погледни ја новата епизода, со почитуваниот Љубомир Савевски- Цевак, на линкот тука👇
Пред се, овој Алкалоид, и покрај неколку засилувања од страна, со етаблирани играчи, се уште во добра мера зависи од играта на ракометниот Брус Ли. Играч кој со својата индивидуална техника, продорност и способност да создава предност за соиграчите има посебно место во офанзивната концепција на тимот. Марко одигра и повеќе од солидна партија, на огромно задоволство на неутралните следбеници на ракометната игра во државава. Неговиот солиден настап беше важен дел од отпорот што го пружи Алкалоид, но истовремено повторно го отвори прашањето за компатибилноста на новите засилувања со она што веќе подолго време го градат „децата на Кралот“, меѓу кои Марко е прв и најекспониран. Истото важи и за капитенот, Ѓоргиев, за кој добив впечаток дека не може да се снајде во играта со Борозан, Борзаш или Цехте, играчи кои се релативно ракометно сиромашни и не кореспондираат со начинот на кој Лазаров гледа на ракометот. Тука можеби и „лежи зајакот“, во однос на повеќе пати повторуван, општ впечаток, дека овој Алкалоид не е бледа сенка на оној кој беше тркачки терминатор, кој фосрсираше игра на „трчај и шутирај“, кој играше на погодок повеќе во мрежата на пртивникот. Тука ќе застанам, околу тоа кој и зошто е избран како засилување и дали е адекватен за функцијата која му се доверува.
На спротивната страна, Вардар покажа нешто што е особено важно за секоја екипа со шампионски амбиции, ширина во ростерот. Не станува збор само за бројот на квалитетни ракометари, туку и за можноста за различни тактички комбинации, промени во одбраната и нападот, како и способноста за адаптација на она што го наметнува противникот.
Но, Вардар покажа и одредена доза ранливост. Особено во моментите кога на теренот ги нема некои од клучните играчи, а кај дел од оние кои се присутни, мислите очигледно веќе не се целосно насочени кон Скопје. Колкав дел од одговорноста за тоа лежи кај самите ракометари, а колкав во нешто друго, е прашање за посебна анализа. Но, едно е сигурно: бакнувањето на клупските симболи кога се е во најдобар ред, а потоа лесното вртење на грбот и однесувањето на недопирлива примадона, не се вредности што би требало да го карактеризираат еден голем спортски бренд. Затоа што дресот, оној црвено-црниот, не е само обврска кога победуваш, туку и одговорност кога треба да одработи обврската до крај. И тука ќе застанам.
Сега малку за самиот натпревар.

Лазаров, малку несвојствено за него, го изненади Чупиќ, со ,до сега, ретко видена формација 5+1, каде Џонов беше во улога на полуфластер, обидувајќи се да го дестабилизира нападот на шампионот. Легитимно донекаде, иако таква формација, во модерниот ракомет е вистински раритет. Викам легитимно, во случај кога Вардар на терен има едне „зналец“ и двајца бекови како Абделхак и Љевар. Играчи кои потешко создаваат ситуација сами за себе. Брза топка на бековите и игра еден на еден во ситуација кога просторот од 6 метри се брани со 5 играчи, е вистински предизвик. На стартот и овие две работи создаваа проблеми, особено во ситуација кога крилата на Вардар релаизираа. Вардар држаше пристојна разлика од +3, се до моментот кога Џонов не се „наштима“, а Кизиќ „скина“ неколку зицери на домаќинот.
Паралелно, Марко Митев, што сам реализираше, што сервираше топки за Сухолешник, а како поддршка, секвенционо се јавуваа Борозан, па и Борзаш. Сето тоа донесе егал натпревар и на терен, а и резултатот на семафорот го покажуваше истото.

И се беше подготвено за неизвесен завршеток, на начин на кој му доликува на еден дерби натпревар. Но, Брус Ли не може да биде мотор на тимот цели 60 минути, Џонов доби црвен картон, а Чупиќ со тактичка минијатура, поставувајќи го нашиот Фадиљ на лево крило, со задача после извлекување да ја „буши“ зоната од својата природна позиција, само дотури керозин во машината, за конечна победа на Вардар.
Секако, не беше се така едноставно. Домаќинот покажа дека има еден куп зналци во тимот, но и „тешкаши“ на линијата од шест метри. Сократес продолжува да „продава“ ракомет, Египќанецот иако после повредата не е на исто ниво, сосема коректно го даде својот удел, Љевар на двете страни го „изора“ теренот, а Гогов беше „јаготка на шлагот“ во триумфот на шампионот.
Алкалоид, од друга страна, не успеа да го изненади шампионот. Но нема за што претерано да жали околу резултаотот, во однос на оние концепциски проблеми кои ги наведов на почетокот на овоаа колумна. Тоа е, во перспектива многу поважно. Се обиде, даде се од себе, се врати од негатива од три гола и во еден момент покажа дека може да му парира на Вардар. Но, повторно се појавија проблеми со кои тимот се соочува и во други натпревари. Дополнителна тежина имаа и пеховите со повредите и исклучувањата, но и покрај тоа, Алкалоид пружи повеќе од достоен отпор.
Подвлекувам црта.
После овој натпревар остануваат две работи за дискусија и анализа. Дали статусот на „принцот од Јане“, во однос на промената на средината може да влијае на неговиот придонес и атмосферата во тимот, а и односите со тренерот и колку отсуството на вистинкиот Јака може да биде важен во продолжението на сезоната?

И второ, како клубот од Автокоманда ќе ја надмине очигледната противречност меѓу ракометната филозофија што ја застапува Кралот и, во најмала рака, дискутабилниот избор на засилувања за оваа сезона?
Тука сме. Ќе анализираме.

Автор: Goran Gjorgonoski
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете
