ЧУПКО, МАГО И „НЕСРЕЌНИОТ“ АЛКАЛОИД – ОВА Е ЧУДЕСЕН, ЧУДЕСЕН СПОРТ

Во македонскиот ракомет една недела молк е доволна за да ти се насобере материјал за цела сезона. Натпревари на сите страни, домашни дербија, европски предизвици, победи, порази, дилеми и прашања што не можат да чекаат.

Тешко е да се следи сè. Но, од друга страна, тоа е и убавината на оваа наша ракометна приказна. За разлика од некои други спортови, македонскиот ракомет е присутен во Европа каде тој има свои претставници, свои амбиции и свои битки на сериозна сцена. А и дома има што да се види. Од локалните натпревари и личните фаворити, преку дербијата на „големата четворка“.

Охрид – Алкалоид, двомечот на Вардар со Висла Плоск, Пелистер во Лига на Европа итн..

Навистина тешко да се испрати, а камоли да се продуцира и прикаже на ТВ.

Добредојдовте на мојата најнова колумна посветена на МакедонЦкиот ракомет.

Стратуваше 6-тата сезона од проектот „Ракомет За Секое Дете“ – придружини се!

ОХРИД ЗАВИСЕН ОД ИНСПИРАЦИЈАТА НА СТРМЉАН, АЛКАЛОИД ЗАРОБЕН ВО СОПСТВЕНАТА НЕРВОЗА

Минатиот пат, пишував тука, на „Читај ракомет“ за предизвикот кој (ќе) го има еден од претендентите за (нај)висок пласман, после убедливиот пораз од Вардар во „Јане“. Малку време да се „врати“ екипата, да се подигне моралот, накратко, да се врати тимот, подготвен за уште еден дерби дуел. Овој пат, на домашен терен, против Алкалоид. Напоменав и во таа пригода дека, натпреварот е исклучително важен за двете екипи, од аспект на бодови, но и во однос на тоа, во каква форма се и двете екипи и најважно за подигање на атмосферата. Важно, затоа што и двете екипи не се за машала, барем во овој регуларниот дел.

Нејсе. Охрид се издигна над проблемите, и го совлада Алкалоид, во „Биљанини“, во натпревар кој не оправда предзнак дерби, во однос на квалитет, во однос на тоа колку се перчиме ние со лигата наша и квалитетот на истата, притоа, сфаќајќи дека товарот кој го носат овие дуели не е за потценување, а знаат тие кои играле вакви дуели дека сето тоа носи „рацете да се фатат, нозете да се тешки, а главата да не биде чиста“.

Што се однесува за самиот натпревар, Охрид го доби натпреварот на голманска позиција, каде Славиќ беше за нијанса поуспешен од младиот голмански пар на гостинската екипа, доволно за минимален триумф. Тука, сакам да го забележам деби настапот (на дерби дуел од висок калибар) на 18-годишниот Ѓорѓи Николовски, кадетски и младински репрезентативец на Македонија, кој заедно со малку по искусниот Галевски се сериозен капитал на Алкалоид. „Малиот“ има се што треба за да биде врвен голман, и иако мислев дека ќе му треба барем уште една сезона, за да биде конкурентен, младиот Кумановчанец веќе се наметнува како сериозна опција, користејќи ја ситуацијата во која клубот не успеа да ангажира голман од „страна“, но и  анемичноста на Кизиќ и благата стагнација на Галевски.

Во поле, Охрид, очекувано беше поцврст во делот на одбраната, против неинвентивно поставениот напад на Кралот, сегмент каде гостите имаат проблем со организација и недоволна уиграност на новите играчи и оние староседелците. Од друга страна, нападот на Охрид, како никогаш последните две години е сериозно зависен од Стрмљан како организатор, реализатор и асистент. Во ситуација кога Мартин Иваноски е повреден, а Карапалески, барем засега, не ги оправдува очекувањата на Ројевиќ, Охрид се соочува со ситуација да чека на еден играч да создава ситуација, прави разлика и го диктира темпото. Кај Алкалоид моментално има премногу тешка атмосфера, премалку тимски дух и насмевки, а кај одредени играчи очигледно недостига и самодоверба. Кога на сето тоа ќе се додаде и скромниот придонес на овогодинешните засилувања, станува јасно дека проблемот е многу подлабок од еден загубен дерби натпревар.

ЧУПИЌ Е СПРЕМЕН НА СЕ И ТОА СЕ ПРЕСЛИКУВА ВО КАРАКТЕРОТ НА ВАРДАР

Вардар во изминатите неколку дена имаше сериозна задача, против силен (и скап!) противник да ги врати шансите за пласман понатаму во Лигата на шампионите.

Бремето дека мора да ја победи Висла во „Јане“ веројатно си го направи своето. На двата натпревари Вардар одигра бледо прво полувреме, но истовремено покажа и неверојатен карактер, враќајќи се од негатива и одржувајќи ги натпреварите „живи“ до самиот крај.

Можеби не во Скопје, но во Полска Вардар достојно го промовираше македонскиот ракомет. И тоа во сегментот што во спортот често значи повеќе од се друго, а тоа е тимскиот дух, карактерот и борбата до последниот атом на силите. За мене, гледајќи што е подготвен да направи Чупиќ, само да победи, не ме изненадува ваквиот профил на тимот. Чупиќ е спремен да се истепа и со сопствениот брат, на клупата на шампионот, само да го извлече најдоброто од своите играчи. Во претходната колумна пишував и за неговиот однос кон „принцот од Јане“, како показна вежба за тоа кој е кој во клубот, како треба да изгледа хиеархиската поставеност и што значи дресот со „црвено-црна“ боја.

Ако за дуелот во Плоцк, можеме да кажеме дека одбраната и голманите не овозможија подлога за „брејк“, а нападот, транзицијата и упорноста беа на највисоко ниво, за што Чупиќ, секако има огромен удел, за поразот во Скопје, на „шефот“ можеме да му забележиме неколку сегменти, кои, можеби ќе донесеа подобро да изгледа тимот. По лошиот страт и проблемите во срцето на зоната, Чупиќ мораше да има алтернативна зона (5-1 на пример!), кој ќе ги ограничи Фазекаш и особено Косоротов, да го препознае навреме добриот ден на „нашиот“ Фадиљ, но и да го „седне на клупа“ Љевар, кој има неограничен кредит за трошење на Чупиќ. Со што го заслужи, не е јасно.

Се на се, да бидеме реални. Овој Вардар, барем според она што го прикажува во моментов, нема доволно квалитет за форматот и нивото на натпреварување какво што бара Лигата на шампионите. Недостига сериозна поддршка на голманската позиција, има и очигледни слабости на одредени играчки позиции и проблеми со недоволен фонд на играчи во ротација.

Со таков ростер, против вакви противници, тешко се фаќа чекор со европскиот крем. Борбеноста може да те врати во натпреварот, карактерот може да те одржи во игра до последната минута, но за да победуваш на ова ниво, потребен е и квалитет.

Вардар покажа дека има тимски дух. Следниот чекор е да покаже дека има и тим за Европа.

ПЕЛИСТЕР НЕ ИЗГЛЕДА ДОБРО, ЧЕРВАР (НЕ) ГО КАЖАЛ ПОСЛЕДНИОТ ЗБОР

На другата страна, Еурофарм Пелистер, во падни стани ситуација, што се однесува до играта во Европа, со „крпен“ тим од доминантно македонски играчи, кои секои три дена „крварат“ на терен, неколку играчи од странство кои се трудат да бидат нивна поддршка и дузина играчи, на заминување, за кои е платено фино обештетување и кои се „сериозна“ поддршка, ама од трибини.

Читам и слушам, дека Маго ди Умаго е на отстрел на битолска публика, која очекува(ше) повеќе, без некоја релна основа за нивните очекувања. Не ставајќи се во улога на адвокат на „стариот“, само ставам факти на маса, дека Лино во мај месец е назначен за тренер на вицешампионот, период од годината кога само супер половични играчи се достапни на пазарот. Но, тоа не ја оправдува одлуката да се донесат играчи од надвор, па макар биле и непроверени, а и недостојни на амбициите на клубот, амбиции кои истиот тој клуб, ги постави нереално високо.

Пелистер, сигурен сум ќе се обиде во декември да испазари уште некој играч (паралелно тимот ќе попрати уште неколку „засилувања“ од летниот преоден рок), со прашалник, кој е тој играч, кој е слободен во декември, а може да донесе екстра квалитет во пролетниот дел од првенството, кога „се бројат овците“ во домашното првенство. Затоа што, за Европа е веќе доцна.

Лино Червар не е човек на кој патот до успехот му бил поплочен со рози, секако дека не е првпат во ваква ситуација, да биде напаѓан и неразбран од пошироката јавност, но многу често излегувал како победник, што и да подразбираме под тој поим.

Да крене раце од борбата е нешто што неговиот ментален склоп не го препознава како опција.

П.С. Наскоро следува нов собир на националната гордост. Во рамките на квалификациите за ЕП, Македонија во оваа ЕХФ-недела ја очекуваат дуелите со Луксембург, на домашен терен, и Грција, на гостински.

РФМ и селекторот го промовираа Украинецот Горига како нов член на националниот тим, квалитет плус во момент кога добар дел од репрезентативците не ги играат најдобрите денови од своите кариери.

Дали Горига ќе донесе поголема ротација на бековските позиции и дополнителен квалитет во одбраната? Дали неговото доаѓање ќе значи и враќање на Фитиљ на средната бековска позиција? И, најважно, како ќе изгледа националниот тим со дузина играчи кои, барем според актуелната форма, се далеку од нивото на кое сме навикнати да ги гледаме?

За ова и за уште неколку дилеми околу националниот тим, во следната колумна на „Читај ракомет“.

Се гледаме во сала!

Автор: Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...