Кога ловецот станува плен, а поразот е многу повеќе од резултат

Постојат порази кои болат поради резултатот, но постојат и такви кои загрижуваат поради сликата што ја оставаат зад себе. Натпреварот со Грција, за жал, припаѓа во втората категорија.

Неколку дена по натпреварот од квалификациониот циклус за ЕП 2028, предвиден за овој ноември, каде Македонија одигра два натпревари, сеуште се обидувам поразот во Грција да го ставам во графата инцидент. Се обидувам, но некои показатели кажуваат дека не е се така бело.

И притоа, не станува збор само за тоа дека загубивме од соседот. Не станува збор ниту за тоа дека на спротивната страна имаше мотивирана репрезентација која знаеше што сака. Проблемот е во начинот на кој Македонија изгледаше на теренот. Несигурно, без јасна идеја, без препознатлива игра и, можеби најзагрижувачки, без реакција во моментите кога беше очигледно дека работите не функционираат.

На моето гостување на Телма ТВ, кај почитуваниот Бранко Казаковски, презентирав некои тези, кои, после тоа во неделата се покажаа како предвидувачки. Улогата на „ловец и плен“ ја зедовме со раширени раце, и ако она во Скопје изгледаше супериорно, чекајќи ја Шведска дома „на нож“, со цел да и земеме скалп, отидовме во Грција „полни со себе“. Или не.

Не е првпат Македонија да има вакви натпревари. За жал, не е веројатно ниту последен. Фарските Острови, Литванија и сега Грција се различни противници, различни ракометни приказни, но со одредени заеднички елементи во нашите настапи. А кога истите проблеми се повторуваат, веќе не можеме да зборуваме само за лош ден. Како мечкина услуга од минатото, во сите претходни натпревари од ваков тип, Македонија излегувала како конечен победник, а тоа во секој случај нашиот менталитет проблемите ги става „под тепих“.

Како човек да направи сериозна длабока анализа, во однос на тоа што ракометно се случуваше во Халкида, ако паметот цело време оди на тоа дека, очигледно, голем дел од нашата експедиција, не сфатила против каков „душман“, надвор од тие 800 м2, игра нашата национална гордост?

Класична 6-0 зона, без изненадување во однос на поставеноста, со блага антиципација на лев бек, како веќе видена тактичка варијанта на нашиот селектор и на клупски план. Помалку храбра, во однос на товарот кој му се даде на Цар Самуил, на фундаментална позиција. Но, и малку нелогично плитка, и доста неподвижна, во однос на тоа што го видовме од бековите на противникот. Или, можеби потценувачки плитка, со надеж дека Томовски ќе решава се што е „од надвор“. Нели, Томовски, брани на врвно ниво, но напоменав и на Телма, дека овој натпревар, оваа ситуација е комплетно различна. Без никаква поддршка од одбраната, која во обид да го следи нивниот креатор на играта, оставаше кратери на средината на одбраната, или пак ги носеше нашите централни дефанзиви да бидат приковани за 6-6,5 метри, давајќи им простор на бековите на Грција да „пукаат“ кон голот на немоќниот „пантер“ од Бундеслигата.

Ситуација, која не донесе да имаме несигурност, кој не ни дозволи транзиција и повеќе т.н лесни голови. Но, ни донесе нервоза, и несигурност, конфузност, меѓусебни обвинувања… Е сега, ако противникот успее да те натера да се чувствуваш несигурно, тоа е едно. Но ако сам си ја создаваш несигурноста, тогаш проблемот е многу подлабок.

Кога одбраната, целокупно гледано, на гостински терен не е на ниво, нападот тешко може да го надополни тоа. Особено кога има безидејност, предвидливост и стерилност. Па макар и во својот тим да имаш играчи со сериозна репутација и големо искуство. Барем ние мислиме дека овој наш национален тим ја има, гледано низ призма на поединечните квалитети на одредени играчи. Натпреварот покажа и дека индивидуалниот квалитет на одредени ракометари не може секогаш да ги прикрие недостатоците во колективната игра. Ниту еден добар потег, ниту еден индивидуален блесок, не може да ја замени потребата од јасен систем, добра организација и тактичка дисциплина.

Пред овој циклус имав загриженост околу формата и состојбата (не само физичка, туку и психичка) на одредени, клучни играчи во нашиот тим, што се покажа и оправдана. Митев како прв креатор на нашиот напад – не беше тоа, Кузмановски, во подредена позиција, во однос на улогата која ја има во клубот, делуваше збунето и недоречено и единствено Велковски, како „комодоре 64“ испочитува се што беше сервирано, и го даде тоа што се очекуваше од него.

Следува хокеарска измена од нашата клупа и три нови бекови во еден ист момент, од кој еден од нив е во селекцијата помалку од што можам јас да издржам под вода, а другиот игра сезона во Битола,  со минимум самодоверба.

Било што било, Македонија отвори натпревар во улога на плен и убава негатива на полувреме. Дали структурно променивме нешто во играта. Апсолутно не. Се чекаше 37 минути, да промениме зона, за која немавме убаво решение на позиција „индијанец“, со играч кој очигледно, барем засега, не може да го издржи товарот на најголемата сцена. Црвен картон, и уште еден хазардерски потег, на тактичка поставеност 5-1 или можеби 5+1. Дамјан Митев ниту е крило, ниту има искуство да го глуми покојниот Едо Кокшаров, на таква чувствителна позиција.

И тука неизбежно доаѓам до селекторот. Дали станува збор за лош избор на тактички решенија? Дали противникот беше недоволно анализиран? Не би рекол, имајќи предвид претходното искуство. Дали измените беа навремени и дали Македонија имаше план Б кога првичната замисла не функционираше? Прашањата се легитимни, особено кога се работи за репрезентација која се подготвува за големо натпреварување.

Нејсе. Поразот од Грција треба да биде добра лекција. Не затоа што Грција е ракометна велесила, туку затоа што ни покажа колку сме ранливи кога ќе се соочиме со организиран противник кој знае да ги искористи нашите слабости.

Пред Светското првенство нема простор за самозалажување. Потребна е сериозна анализа, искрен разговор и, пред се, одговор на едно едноставно прашање: што точно сакаме да играме и со какви играчи ќе го направиме тоа?

Групата во Магдебург е супер незгодна и кој мисли дека сме веќе во вториот круг, нека го погледне уште еднаш натпреварот во Грција.

Затоа што ако го сметаме за инцидент, ќе ни се врати како бумеранг.

Во тој случај последиците ќе бидат поголеми, а тоа не му е од полза на никого во македонЦкиот ракомет.

За некој ден ќе излезе и втората епизода од нашиот нов проект B&D and Handball Talks, со супер интересен гостин, каде што тој истиот ќе изнесе и негов личен став, околу се што се случуваше во Грција, но и на многу други теми.

Следува период на неколку дерби средби во клупскиот ракомет, почнувајќи од дербито во сабота, каде шампионот, во „Борис“, го пречекува Алкалоид. Тежок период за тимот од Автокоманда, имајќи предвид колку играчи дава овој тим во националниот тим. А од овој квалификациски циклус никој од нив не се врати со бистра глава во својот клуб. Многу брзо, веќе следната недела, во Автокоманда доаѓа уште една голема екипа, предводена од „маго ди умаго“.

Киксови не се дозволени и можат скапо да чинат.

Да уживаме во најубавиот спорт.

Автор: Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...