„Само во вторник да победиме“ – Пелистер и високофреквентната емоција на управувањето

За крај. Им посакуваме успешен настап на нашите девојки во Романија. Македонија на Европското првенство во женска конкуренција ја очекуваат дуели со Швајцарија, Романија и Норвешка. Селекторот Игор Марковиќ неодамна ни беше гостин на кафе-муабет во единставениот поткаст во државата, кој се занимава со ракомет – B&D and Handball Talks.

„Одлично интервју во траење од 70-тина минути, погледнете го, нема да зажалите„ – што би рекол Мастер Васко Ефтов. Погледнете го мојот разговор со Виктор и селекторот тука 👇

Шарена недела или две во ракометна Битола. Од европски успеси до домашни возбудувања, порази и победи. Од полковник, до покојник и рикверц. Така некако се движеше Пелистер на „Маго“, Фитиљ и Никуч, изминатиов период.

Луѓе мои, не е лесно да се биде битолчанец периодов. Спортскиот бренд од градот на конзулите повторно беше во центарот на вниманието. Првенствено поради двата супер триумфа во ЕХФ Европската лига, над големиот Гумерзбах и дотогаш непоразениот полски претставник Вибжеже од Гдањск.

Победи потребни за Пелистер да остане во игра за европска пролет. Победи со огромна тежина, имајќи го предвид притисокот под кој беше ставена екипата, во ситуација кога немаше друга опција.

Е, да. Го отпишав Пелистер пред месец и кусур, во однос на презимување во Европа. Можеби избрзано, ама и провоцирачки. А како изгледаше тимот на пола од групната фаза, со два (не)очекувани порази и еден освоен бод на гостувањето во Полска, само теоријата го носеше во следната фаза. А теоријата викаше прво Гумерзбах да се победи дома, Вибжеже да ги запре Шпанците, потоа битолчани да ги освојат бодовите против тимот од Гдањск, а Гумерзбах да одработи за себе и за македонскиот преставник. И се што требаше, се реализира(ше). Битола е повторно пред „Денот Д“, овојпат во Шпанија. Кај големиот должник, Ла Риоха. Тимот кој им нанесе тежок пораз, ја разниша битолската гордост, заканувајќи се дека ќе го дестабилизира клубот и донесе промени во структурата. По 387 пат изминатите 7-8 години.

Е сега е време за наплата и потврда дека тоа било само лош ден.

Помеѓу сите блескави моменти во Европа, во сериозно згуснат распоред за кој забелешки има(в)ме сите ние, забелешки имаше и (не)опрвадано кукаше „стариот лисец“ од Умаг, а и цела Битола, Пелистер одигра натпревар во Автокоманда, во позитивна атмосфера, во ситуација кога победи се посветуваа или присвојуваа како роденденски подароци и сВе, сВе беше нај нај повторно во Битола.

А таму, на „темната страна на Вардар“, пречекан од тим со јасна задача „од горе“, до Нова година да освои бодови против еден од конкурентите за највисок пласман, Пелистер на Червар одигра бледо, конфузно, неконтролирано, чаушки и недолично. Вицешампионот не изгледаше како тим што знае што сака да добие од дербито. Можеби дефокусирано, за она што следува со Пољаците, можеби калкулантски, во однос важноста на дуелот што следи …бла бла бла. Ако било така, „пораките“ после дуелот, како излив на емоции на Инстаграм немаше да се случат, покажувајќи дека овој проект, сериозен, скап и исклучително важен за македонскиот ракомет, „вози“ на високофреквентни емоции како модел на управување. И нормално, кога емоцијата станува основен механизам на управување, а не само реакција на резултатот, клубот почнува да живее во постојани осцилации. Одлуките се носат во еуфорија или разочарување, а стратегијата станува жртва на моменталното расположение.

Осцилации со огромни амплитуди. Па така, по Алкалоид, Пелистер во еден замав ги победи Вибжеже и најновокомпонираниот конкурент во трката за титулите, силниот Охрид. Особено беше интересен дуелот со „гладијаторите“. Типичен дерби-дуел, без претерана убавина во играта, со многу промени во водството на едната и другата страна. Охрид го држеше под контрола резултатот, но, како што „твитнав“ на ФБ, не го преживеа „црвениот“ картон на Јошида. Играч број еден на натпреварот, во двата правци. Одличниот настап на Зечевиќ не беше доволен да го награди Охрид со победа. Затоа „Нинџа“ им пресуди.

Но, по преспиена ноќ или две, би додал уште нешто. Охрид покажа квалитет и одлична одбранбена зона, која не доби соодветна поддршка од голманите. Хроничен проблем или? Нејсе, Охрид уште еднаш покажа дека, во „отсуство“ на Анте, оној Анте Иванковиќ од претходно, кој е на пат за дома, во однос на организација на нападот, во огромна мера зависи од Стрмњан. Тоа не е нималку пријатна ситуација, за екипа која „ја чекаме“ да игра финале на Европски куп и да земе еден трофеј годинава.

Што ми беше муабетот…

Пелистер осцилира и фантазира. Во вторник да ја победи Ла Риоха и да „преспие“ во Европа. Што би рекле периодов во Битола: „Само во вторник да победиме“. И така два три пати по ред есенва.

Верувам, по триумфот во Шпанија на некои ќе им биде простено речиси се. И токму тука можеби лежи клучот на проблемот.

Проблемите повторно ќе бидат ставени под тепих. Барем до април или мај. Оние кои денес се предмет на критики, по евентуалната победа во Шпанија, во вторник ќе бидат опејувани како јунаци низ Битола. А потоа? Доволен ќе биде еден нов неуспех за истите тие јунаци повторно да бидат „колнати“ до трето колено.

И така, одново во круг.

„Маго“ со првиот авион дома, потрага по нов тренер во мај, нови играчи, нови очекувања… И повторно истата приказна.

Можеби најголемиот проблем на Пелистер не е ниту еден поединечен пораз или победа, туку тоа што клубот премногу често дозволува моменталната емоција да ги диктира долгорочните одлуки.

п.с. Алкалоид, вака-така, го „исклучи“ од Европксиот куп Горење и напролет ќе игра во Европа. Вардар и Охрид се веќе таму, а Пелистер во вторник, ако Бог даде, ќе им се приклучи.

Ракометна Македонија напролет (можеби) ќе биде претставувана од вкупно пет екипи: четири во машка конкуренција и ЖРК Чаир во женска конкуренција. На девојките од Чаир им честитам на пласманот. Резултат за почит, но и за „ставање прст на чело“ од страна на одговорните во лигата и клубовите. Време е да се работи многу повеќе на промоција и маркетинг, и дигитално и класично. Подобро да се „спакува“ производот за да може полесно да се продаде – на компаниите, на публиката во салите и на оние кои чекаат телевизиски преноси.

Ах, ТВ преноси. Падни стани, и на едните и другите.

Го чекаме бродкастерот на следното СП во Германија, каде Македонија е учесник.

Вака можеме до Божиќ да „редиме“

п.п.с За крај. Им посакуваме успешен настап на нашите девојки во Романија. Македонија на Европското првенство во женска конкуренција ја очекуваат дуели со Швајцарија, Романија и Норвешка. Селекторот Игор Марковиќ неодамна ни беше гостин на кафе-муабет во единставениот поткаст, кој се занимава со ракомет B&D and Handball Talks.

„Одлично интервју во треање од 70-тина минути, погледнете го, нема да зажалите 😊„ – што би рекол Мастер Васко Ефтов.

Се гледаме на You Tube или во сала 😊

Автор: Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...