Фото РК Вардар 1961
Со тажен лик и насолзени очи…
е стих од една безвременска балада испеана од бардот на македонската шлагерска музика, Драган Мијалковски, а совршено се вклопува во сликата од Јане по последниот свиреж, синоќа во првиот натпревар од новата сезона во лигата на шампиони, по пауза од 4 сезони.
Во Скопје гостуваше Нант, вториот по квалитет француски клуб, и ги однесе двата бода во една трилер завршница во духот и стилот на Вардар од славните времиња.
Горчливо беше чувството, но следеа заклучоци…
- Постојат ракометни градови, постои ракометна публика, но енергијата што се создава во Јане и конекцијата помеѓу навивачите и играчите ја нема никаде. Како туристи пред седумте светски чуда изгледаат сите гостински играчи кога ќе влезат во Јане. просто не сакаат да ја напуштат. Токму таа енергија токму таа конекција е првата додадена вредност и фактор кој може да го врати Вардар на Ф4.
- Вардар има тренер победник, и не само затоа што има 3 титули како играч и безброј медали како репрезентативец, овој човек едноставно е победник. Во фразата САМО ДА СМЕ 6 ИГРАЧИ И ГОЛМАН ОДИМЕ НА ПОБЕДА… се гледа страста и фанатичноста и најважното менталитетот на победник!
- Во битката на буџетите, Вардар стабилно на дното, фактор кој многупати бил пресуден, во обратна конотација, мотивацијата на Давид против Голијат. Не ретко тренерите токму оваа состојба ја користеле како дел од своите мотивациски постулати.
- Вардар има и глава и опашка, Вардар го има својот Лидер, својот ЈАКА, човек кој ги живее и игра можеби своите најдобри ракометни денови. И токму фактот дека баш Јака беше трагичар синоќа, а публиката во еден глас го скандираше неговото име, дава силна порака за него но и за целиот тим!
- Во годините на подемот, во Скопје доаѓаа играчи кои ја бараа својата втора или трета шанса, и стануваа ракометни мега ѕвезди. Така е и сега, Јака, Мо, Леон, Милош, Васил и Милан, Педро, Вукашин… комплетно се вклопуваат во тоа сценарио.
- Во двата досегашни дуели, без секунда искуство од лигата на шампиони, со исклучително кратка ротација, Вардар беше на праг од освојување на бодови. Можам само да замислам како ќе изгледа следната сезона со комплетна клупа и со најавените засилувања!
Самиот натпревар беше можеби на чекор од врните шампионски перформанси на лигата, а истиот не помина незабележано во ракометните кругови ширум европа, па издвојувам една, од еден исклучителен ракометен авторитети Расмус Бојсен
Токму за ова станува збор во Лигата на Шампиони! Каков интензитет, драма и атмосфера во Скопје. На Лигата на Шампиони и недостасуваше ВАРДАР.
Ако по утрото денот се познава, следуваат години на вистинско ракометно уживање, а можеби и триплета, зошто да не!
