Лино го “задуши” Охрид – „меч за гурмани“ на црн екран

Неизвесност, тензија, бескомпромисна борба, тактички надмудурвања, психолошки притисок и полни трибини во „тврдината“ во Охрид видовме уште на стратот на, толку озборуваната и надалеку фалена – суперлига во ракомет. Дуелот помеѓу ГРК Охрид и Еурофарм Пелистер, ги оправда очекувањата и најави мамутски интересна и неизвесна битка за трофеите во домашниот шампионат.

Она што не видовме, а е од круцијално значење за популаризација на ракометот како спорт, е ТВ пренос кој ќе доликива на вложувањата и квалитетот на екипите во лигата. Не ни се случува првпат, веројатно не е ни последен.

Е сега, кој е крив?

За тоа подолу во оваа колумна.

Првенствено, честит да ни е јубилејот 35 години независнсот, со надеж дека ќе дојдат генерации кои ќе имаат повеќе чувство и грижа за оваа наша Македонија. Тоа би биле вистински патриоти.

ЛИНО ГО ОДНЕСЕ НАТПРЕВАРОТ НА „СВОЈ ТЕРЕН“ И ОСВОИ БОД КАЈ ФАВОРИТОТ ОХРИД

Во преполна „Биљанини“, каде што визуелно доминираше сино-белата боја, а според гласноста која доаѓаше преку скромниот Јутуб пренос, „чкембарите“ го водеа орото, Охрид и Пелистер одиграа „меч за гурмани“ (знаеше да напише Витомир Долински, како дописник за Нова Македонија од Струга). Одиграа меч кој беше многу значаен, повеќе од психолошка страна, иако, со префрлање на бодовите во следната фаза, и резултатски не беше небитен. Меч во кој, после се што се случи последната година во двата клуба, Охрид, како домаќин и клуб со сериозно широк ростер на играчи кои можат да одржат и надградат ритам на игра, сепак беше благ фаворит. Во Битола последните 12 месеци се сменија тројца тренери и дузина важни играчи заминаа. Дојде Лино Червар, Мартин Серафимов и една група релативно млади и непознати (за пошироката јавност) играчи. Но, и се задржа главната оска Кузмановски-Митревски-Пешевски. Во таква ситуација, каде едните веќе заминаа, а вторите сеуште не „го положиле приемниот испит“ кај Лино, Пелистер, свесен за капацитетот на дел од екипата, (не)можноста од широки ротации и играчи на една рака кои можат да изнесат ваков натпревар, се одлучи да игра доста трпеливо, споро и до болка дисциплинирано. Формацијата 7-6 во нападот беше очекувана опција, со цел да се заштити Фитиљот од дуел игра, кој би ја форсирал доколку треба да создава разлика во нападот, во кој многу работи зависат токму од него. Не многу, премногу работи зависат од Фитиљ. Зона 6-0, кој ќе се трансформира во 5-1 (или обратно) исто така, имајќи предвид ростерот, беше очекувана опција. Но, најважно од се беше да се оневозможи игра во која ќе има многу трчање и висок ритам. Тоа, ќе беше погубно за битолчани.И успеа стариот лисец. Го однесе натпреварот на терен каде, големиот број играчи на противникот, младоста, желбата за трчање и постигнување погодок повеќе, беше сведена на минимум или беше опструирана. Во таква ситуација, кога се ова погоре ќе се собере, и додаде нервозата кај домаќинот од неможноста да ја игра својата игра, да ја валоризира, на терен, разликата во квалитет која ја поседува на хартија, крајниот резултат е реален и позитивен за Битолчани. Голема енигма е колку оваа екипа, со (не)доволно играчи (според Лино), кои можат да играат за дресот на Пелистер, ќе го издржи ритамот на три фронта?

ЖЕЛЕЗНА ДИСЦИПЛИНА И ИНДИВИДУАЛНИ ПОДВИЗИ, КЛУЧНО ЗА ОСВОЈУВАЊЕ БОД ВО ОХРИД

Клуч на натпреварот:Колективно. Клучно на натпреварот беше високата мотивираност на гостите, физичката подготвеност на дел од тимот да го „истера“ цел натпревар и секако, железна дисциплината во играта и добро познатата фраза на Червар – „лопта је злато, чувајмо је“. Индивидуално, голманите, на двете страни, не беа фактор на решавање и со идентичен придонес може да ги елиминираме. Филип Кузмановски игра како по ноти од стартот на сезоната, а и во Охрид беше вистински лидер. „Вработува“, поентира, влече полуконтра и помага во зоната на два и пет, кога ќе дојде зорт. Самоил одигра многу зрело, имаше многу тешка улога, иако промаши два зицери. Минутажата и довербата која ја добива, но и неговиот однос (како да има 32 години) може само да ја радува пошироката јавност. Како што ја радува и играта на Петар Атанасиевиќ, кој беше непогрешлив. Не видовме многу од Серафимов, Видомски со односот кон играта, но и прифаќање на улога на играч кој ќе чека некој друг да создаде ситуација, одигра солидно. Сепак, за мене пријатно изненадување беше играта на Хенингман, особено трпеливоста во нападот, на поставеност која не му е по воља. Со главна задача во зоната да игра преден, на 5-1, која ќе се „спушти“ во 6-0 во даден момент, и неколку реализации, словенецот, како никогаш до сега одигра корисно за екипа. Кај домаќинот, унгарецот Мате, статистички одигра добар натпревар, а неговата техничка подготвеност е изненадување за мене лично. Нов е во екипа и ќе му треба време. Колку сака да биде тимски играч, или ќе брка статистика, ќе видиме. Ројевиќ се обиде, со промена и внесување во игра на повеќе играчи да подигне ритам, но Пелистер не дозволуваше игра „трчај и шутирај“. Стрмљан доби голема минутажа, на сметка на Иваноски, а Љапис на моменти, како воспоставена практика, во дел од натпреварот играше на лево крило, повторно со цел, што помалку измени, брз центар, транзиција и слично.За обележување е стабилноста во реализација на ветеранот Гоце Ојлески, кој реализираше погодоци во серија, во клучни моменти.Севкупно гледано, вистински првенствен дуел за бодови, со многу борба и мотивираност, поддршка од трибините, со неколку тактички варијанти на двете страни и судиски пар кој има „грб“ да го издржи притисокот, од публиката, но и од клупите, и најважно не оштетувајќи драстично никого.

ХИТНА РЕГУЛАЦИЈА НА ТВ ПРАВАТА ОД МАКЕДОНСКАТА СУПЕРЛИГА

Натпреварот се одигра, но пошироката јавност не го виде. И повторно се фрла со „дрва и камења“ по потенцијалниот бродкастер, во минатото националниот сервис, сега во новоформираната Арена Спорт Македонија. Револтот, опрвдан, но адресата можеби не е таа.Зошто?Колку што јас сум сфатил и научил, работејќи во Металург, е дека организатор на лигата е националната федерација. Истата таа е (или треба да биде, ако до сега не е уредено) сопстевник на ТВ правата од преносите во машката супер лига. Во таа ситуација РФМ треба да најде партнер, кој ќе има интерес да врши пренос, но РФМ мора да гарантира дека за тремините на одигрување на натпреварите (оние кои ќе одат директно на ТВ) ќе се прашува бродкастерот. Така е секаде во светот. Гледаме првенстава каде се адаптираат термини во однос на други континенти, финале на ЛШ фудбал кое се играло порано од вообичаебно. Ништо чудно и несекојндевно. Нормална раабота. Големите пари во светот, во моментов се добиваат од ТВ права. Ние сме далеку, но од некаде мора да се почне.Но, за да гарантира термини по желба на ТВ куќата која први пренос, МОРА да има колективен договор со сите екипи во супер лигата (како услов за партиципирање), дека тие истите ги предаваат правата за пренос, дека за секој дерби натпревар, кој ќе „оди“ во живо на ТВ, ќе се прашува тој што го врши преносот.А за да се согласат на колективен договор, екипитее кои сериозно вложуваат, мора да имаат некаков „фидбек“ во финанасика смисла. Знам, звучи далечно, но кога ќе се пресметаат преносите и минутите за реклама, цената на чинење на истите… За почеток, симболичен надоместок за секој натпревар во кој учествувала екипата, а се емитувал во живо на ТВ.Во секој случај треба да се почне да се регулира овој сегмент. Недозволиво е екипа, или поединец, како дел од истата, да не дозволува поместување на термин, со цел „светот“ да ги гледа дерби натпреварите од најдобрата лига во регионот.Затоа што едно врапче ми кажа дека преносот од Охрид бил возможен, доколку натпреварот се одиграл некој час порано. Тоа не е во инетерс на ракометот!

п.п.с Танески и Прилеп покажаа „мускули“, а Диме Димитриевски „глобтротерски“ инстикт, против Куманово. Кики Грчески, закрпи екипа и веќе освојува бодови, и тоа на гости. Во Струга, сепак ќе треба да помине ште малку вода низ Дримон, за да се врати таму каде што и е местото. Имаше свои минути, но немаше човек кој ќе ја дозаврши работата.

п.п.с. Садоу Н’танзи, големата надеж на француслкиот ракомет, освојувач на одличја со младинските селекции на „екпсертите“ е веќе на Широк сокак. Ако е здрав (во секоја смисла) очекуваме брзо да го положи „приемниот изпит“ кај Маго ди Умаго.

Горан Ѓоргоноски

Поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...