Фото РК Еурофарм Пелистер
Во среда каква одамна не сме имале, градот (Скопје) обвиен во смрдеа и палеж, како од некој постапокалиптички СФ холивудски филм, сепак можевме да уживаме во два фантастични ракометни натпревари.
Првиот, во Скопје во Автокоманда, во живо и вториот во Битола во легендарната Младост, денешна Боро Чурлевски, во пренос на Македонската Радио Телевизија.
По елиминацијата од бундеслигашот Хановер, на Алкалоид му се симна сериозен товар од плеќите. Се разбира не е тоа планот кој требаше да се развива, но секогаш кога некоја врата ќе се затвори, друга се подотвара. Погледите, тренинзите и сиот фокус на Фармацевтите сега е вперен кон Супер Лигата и кампањата, Куп и Трофеј во најсилната, според многумина, Ракометна Лига на Балканот.
Старт како само може да се посака, во гости пристигна еден од најновите Македонски ракометни проекти, сериозно засилен на секоја позиција, тимот на ГРК Охрид.
И дефинитивно, сега зборуваме за ГОЛЕМАТА ЧЕТВОРКА. Охрид освои два силни турнири и покажа дека стартната позиција му е високо на гридот.
Така и беше, во мојата трета опсесија, Театарот, постои форма која се вика Физички театар.
Физичкиот театар е жанр на театарска изведба што ги нагласува телото и движењето како примарни средства за раскажување приказни и изразување. Иако може да вклучува дијалог и текст, физичкиот театар често се потпира на пантомима, гест, танц, акробации, кловновство и други форми на телесна експресивност за да пренесе приказна, емоција или идеја. Оваа форма на театар се стреми да создаде моќно визуелно искуство за публиката.
Во тој дух, натпреварот можам да го опишам како Физички Ракомет. Огромен број на тешки физички дуели, машка борба, многу снага и малку голови. Нешто што во случајов никако не му одговараше на тазе крунисаниот освојувач на Европскиот Куп.
Но тоа е реалноста, реалност со која ќе мора да се соочи и Охридскиот проект но и неговиот нов тренер. Имам чувство дека пријатниот престој и гостопримство во Охрид му создал преголеми очекувања. Па така, очигледно беше дека има потреба секоја судиска одлука да биде во негова корист.
Дерби вредно висока оценка, за кое јагодката пристигна во последните неколку напади кога се одвиваа сцени од највозбудливите финални спортски натпревари и разрешница во последни секунди.
Уживав на трибините, исполнети со солиден број навивачи, две навивачки групи, едната многу симпатична и оригинална, Кафетинки и другата малку исфорсирана, предводена од еден по многу нешта сеуште сомнителен лик, и голем број на ракометни авторитети.

Фото РК Алкалоид
За жал автопатиштата во Македонија сеуште служат само како предизборни ветувања, а километрите само како популистичка форма на замајување на гласачите, па така просто е неверојатно да стигне човек до Битола, вториот по големина и важност град, оддалечен само 160 километри а да не потроши 2,5-3 часа. Штета во секоја нормална демократија патот од 160 километри би го совладале за 70-80 минути. Значи немаше шанси да се стигне на отварање на сезоната во Битола.
Среќа МТВ сеуште постои.
Битола трепереше, како сите да знаеа а не смееа да кажат, сега му е мајката. Загреб никогаш побезличен а Пелистер никогаш по стабилен. Единствена непозната на клупата, Кабадаја, како на шега првиот пат ми зазвуче, покажа смиреност и без многу експериментирање си ја извојува својата прва победа во ЛШ, десеттата за Пелистер и првата победа во воведно коло.
Поубо здравје.
Битола заслужи, навивачите конечно може да здивнат. Фан зоната подготвена како доликува на голем клуб. Атмосферата повторно на највисоко ниво, се позелени и поубави се трибините. Да ги намалат еротските моменти во реториката и дупките во навивање кога на Пелистер не му оди, дефинитивно ќе ја добијат титулата НАЈПУБЛИКА!
Од статистиката издвојувам, од 25 постигнати голови за Пелистер, 15 се дело на македонски ракометари!
Фитиљот, клучот за изгледот, формата и напредокот на Пелистер, со минимални корекции во играта и во ставот, небото ќе му е лимит.
Со нетрпение го очекувам развојот на настаните и дома и во Лигата на Шампионите, ако малку ни се насмевнат и ѕвездите можеби ова ќе биде сезона за која долго ќе говориме.
Да живее ракометот!