Следниов извадок е копиран од википедија, а ќе ми послужи како вовед…
На 29 ноември 2019 година бил потпишан договор за заедничко сопствеништво помеѓу сопствениците на РК Еурофарм Работник (создаден во 2011 година) и РК Пелистер (чиј сопственик била општина Битола). Според договорот, РК Еурофарм Работник ќе го промени името во Еурофарм Пелистер, а оригиналниот РК Пелистер ќе го промени името во Еурофарм Пелистер 2. Еурофарм Пелистер ќе биде водечкиот клуб со високи европски амбиции, додека Еурофарм Пелистер 2 ќе биде развоен клуб исполнет со млади ракометни играчи од Битола и цела Македонија. Комбинацијата на силен спонзор и спортски бренд познат низ поранешна Југославија целосно се оствари преку договорот со градската администрација во 2020 година. Еурофарм Пелистер веќе ја надмина домашната рамка, играше во ЕХФ Лигата на шампионите и постави контури на тим кој може да ги врати трофеите во арената „Боро Чурлевски“. Ова било официјално остварено во мај 2023 година, кога клубот бил крунисан за шампион на Македонската Суперлига по прв пат по 18 години.
Заклучувам, штотуку се навршија 6 години од потпишувањето на договорот. Се чини дека целите се остварени, три титули Шампион на Македонија по 18 годишен пост, настап во елитната Лига на Шампиони, по некој куп и суперкуп. Но приказната има и една друга страна, по малку мистична.
Бројот на играчи кои продефилираа а уште позначајно, бројот на тренери кои се изменија, говори дека под Тумбе кафе постојано нешто се случувало.
Алушевски, Ќирковиќ, агрономот Бабиќ, Ларс Валтер, Јовиќ, Бранче Ангеловски, Раул Алонсо, Рубен Гарабаја и Шундовски ја комплетираат листата од неверојатни 9 тренерски имиња за само 6 години!
Во повеќе наврати се обидувавме да дијагностицираме што е тоа што недостасува, за екипата да вплови во мирни води, независно од резултатите и титулите. Причините беа различни, соблекувална, домашен лидер, пари, менаџерски тим, аеродром, градинка и што уште не?
Дали е фрлена клетва на тренерското столче?
Зошто на Пелистер му се потребни толку турбуленции, изгради тим кој освојува титули, можеби не доминира но да бидеме реални последните години воопшто не е лесно да се биде Шампион на Македонија. Да во Лигата на Шампиони тешко се победува, но таму пак конкуренцијата е е екстремно тешка.
Дали недостасува само малку повеќе трпение?
Со нетрпение го очекуваме најновиот избор на раководството, чарпијата почна и со лицитирање на имиња, има интересни ЦВ а, на листата. Се наметнува и прашањето кој ќе собере храброст да се впушти во таква мисија.
Интересни денови ја очекуваат битолската ракометна чаршија!
