Иконата

Долго размислувам за темата, зошто некои луѓе се големи, зошто оставаат длабока трага, зошто такви има многу малку?

Одговорите не се едноставни, нема ниту правилник ниту шаблон, не постои рецепта по која може да создадеш таков човек.

Современата македонска спортска историја пак на површина успеа да извади неколкумина такви. Јас нотирам еден по многу нешта посебен и впечатлив лик.

Столе се појави тивко на македонската ракометна сцена, како играч, на тогаш клубот во подем Металург, но во прв план дојде веднаш по судирот со тогашниот Маг на ракометот, Червар. Ако од оваа дистанца се анализира таа ситуација повеќе од јасно е дека во тоа момче уште тогаш нешто многу големо тлеело. Се спротивставуваш на еден од најголемите ракометни авторитети во тој момент и завршуваш на кеј! Каков карактер!

Во една прилика и Вујо мајсторе ќе каже, Стоилов е незгоден карактер ама таквите го менуваат светот!

И така и беше. Стоилов експлодира на европското во Србија во дресот на Македонија а се потоа е дел од една сеуште недораскажана приказна. Стоилов станува симбол на македонскиот пркос, непокор, македонскиот пиреј, станува Икона пред која се крстат сите македонски спортски патриоти.

Стоилов е капитен на Вардар клуб во кој во неколку години се слева дел од најдоброто што светскиот ракомет може да го понуди, и сите тие се поклонуваат пред него.

Вардар игра три финалиња на Лигата на Шампиони а Стоилов два пати го крева пехарот!

Историјата е напишана и никој не може да ја промени!

Во спортот ретко ќе сретнете играчи кои давале тон на играта оставале трага зад себе а играле само за еден или два клуба. Стоилов кариерата ја завршува во Вардар и поставува уште една дилема во елитниот спорт, дилема која ја имаат сите загреани вљубеници и посветени фанови на своите клубови, дали постои лојалност или се е само бизнис?!

Па така размислувам за еден куп играчи кои публиката ги засакува, а тие веднаш штом добијат понуда со емотивен пост на соц мрежи се одјавуваат…

Затоа има потреба да кажам нешто, за искрените човечки вредности наспротив молскавичните симпатии и љубови кои исчезнуваат побрзо од светлината на молњата!

Познавам човек кој рече, Вардар не знае да ги чува своите херои! Така беше и со Стоилов.

Денес Стоилов веќе не е во Вардар, го чека стартот на новата сезона со својот само трет клуб во кариерата. Стоилов ќе биде прв тренер на скопскиот суперлигаш Бутел.

И како што на промоцијата самиот Столе изјави: Бутел е клуб по мерка за неговите погледи кон македонскиот ракомет, јас само поставувам љубопитно прашање, дали Стоилов е тренер кој што Бутел ќе може да го испрати до крај? Дали Бутел ќе може да создаде услови и стабилна средина за да посведочиме на едно ново поглавје од историјата на македонскиот ракомет. Поглавје во кое две ракометни легенди на два краја од градот ќе градат две семакедонски ракометни приказни.

Дали во сезоните кои предстојат ќе посведочиме на дерби помеѓу црните на Стоилов и сините на Лазаров?

Столе ти си наша икона…

ќе остане слоган кој ќе влезе во историјата на македонскиот ракомет, баш како и изјавата:

Нека дојде кој сака!

Столе ти посакувам долга, богата и емотивна кариера како кормилар на една од најсимпатичните екипи во последно време!

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...