Македонскиот ракометен плејоф со секое ново коло ги оправдува очекувањата на ракометните вљубеници, и нуди, пред се неизвесност и изненадувања. За квалитет не сум баш сигурен, затоа што околу квалитетот, како релевантен ќе се земе настапот нашите претставници во Европа, следната година. Тука сме во некој затворен круг и немаме осет до каде сме.
Освен во првото коло, во преостанатите три, Тиквеш или Охрид беа екипите кои се во центарот на вниманието, екипите кои или беа блиску или реализираа некое изненадување. Така беше и овој пат, Тиквеш, како фаворит, потврдувајќи ги како важни бодовите освоени против „двократниот“, го совлада на гости Бутел, а Охрид на домашен терен „ги истури“ сите свои долгогодишни фрустрации над фаворитот Алкалоид. И очекувам после оваа победа Охрид да биде уште подобар, постигнувајќи завидно ниво на искористеност на играчкиот капацитет.
Охрид, СЦ „Биљанини Извори“.
Конечно во полно сјај и пополнета како што доликува на град од внатрешност кој одвојува сериозни средства за спорт, притоа, без голема конкуренција од културно-уметнички настани во градот. Дуелот на Селекторот и Стариот (како прекар за безвременскиот Стефче Алушовски, кој од првиот официјален настап на Македонската ракометна репрезентација во Романија, па до најголемите успеси на националниот тим во 2012 г во Србија, неверојатни 21 година беше дел до „избраните“), како плејоф „дежа ву“ во однос дуел на двајца долгогодишни соиграчи, сега во улога на предводници од клупата. Дуел кој заврши со триумф за Охриѓани, дуел кој според мене не покажа квалитет на завидно ниво, што е разбирливо имајќи предвид значењето за двете екипи.
И двете екипи натпреварот го стартуваа со 6-0 одбранбени формации, без изненадување во однос на тактичка поставеност. Особено Лазаров, кој секој дуел, одново и одново го стартува со Младеновиќ како решение во два правци, за брзо потоа да ја коригира грешката. Од друга страна, сепак, како мало изненадување можеме да го посочиме присуството на двата дела од теренот, на воинствениот Тасески, кој генерално ја оправда довербата и покрај стандардно добрата игра во одбрана имаше запазена улога и во нападот на Алушовски.
Во првата четвртина од натпреварот Охрид играше лоша зона, со Орјоникидѕе и Кукоски како централни бранители, а Алкалоид „возврати со иста мера“, поставувајќи ги, во неделата новокомпонираните, Омерагиќ и Стојковиќ на позиции 3 и 4. Сепак, Алушовски по првичното испитување на силите, прв повлече потег и направи неколку клучни измени, внесувајќи го Бојаниќ и Крстевски во фаза на одбраната и заменувајќи го „самурајот“ од Охрид со синоќа расположениот Шафранко. На другата страна, традиционално, после 15 минути поминати во немоќ и анемија и чекајќи го Георгиев „да помине на слаба страна“, Лазаров во игра го уфрла Марко Митев, кој убаво се вклопи во анемичната и без идејната игра на гостите. Во овој период од натпреварот голманите на двата тима, во ликот на Галевски и Ѓорѓески бранеа солидно.
Клучниот период, кој го реши натпреварот, навестувајќи што можеме да очекуваме до крајот на средбата, беше втората половина на првиот дел, кога во игра на поединци на двете страни, Охрид во ликот на Шафранко како дуел играч и играч кој правеше разлика и немилосрдниот егзекутор Церар имаше двајца расположени играчи во нападот. Период од натпреварот, во кој Алкалоид во серија неколку пати го промаши голот (затоа што стативата и пречката не се гол), но и според мене клучно, направи многу технички грешки. Иако општ впечаток е дека Ѓорѓески направи голема разлика во полза на својот тим (несомнено одличен настап имаше и беше фактор за победата), сепак мојот став е дека голманите на двете страни, според статистика на одбранети удари, драстично не се разликуваа. Разликата беше во промашените шутеви (кои не го погодија голот) и техничките грешки. Тука Алкалоид имаше лоши бројки, а во таква ситуација не можеш на гостински терен да очекуваш позитивен резултат.

Фото ГРК Алкалоид
Вицешампионот покажа слабост на агресивна зона на првиот натпревар на домашен терен, а во неделата против Охрид не се снајде добро ниту на висока 6-0 зона, што значи дека тимот тешко се адаптира и влече потези, формира против игра, во секоја ситуација. Од она што го видовме во неделата, Алкалоид без своите најсилни оружја, иако до пред ова коло воденицата течеше на нивна страна (со пораз на Вардар во Кавадарци), многу тешко може да се надева на шампионска титула. Без гранитна, поливалентна, агресивна зона, зона која брзо ќе се адаптира на противникот, без свежина на ростерот важна за дуел игра и трчање, нема транзиција, нема лесни голови, нема можност физички да се победи (или наттрча) противникот. Во таква ситуација, Алкалоид, на поставен напад, без новитет, без изненадување на конкретен натпревар, тешко може да се надева на подобар пласман од оној од ланската година. Тимот кој две години игра без лев бек, носејќи странски засилувања на позиции на кои или имаше „коњ за трка“ или се малку битни во ракометот, мора(ше) да донесе играч на бековска позиција, кој ќе понудеше шут од „надвор“ како опција плус. Од друга страна, веќе подолго време, поради повреди на двајцата левораки играчи на крилната позиција, но и поради константно форсирање на Савревски како играч кој треба да биде многу користен во одбрана и за тоа е жртва во напад, Алкалоид нема убоитост во полу контра и контра на таа десна страна. Кога на тоа ќе се додадат и повредите на двајца пивотмени (Петров и Симоноски), ситуацијата е јасна.
По првото коло „ракометната чаршија“ правеше математики за тоа како Автокоманда може да ја врати титулата, после многу години, победувајќи ги Вардар и Еурофарм Пелистер на домашен терен и сите останати екипи дома/гости.
После ова коло е јасно дека сега се е во рацете на Битолчани.
Викендов Еурофарм Пелистер оди кај „залетаниот“ Тиквеш. Ако Обина и Симиќ се подготвени, можеме да очекуваме добар натпревар.
Вардар доаѓа во Автокоманда, за „Враќање на Џедајот“, во натпревар на „Војна на ѕвездите“, како „Нова надеж“ дека „Империјата (ќе) го возвраќа ударот“.
После викендот или Пелистер ќе биде тимот од кој се зависи и кој чекори кон титулата или повторно се враќаме на почеток во борбата за шампионската титула.
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете
#ЧитајРакомет#ЗаМакедонЦкиотРакомет#МакРакомет#Ракомет#Македонија