СКОПЈЕ ЌЕ ЈА „КРАДЕ“ ТИТУЛАТА ОД БИТОЛА, ОХРИД ВО ОБИД ДА „ЈА ВИДИ“ ЕВРОПА!

Како што вообичено бива, последниве години, по завршување на едно големо ракометно натпреварување, и период на емотивно празнење на спотските фанови, ракометната фела и квази аналитичарите за (не)успехот на нашиот национален тим, следува најважниот дел од сезоната во македонската ракометна супер лига, каде ќе се решава која екипа ќе ги освои титулите, кој ќе „излезе“ во Европа и кој од Септември нема да игра во најелитното ракометно натпреварување.

Чинам како никогаш претходно, оваа година плејофот ќе биде или би требало да биде супер интересен. Три екипи кои конкурираат за освојување титули и уште толку за излез во Европа.

Покрај другото, ќе биде интетресно да се видат поранешните колеги од националниот тим, Бранко Ангеловски, Кирил Лазаров, Раде Стојановиќ, Горан Кузманоски, Александар Јовиќ и Стевче Алушовски, заедно со Владо Неданоски и Столе Стоилов , во улога на тренери (или генерални менаџери на тимовите) како ги предводат своите екипи до (нај)висок пласман. Состојба без преседан, која мене лично ме радува, големите имиња на ракометот да останат дел од истиот, на фундаментални позиции „провоцирајќи“ подобри услови во клубовите и создавајќи дополнителен, здрав, спортски, ривалитет помеѓу себе и клубовите кои ги предводат..

Да одиме од горе, па надолу…

Актуелниот шампион Пелистер, иако го стартува плејофот со -1 бод, благодарение на неколку „жути минути“ на реванш дуелот во Битола, против (нај)големиот ривал, сепак е за нијанса пред останатите, пред се поради широкиот ростер, високиот буџет и стабилна финансиска конструкција. Новиот шеф на стручнот штаб ја „проветри“ екипата, избрка тоа што сметаше дека не е потребно, пред некој ден донесе нов странец на позиција пивот, играч кој од она што го видовме на турнирот во Охрид како квалитет ја има висината од 2.10 м, и сега е на квота од „само“ десет странци и уште толку млади македонски играчи. Битолчани имаат убав ростер, формиран за играње во ЛШ, но ако некој знае да го изменаџира сето тоа. Има сериозен „воркохолик“ на клупата, кој има(ше) тешка задача да ја покрене екипата да тренира со максимален интензитет и да се фокусира на домашното првенство. Тимот покриен на сите позиции со по два или три играчи, има квантитет и квалитет за висок ритам против главните конкуренти, со соодветна, квалитетна ротација. Три голмани, од кои, два супер скапи и етаблирани, доста бекови и играчи на крилните позиции (со Дејан Манасков како засилување), но и „тенка“ одбранбена формација. Барем според мој вкус. Во тој случај Руди Сери или новото засилување, пољакот Пиеховски, едниот како специјалист за одбрана другиот со сериозна висина и можност за користење во два правци, најверојатно ќе мора да му земат место на еден од бековите – странци или на еден голман, како би ја запазиле квотата на дозволени странци во домашно превенство. Но, она што повеќе ме интересира е учеството на „нашите деца“ во тимот. Кузмановски и Манасков не се спорни и ќе мора да ја оправдаат инвестицијата, Пешевски како истакнат напаѓач исто така, а останатите, ќе видиме. Браќа Атанасиевиќ (од кои едниот одигра солидно ЕП), Костески, кој уште еднаш покажа континуиран квалитет, Кизиќ кој имаше малку шанса и во клубот и во националниот тим, Танкоски, Кузманоски и Ѓорговски… (Пре)многу млади актуелни и потенцијални македонски репрезентативци, кои се или треба да бидат важен дел од мозаикот на национачниот тим во следните две три години. Иако секогаш кога некој „аналитичар“ или спортски фан се обидува да помеша прсти во политиката на некој наш клуб, имаме одговор дека истиот е приватен (што секако дека не е така), но забораваме дека во истиот тој клуб играат и (треба) да се развиваат идните македонски репрезентативци. Одговорност спрема нашето национално „благо“ треба и мора да има.

Вицепрвакот Алкалоид, со еден (промашен) странец помалку и скоро идентичен состав (со тројца нови млади играчи регрутирани од „помалиот брат“) составен од генерално млади македонски играчи и зацртан правец ќе има (по)тешка задача да го оправда минатогодишниот пласман, каде на крајот на првенството беше позициониран пред својот скопски ривал. Високо тренирана екипа, со два голмани со различни карактеристики, кои одлично се надоплнуваат, висока подвижна одбрана (или одбрани имајќи предвид дека 6-0 и 5-1 се алтернативите) но и малку (квалитетни) ротации на бековските позиции, каде предничи недостатокот на лев бек кој би покрил игра во два правци. Зоната, транзицијата, колективот и „ракомениот Брус Ли“ или Моцарт во најава ќе бидат адути на „сините“ од Автокоманда, во игра со многу трчање. Недостасуваат алтернативи на десната крилна позиција и на позицијата пивот, поради повреди, ситуација која може да биде и клучна на некои дуели. Четата на Лазаров ќе се обиде да „ги крши“ противниците во последната четвртина од натпреварот, имајќи предвид младоста и подговтвеноста на тимот. Дали ќе биде доволно за една или две титули, ќе видиме!

Македонскиот социјалистички бренд, кој се трансформираше во двократен европски првак, и потоа нагло тргна надолу, во новата сезона тргна со ново раководство, доста измени и (не)стабилни финасии, приотоа правејќи одличен избор на засилувања (имајќи предвид финансиите), но и давајќи им поголема шанса на некои играчи како Лазаревски да покажат што знаат. И притоа одигра и повеќе од солидна полусезона во мак ракометот. Растеретени, без европски натпревари, со фокус на консолидирање, црвено-црните тргнуваат во борба за титулите од челната позиција. Имаа(т) хемија и ма.иња да играат на секој терен, имаат „кој да им чува стравот“ во ликот на Војводата на клупа и Директорот на трибини, имаат голман од висока класа, солидни крила, пивот кој е проблем за секоја зона, имаат играчи кои знаат со топката, но и повреден „самурај“, кој може да биде (пре)голем хендикеп. Донесоа двајца нови играчи, кои не знаеме со каков квалитет располагаат, ако погодиле барем еден ќе имаат што да кажат во борба за трофеите.

Веднаш зад тројката претенденти за титулите се два супер амбициозни тима, кои доаѓаат од општини со силни финансии, предводени од „татковци“ кои силно поддржуваат спорт, без разлика што некој сака тоа да го толкува вака или онака. Охрид и Кавадарци (Тиквеш) составија респектабилни екипи, со доста странци во двата тима, како главна цел популаризација на ракометот на локално ниво, излез во Европа, создавајќи солидна спортска содржина за локалното население која, барем во Охрид, од страна на локалното население сеуште не може да се препознае. Предводени од клупата од двајца поранешни репрезентативци, двете екипи имаат вистински лидери во средните бекови (Јапонецот во Охрид е „тазе“ но ќе биде сериозен фактор), и повеќе од солидни пивоти, но и двата клуба се чини дека се тенки на фундаменталната, голманска позиција. Колку тоа ќе биде хендикеп, ќе видиме, кога очекуваме на домашен терен да „ничкосаат“ еден од фаворитите за титула. Барем така сакаме да биде, титулата да не се решава во меѓусебните дуели на трите фаворити, туку во Бутел, Охрид или Кавадарци. Тоа ќе даде посебна убавина, дополнителен квалитет и интерес во „помалите средини“. Средини кои со прст на чело од утре треба повеќе да размислуваат за финансирање во делот на млади категории, но и во инфраструктура, за тимот да има топла сала, можност за користење на истата според потребите и желбите на тренерот, ако сакаат големите средства потрошени во спортот да имаат некаква трајна вредност, а не да останат топки, реквизити и маркери..

it’s Showtime!.

#ЧитајРакомет#ЗаМакедонЦкиотРакомет#МакРакомет#Ракомет#Македонија

Goran Gjorgonoski

Поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...