Младен Ракчевиќ во Mакедонија помина безмалку 10 години, го носеше дресот на Вардар а потоа и на лутиот ривал Металург, денеска пензиониран од ракометот посветен на една негова голема страст од младоста, виното. Го посетивме во неговата винарија, во Стара Црна Гора, како што тој вели, на пола пат од Подгорица кон Цетиње. Само треба да скршнете од патот и на некои дваесетина километри во прекрасната недопрена природа ќе ве пречека селото Смоковци а таму Младен. Уникатен и посебен човек.
Младен кажи ми за почетокот на твојата кариера во која многу брзо напредуваше?
Пред ракометот тренирав атлетика и фудбал па дури имав и настапи за кадетите на ФК Цетиње. Но мајка ми ме наговори да се префрлам на ракомет и се запишав во школата Цепелин на познатиот Мишко Поповиќ. Негови ученици беа сите познати ракометари па дури и големиот Веселин Вујовиќ. Со 14 години почнав, а веќе со 16 бев во Ловќен во втората екипа во втората сојузна лига. Вујовиќ беше тренер и имаше страшни играчи, Перуничиќ, Бутулоија, Каписода, и набрзо ме повикаа и во првиот тим како 3 пивот. За 3 години од првото тропање со топка до прв тим.
Имаш интересна приказна од турнирот на мирот во Сараево?
Во еден сплет на околности мене ме вклучија во тимот, каде сега прв тренер беше Перо Милошевиќ, па “ватрено крштење” имав на тој турнир во 1999 година. На крајот се разбира турнирот на мирот заврши со една убава тепачка, ние се испотепавме и беше еден хаос, но и едно страшно искуство, а јас потврдив дека можат да сметаат на мене меѓу 14 играчи.
Како стигна првиот пат во Македонија?
Следеа титули со Ловќен па Лига на Шампиони, бевме дури и 5 ти во Европа. Во 2004 потпишав за Трст, Ивандија беше тренер таму, но татко ми се разболе и почина и останав дома со мајка ми и сестра ми. Во 2005 веќе Ловќен немаше големи амбиции а јас бев во своите најдобри години 22, 23, ме повика менаџерката Снежана Вукановиќ и ме праша дали сакам да дојдам на проба, во Вардар. Малку го пратев македонскиот ракомет и немав баш вистинска претстава па се распрашував, а мојот кум Голуб Докниќ, веќе имаше потпишано за Вардар и требаше да оди во Скопје. Се договоривме и отидовме заедно, јас на проба на неколку тренинзи. Тренер беше Тута Живковиќ, тој веднаш одлучи исто и Михајло. На прв контакт остваривме коректен однос. Потпишав за Вардар и за мене почна таа скопска и македонска приказна за ракомет и ете се јави таа љубов која ќе трае до крајот на мојот живот поврзана со Скопје со Македонија со македонскиот народ.
Работеше со повеќе тренери во Вардар? Тута беше само два месеци, па дојде Столе па Гино професорот и пред плеј оф дојде за прв пат Веселин Вујовиќ. И иако бевме добра екипа ја изгубивме титулата од Металург, најмногу поради многуте промени со тренерите. Ракометот тогаш не беше многу убав но беше важен за развојот на македонскиот ракомет.

На кој натпревар од периодот во Вардар најмногу се сеќаваш?
Еве како да го знаев ова прашање, целиот плејоф, но најмногу ете еден натпревар во Битола со Пелистер, фул дворана, тие беа актуелни шампиони играа лига на шампиони. Но беше екипата пред финансиски проблеми и почна да се растура и не беа во полн состав. По прв пат Мојсо играше против Пелистер, а тој им беше најомилен. И тогаш видов една љубов на граница на омраза према некој и се воодушевив од таа публика од Чкембарите. Јас доаѓам од град многу сличен на Битола, ракометен град, луѓето живеат за ракомет, имаме сличен спортски менталитет па така кога Цетиње ќе прифати некого во градот тогаш е тоа љубов до крајот на животот и исто така кога тој спортски те остави станува многу напнато. Така и таа утакмица беше многу напната, а јас сакам такви натпревари со полна сала и фантастично навивање. И уште и плејофот во Автокоманда пред тогашното реновирање, на некои полупластични плочи и тоа беше навистина страшно, 5 натпревари игравме и изгубивме титула од слободен удар.
Имаше посебна врска и со чкембарите?
Како да ги знам прашањава, тие ме одушевија, генерално и комитите и навивачите на Металург , генерално сите спортски навивачи во Македонија, тоа е со голема емоција, со голема љубов и ми беше задоволство да играм пред таква публика. Иако доаѓав како противник секогаш во Битола се чувствував убаво и ете низ цела кариера имав цимери битолчани. Прво со Алушевски па со Митревски на крај со Бранко Ангеловски во Констанца и тие се и ден денес мои големи пријатели
Следеше една година Србија па назад во Скопје.
Вујо беше во Вардар па дојде до некое заситување од двете страни па добив понуда за еден добар проект во Лазаревац, Колубара и освоивме двојна круна во Србија. Јас и не сакав да си одам од Вардар, но така се случи се разделивме во најголема љубов. Јас бев и заменик капитен и навистина ми останаа многу убави спомени од Вардар од Михалјо од Вујо, со навивачите и само можам да кажам благодарам.
Е во Металург играше во можеби најубавите години за Металург и на македонската и на европската сцена!
Е после година дена во Лазаревац, се договорив со Металург, Лино скаше да дојдам, Мојсовски и Миркуловски исто придонесоа да се вратам, иако со Жути немав играно. Дотогаш иако освојував титули и со Ловќен и со Вардар и со Колубара, кога се вратив во Скопје овојпат во Металург тоа доби една нова димензија. Нова димензија зошто, затоа што клуб кој буквално од маалски клуб како викаше Лино, успеавме да имаме по 7000 публика во ЛШ и тоа е нешто што ќе ми остане до крајот на животот како неверојатен податок и сета таа љубов. И тоа не беа само луѓе од Автокоманда туку и навивачи на Вардар интимно навиваа за нашите успеси и на еден прав достоинствен начин го презентиравме македонскиот ракомет во Европа тие 3-4 години. Ама исто како да прашате од две деца кое повеќе го сакате буквално и во Вардар годините неверојатни и убави така и во Металург кои се обележени со многу тимски и личен успех и навистина сум горд на тој период.

Знам дека имаш многу цврсти пријателства во Македонија?
За време на сјајната приказна во Металург во еден момент иако имав договор на уште две години, некој одлучил од некои причини и денес не знам од кои причини а не се навраќам на тоа, едноставно јас сакав да останам да живеам во Скопје сакав да купам стан да градам свој живот тука и сред летото ми кажаа дека не сум веќе пожелен и тоа многу тешко ми падна како и во големите љубови кога се прекинуваат тогаш е многу тешко и тогаш можеби и иако сигурен дека ништо лошо не сум направил реагирав. Можеби денеска да се случи и не би реагирал така, но она што остана е дека останав голем пријател со сите нив дури и покасно со г дин Минчо со кого често разговарав, и тој и неговото семејство имаше симпатија кон мене па и до ден денешен со него сум во супер односи. Па и во винската приказна каде што тој ми излезе во пресрет како татко да ми е. Бидејќи јас се вратив и потпишав договор со Металург после Констанца но веднаш го раскинав бидејќи одличив да бидам со својата ќерка бидејќи проценив дека таа ми е најважна во животот.Па отидов кај него и го раскинав договорот но остана пријателството до ден денешен.
Кажи ми за Бранко и Звонко?
Да не заборавам После Металург отидов во АЕК и таму запознав одлични луѓе и луди навивачи. Но лигата не беше баш на ниво па добив повик од Констанца. Директно од Звонко, Шундовски беше тренер таму тој ме повика и заедно со Бранко кој беше веќе неколку години таму и лесно се договоривме, па почна таа моја ракометна приказна во Романија која ќе се испостави и дека е последна. За жал првата година тој клуб се распадна, потоа отидовме во друг клуб во истиот град со неколку репрезентативци на Романија и тргнавме од 0 од втора лига но стигнавме до врвот Во Романија поминав многу убави 4 години и од нив научив нешто ново во ракометот од поинаков агол и со нив двајца останав одличен пријател до ден денешен.
Врвни се само оние кои во тоа што го работат ги вградуваат емоциите, е твоја реченица.
Секој што добро ме знае, знае дека повеќе користам емоција него рационалност. Се што работам, работам со многу љубов, па така и кога ќе запознам некој човек сакам да го запознаам со позитивни работи да пронајдам во него позитивно. Знам дека пола пат до успехот е завршен ако таа работа ја работите со многу емоции и љубов, јас сакам да вклучам позитивни работи и емоции и така ми е многу полесно .
Што е за тебе спортот и зошто треба младите да се занимаваат со спорт?
Скоро имав интервју со луѓето од спортот во Црна Гора поготово послед последниве добри резултати и таму потенцирав колку е лоша лигата колку малку се вложува а колку добри резултати имаме. Спортот е генерално работа која сите треба на правилен начин да ја перцепираме не е доволно детето да се запише и да гледа родителот како успева. За мене е поважно тоа дете да има еден природна селекција, да оди во тим, да гради тимски дух, спортски победнички карактер. 22 години живеев на саат не сум закаснил на ниеден тренинг. Тоа се работи кои те обликуваат како одговорен, па така и ако некое дете не успее во некој спорт тој веќе изградил победнички карактер и што и да работи во животот ќе биде успешен. Друга приказна е и одтргнувањето од улицата и влегување во посебно спортско друштво каде и разговорите се поинакви или како што вели Душко Вујошевиќ спортот е најчистото нешто во општеството иако и таму има гадости кои доаѓаат со парите, но сепак спортот е најчист.

Што им препорачуваш на родителите?
Е родителите денеска се многу поразлични од нашите. Мојот покоен татко само еднаш дојде на утакмица. Едноставно тогаш родителите не оставаа да се избориме, но денеска им правиме магарешки услуги кога ги форсираме па разговараме со тренерите, тоа е премногу ставен акцент на децата дека мора да успеат. Препорачувам да бидат подршка но да ги остават децата да се изборат сами за своите позиции
2018 конечно почна да го остваруваш твојот сон твојата втора љубов виното.
Ете од 2018 баталив ракомет се вратив на Цетиње и почнав нешто што цело време сонував. Се вратив во селото на прадедоми на 15 км од Цетиње во Ријечката Нахија во селото Смоковци, кое е супер за овошје и лозје па јас тоа го обновив. Старата 130 години куќа ја реновирав во една коноба со своја приказна, секој камен секоја греда има своја приказна. Вткаено е многу љубов. Тука низ вековите имало и радости и многу солзи, па сакав тој мој нов сон да почне од куќата на моите предци за да ја имам таа почетна љубов, тој темел. Мојата љубов, виното е во целата моја кариера ракометна знаат луѓето кои биле покрај мене. Влегов во тие планови деловни и веќе 4та година врви иако короната ме попречи. Знам дека добрите години доаѓаат, ставив акцент на квалитетно вино имам во конобата и дегустација, имам домашна црногорска автентична храна.

Депеша е врво вино, како се прави такво вино?
Ја спомена Депеша, јас имам три етикети, Печалбар, Депеша и Смоковац, и еве ќе ти кажам како ги добија имињата. Прадедоми бил ПЕЧАЛБАР во Америка и праќал пари за да се изгради оваа куќа и по него е етикетата, тоа е купажа на Вранец и Каберне Совињон, вино со многу награди на Монтевино и на Новосадскиот саем. Второто вино е ДЕПЕША, тој на својот татко му пратил брзо писмо и тоа е депеша, за да му прати пари да се врати оти Црна Гора била во војна и се вратил и за жал погинал, и третото вино е СМОКОВАЦ инспириран од нашето презиме старо. Сите вина се историски врзани и инспирирани од моето семејство. Тоа што е интересно за Македонија и за моите македонци е следната етикета ИСКРА, по мојата ќерка. Секако тоа е склоп на повеќе работи треба се да се поклопи, прво квалитетно грозје, потоа стручност енологија тука го споменувам нашиот и вашиот енолог и мој голем пријател Андон Крстевски кој несебично ми помага сите 4 години во подготовката и во производството. Тој е енолог на винаријата Стоби човекот е посебен и како човек но и е еден од десет најдобри од бивша ју и ја користам приликата да му се заблагодарам бидејќи ова вино не би било вакво без него. И на крајот тоа е љубовта и чувањето на виното. Виното е субјективно чувство и по мене лошо вино не постои. Постојано учам и се надградувам. Чекор по чекор, јас тука дојдов да фрлам сидро и сум задоволен со мало произодство милионите се во душата. Еве ќе кажам дека денот кога вие дојдовте моето срце беше полно, тоа е мојата победа. Пријатели од различни меридијани да дојдат тука да се дружиме и да пиеме убаво вино.

Божо Зубер вика винаријата Ракчевиќ е на крајот на светот а сепак секој ден доаѓа таму?
Ајде прво да објаснам кој е Божо, тој е мој пријател и глумец можеби во Македонија го знаете по серијата Budva na pjeni od Mora, па по Монтрвидео… па тој вели има една интересна приказна, дали на некоја жена си и рекол дека ќе ја однесеш на крајот на светот? Епа тоа е во Смоковци, хахахах епа ете видовте патот тука завршува природата ја видовте, па тоа што луѓето го сакаат тука е мирот природата и интимата.
Хахах со Божо има уште една како се чудел кога си ги вложил парите во меѓите !
Па ете малку е сите кои виделе како беше и како е сега знаат, но јас велам не е вложено за да се враќа вложено е во некој мој исполнет живот ова е приказна за иднината за нашите деца. Па мене ми е доволно само да опстојувам тоа е првиот огромен чекор, вториот се бунгалови и апартмани со поглед на Скадарско езеро и оние стази кои ти ги покажав а кои водат до езерото за пешачење за прошетко со коњи. И тоа ќе ми биде стаисфакција ако ќерками или ако даде господ имам уште деца, да сакат да ја продолжат ова приказна затоа што тоа ќе ми биде конечна победа.
Ме фасцинира со твоето гледање на живото во Македонија, одењето на скара …
Сите што ме знаат, знаат каков ми е ставот за Македонија. Па ете после 10 години јас сеуште имам пријатели со кои постојано сум во контакт и сите знаат дека после Црна Гора, Македонија ми е друга татковина. Едноставно најубавите години таму ги поминав. Немав ниту еден екцес таму, тоа се луѓе кои ги има само во Македонија. Еве ти кажував, единствено место каде и да прашаш нешто на црногорски, во продавница на улица во трафика, сите ќе се обидат на твојот јазик да ти објаснат, ма неверојатни луѓе и навистина ве обожавам. Цела таа култура, многу спомени од Скопје од Македонија и така ќе остане цел живот и кога мислам за љубовта тука е и Македонија и сакам за сите луѓе да биде стандардот подобар да живеат подобро затоа што сте неверојатен народ и Ве обожавам

Денеска ти си сосема посветен на животот во Смоковци далеку од секојдневната гужва.
Па јас се преселив и живеам 3 години на село, сакам да ставам акцент дека задоволството кое го имам секое утро кога се будам, секоја ноќ кога заспивам, кога одам низ лозјето, го сакам секој тој камен, моите прадедовци го оставале својот живот тука со крвави раце, со векови во војни и го сочувале своето огниште, тоа мене ми беше обврска да го сочувам, а родителите ми всадија огромна љубов за ова место, едноставно мене ми треба чаша добро вино, тоа имам, добро кафе и тоа имам и неколку патувања годишно и работам да го имам сето тоа. Со ќерката со фамилијата со пријатели сакам друштво, но си ја сакам и својата самотија каде што уживам во секој момент. Ви благодарам што дојдовте имавте малку проблеми со снегот но се добро се заврши, моето задоволство беше огромно и ме усреќивте и ве чекам на пролет и чувам и Депеша и поздравете ми ја Македонија и до следнат средба останете здраво
Можеме уште три дена да разговараме но ќе продолжиме напролет чувајми од депешата !
