За добрите познавачи на ракометот и состојбите во Македонија, можеби немало дилема. За сите нас останати, почетокот на оваа по се не нормална сезона, со извесна неизвесност. Како нигогаш досега три клуба нескриено ги презентираа своите амбиции за тронот.
Да почнам од Битола. Еден од најракометните градови во Македонија. Со озваничување на Битолската ракометна платформа, ангажманот на звучно тренерско име Бабиќ и уште неколку солидни ракометари како и една можеби мега ѕвезда, Мандалиниќ, Битола стана легитимен кандидат за титула. Е сега можеби се и не беше така сјајно, вклучувајќи ги и состојбите со култната, Боро Чурлевски. Но се чини дека Битола, нестрплива да дојде до скалпот на вардарци, малку и прегоре. Како да заборавија колку се сезони му требаа на Вардар прво да се етаблира во Македонија, со епските дуели против Металург, а потоа и да го тапка патот низ европските ракометни престолнини. При тоа, менуваше и играчи и тренери, но и сали, се додека дојде до посакуваната шампионска формула. Битола сепак е само во својата прва комплетна сезона како Еурофарм Пелистер. Далеку е зимата што би рекле старите наши, но ако по пролетта летото се познава, на Битола и претстојата убави годишни времиња. Секако тоа најмногу зависи од трпението, посветеноста и макотрпната работа.
Сега во Скопје, во Автокоманда. По неколкуте незаборавни сезони во кои Металург, ја најави македонската ракометна пролет, па во Скопје не само што доаѓаа, туку и со наведнати глави си одеа гиганти од калиброт на Барса и ПСЖ, сезони во кои неможеше да се купи карта ако не си вешт и брз на тастатура, следеа исклучително тешки и мачни години. Тешки и мачни за сите. За играчите, тренерите, за публиката. Не е тајна дека клучот беше во финансиите. Со почетокот на оваа сезона, од Автокоманда пристигнаа нови ветришта. Нови тренери, играчи и еден од најсензационалните трансфери во балканскиот ако не и пошироко, ракомет. Пристигна Хорват. Подоцна во сезоната убиец за тренери во Металург, последното и се чини конечно правилно решение на таа спорна позиција, Иван Марковски ќе рече, Хорват не е само одличен играч, тој е нешто повеќе, тој е двигател на тимот. Со продолжувањето на неговиот договор, и најавата за новите прилично атрактивни засилувања, се чини дека Металург конечно застанува цврсто на земја. Оваа година, премногу мачна, со милион препреки е зад нив. Играа лошо и слабо, губеаа и со двоцифрена разлика но не се откажаа. Па така оставија солиден впечаток во финишот, да не заборавиме играа едвај со 8-9 играчи, а накрајот и ги составија коцките во стручниот штаб. Ако овие ветришта на промените продолжат во посакуваниот правец, следните сезони можеби повторно да бидеме сведоци на распродадена Борис Трајковски. Секако за тиула ќе треба многу работа.
Конечно, Вардар, двократниот Европски Шампион. Висеше на конец, сите го отпишуваа, некои како бродски стаорци веќе почнаа да го напуштаат бродот. Но Вардар, на плеќите на Михајло Михајловски, состави за македонски состојби сосема респектабилен тим. Во Лигата на Шампионите апсолутно разочараа, не само со резултатите туку и со ангажираноста, со играта. Многумина товарот го префрлија на Алушевски. Но сепак на моменти како многумина да заборавија дека во тимот има 6 мина освојувачи на европска титула, а да не заборавиме како се доѓаше до неа. Пот, крв и многу, многу борба. Па така Вардар на крилата на своите шампиони, сепак безмалку се прошета до крајот. Во записниците ќе влезе дека сепак имаа и еден пораз од Пелистер, но на крајот се памти кој е на врвот.
Ако претпоставиме дека следната сезона ќе биде нормална, ќе нема тестови, протоколи, карантини, а ќе има публика, уште одсега се радувам на дуелите помеѓу овие три екипи. Ако тука ги додадеме и амбициозните Бутел, Пролет па и Охрид, сега со сигурност ќе може да кажеме дека нашата лига е најквалитетна на Балканот. Па веќе имаме одлични имиња кои доаѓаат во сите три центри. Гурбиндо, Томовски, Кудуз, Џукиќ, Тото, како и новиот стар тренер Вујовиќ, во Вардар а можеби и уште некој егзотичен играч, Обрадовиќ, Кизиќ, Божиќ Павлетиќ и кубанецот Рение, во Пелистер, како и повторно сензацијата во автокоманда дуото Њокас, но и одличниот Чаневски (некои од трансферите не се официјализирани).
Од друга страна возбудувања нема да ни недостасуваат ниту на репрезентативен план, а ракометната чаршија веќе најавува и еден посериозен на долги патеки проект, па така само можеме со нетрпение да чекаме почеток на подготовките за следната сезона.
Македонија дефинитивно е земјата на ракометот !