Во мојата прва колумна со тема на муабет дека плејофот оваа година ќе биде супер интересен, потенцирав дека покрај трите водечки екипи, од минатата сезона, во Македонија, срамежливо, но финансиски и поткрепено со стручност на клупата, се „јавуваат“ два нови субјекти, кои ќе или ние би сакале да го одлучат шампионот во тековната сезона. Од тоа што можевме да го видиме, претходното, а особено во последното коло, не сме далеку од таа констатација или пуста желба (за поинтересно и изедначено првенство), во Кавадарци и Охрид да се решава титулата, надополнето со лична пресметка меѓу двата клуба да обезбедат Европа следната година, а можеби и нешто повеќе.
Во саботата со мојот пријател или соработник, Виктор Христоски, за чиј сајт, од навика да ме цензурираат, се решив да ги пишувам моите колумни оваа полусезона, бевме на една од двете дерби средби на второто коло од плејофот на Македонската ракометна лига. Тиквеш, по супер изданието во Автокоманда кај Алкалоид, дома пред преполна „Јасмин“ го пречека „големиот“ Вардар. Предизвик за секој Македонски клуб, за секој нормален ракометар, за секој спортски работник во државата, да му се „исили“ на двократниот шампион, па зошто и да не победи. Спортски е да се надева човек!
Уште од влегувањето во Кавадарци, се чувствуваше енергијата и набојот што ја носи ваков натпревар на Давид и Голијат, од аспект на минат труд, но за тоа Виктор ќе каже повеќе во неговата колумна. Јас сум задолжен да пренесам што видов и што се случуваше, од мој агол во тие “40х20”.
Првенствено, без да се бара алиби за неуспехот на скопјани, треба да се напомене дека Вардар, во Кавадарци допатува без (пре)многу важни играчи, а дополнително на самиот натпревар остана и без уште еден од „таквите“. Николиќ (кој иако влезе и беше во состав, е ровит), Петриќ, Јаусхира и на крај Јагуруновски, играчи на фундаментална, бековска, позиција во нашиот спорт.
Од друга страна, Тиквеш, олицетворен во ликот и делот на селекторот на младата селекција, Раде Стојановиќ, кој за кратко време, ја надгради и така добро поставената игра на кавадарчани, внесувајќи финеси и подигнувајќи ја борбената готовност на повисоко ниво, уште на првото гостување во Скопје, најави дека ќе биде „проблем“ за секоја „крупна риба“ која нема да го сфати сериозно или нема свој ден. Не менувајќи многу концепциски од претходниот натпревар, со изненадување во младиот Шулески и Мајиќ како најистурен во зоната, Стојановиќ “го нападна” не уверливиот напад на Вардар, со Мишевски, Карапалески и Јагурновски. Формација која можеби не го изненади Неданоски, но ги извади на површина проблемите со недостаток на бекови кои можат да решат еден на еден и имаат искуство да „ја легнат“ играта, а со самото тоа и атмосферата во Кавадарци. Вардар иако се обиде да биде мирен и конкретен во напад, се чини немаше добро подготвен напад, кој би ги истакнал предностите на тимот, каде предната линија е поквалитетен дел, влезе во замката на кавадарчани, во натпревар со многу прекини, контакт игра, игра на нож и на граница на дозволеното, префрлувајќи се на терен на домашниот тренер, на кој очигледно екипата му верува, му се бори и “му гине”.
Супер интересен факт е дека, ниту Лазаров претходно, а ни Неданоски во саботата не се обидоа „да ја смират“ агресијата во одбрана на Тиквеш со формација 7-6, особено во ситуација кога го имаш Николиќ кој е исклучително интелигентен (а кој е ровит и не му треба дуел игра), Јагуриновски кој има одлични предиспозиции за таков тип на формација, Карапалески и Мишевски кои тешко добиваат дуел и два пивоти со репрезентативно педигре. Кога сме кај пивотите, и на двете страни во саботата не се изнаиграа, особено Лазаревски, кој мака мачеше со недоволно добри и нерезонски пасови од своите бекови. А требаше да биде фактор кој ќе ја води екипата кон победа. Во ситуација кога противникот „те брка“ до 10-11 метри, пивотот е тој кој се трансформира во четврти бек и треба да биде секогаш тука да помогне со пренос на топка и создавање позиција на добар залет и втора или трета шанса за бековите. Крила и бекови со навремено втрчување на линијата од 6 метри, контра движење на топка исто така е добредојдено во ситуација кога линијата од 6 метри е разредена. Тоа не го видовме и резултатот беше тој.
Вардар играше солидна 6-0 зона со Лазаревски и Аларов, но и феноменалниот Томовски на голот, факт кој го одржуваше двократниот во игра. Сепак, во ситуација кога тимот постигнува 19 погодоци (20-тиот по истек на време), било која екипа во светот тешко е да се надева на позитивен резултат.
Уште еден податок оди во корист на домаќините, а тоа е тимската игра и неможноста човек да апострофира поединец, иако мора да се напомене дека Симиќ, со сите свои мани и доблести и Обина се играчи од кои доста зависи нападот на Тиквеш. Особено црномурестиот десен бек, кој иако дисциплината во играта не му е силна страна, покажа разновидност во однос на шут од надвор, дуел игра, па и „гледање црта и крила“.
Голманите (викам голманите затоа што и Велков имаше мала но запазена улога) на Тиквеш, иако статистички не блескаа, одбранија топки кои беа исклучително важни, а тоа е, спомнавме и претходно во некои колумни на ЕП, многу важно во спортот.
Како куриозитет е и фактот дека, втор натпревар по ред битолчани ја делат правдата на дерби дуел на колото, уште еднаш положувајќи го тестот на храброст, зрелост и стручност.
Останува впечатокот дека Алкалоид куртули, но Вардар го плати цехот!
На вториот дерби натпревар, само накратко, во Битола видовме потентен Охрид, кој сеуште не е на нивото на кое што може да биде, иако (пре)долго беше во игра за бодови. Пелистер игра на два фронта, со очигледен замор и „тешко“ палење, а Охрид има добра одбрана и солидна ротација на бековските позиции.
Солидно засилување на десен бек и егзотичен Јапонец од кого очекуваме да биде многу подобар во иднина. Радува тоа што Кузмановски носи екипа, по подолго време и што Ѓорговски доби едно полувреме да покаже што знае. Загрижува односот (квалитетот не е спорен) на пролетното засилување.
Натпревар од кој и двата тренери не се или не треба да бидат задоволни. Алушовски затоа што беше (или нас ни се чинеше) блиску до изненадување, а Ангеловски од начинот на кој ги освои бодовите и односот на некои играчи.
Ветуваме дека следните кола ќе има повеќе анализа за Охриѓани, затоа што Битола е и така редовно “на менито”
Плејофот ги оправдува очекувањата, но некои финансиски богати клубови треба да размислат за начинот на кој ги доближуваат натпреварите до публиката, во ситуацијата кога нема пренос на националниот сервис.
Алкалоид постави стандарди и покажа како се прави тоа, само треба да се препише и да се покаже дека на останатите има е важен овој сегмент.
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете
#ЧитајРакомет#ЗаМакедонЦкиотРакомет#МакРакомет#Ракомет#Македонија