Фото РК Алкалоид
Денеска Македонската Супер Лига е поделена во две групи по 8 екипи, вкупно 16. Формат кој е нов, но не и конечен. РФМ во вечна потрага по најоптималниот можен систем во кој сите ќе бидат задоволени. И силните и малите и оние помеѓу. Дали е возможно тоа?
Во женската лига состојбата е значајно потажна. Таму 15 тимови играат во една единствена лига поделена исто во две групи. Но за девојките има многу по егзистенцијални дилеми од оваа. Нив ќе ги оставиме засега.
Во два дена Скопје беше домаќин на два исклучително интересни дуели. Во Пролет, домаќините на праг на сензација против фаворитот за титула Пелистер и во “Јане” со малку измешаните предвидувања за фаворит пред натпреварот, дуел неизвесен безмалку до крајот.
Ако за “аптекарите” беше совршено јасно дека се фаворити во дуелот со “маркетарите”, за оној вториот дуел за кој нема да употребам синоними за да не завлезам во длабокот, лебдеше дилемата кој е фаворитот? Бутел или Алаклоид? Токму за овој втор дуел ќе напишам неколку редови.
Наративот во ракометната јавност наметнат случајно или не, го поставува Алкалоид како сериозен кандидат за титула во наредниве години, а со тоа и како фаворит во овој дуел. Притоа безмалку сите забораваат дека од нигде никаде пред некоја година токму Бутел се зацементира на позицијата најдобар од останатите.
Впрочем така и беше долго во натпреварот.
На младата, неискусна и тешко скротлива по темперамент екипа на Алкалоид и се појави тим со прекалени борци кои свесни за своите недостатоци во добар дел од натпреварот ја имаа навртено водата на својата онаа стара со камења, воденица.
Кај плавите од (наскоро) Автокоманда, почетните неколку минути наговестија сценарио со потпис на селекторот, ран енд ган. Но набрзо се смени филмската лента. Грчевски и клапата ја спуштија топката, правеа фаули до бескрај, по нотите на Лино а не на Раул, често под пасивна, дозволија само едноцифрен број на погодоци во првото полувреме, 9-9 светеше семафорот на полувремето . Плавите беа нервозни и како ретко кога играјќи сезона во втората лига лани, сега беа ставени на вистински тест.
На Бутел му недостасуваа двајца квалитетни играчи. Мајиќ, одличен брз, дрзок и крајно ефикасен крилен и Стојановски, како што милува Грчевски да рече, докторот за одбрана, а кај Алкалоид мојот омилен пикер од иднината Марко Стојковиќ. Дали поради моите симпатии кон нив или не, едноставно како да се почуствува нивното отсуство. Кај Бутел кој имаше прилично цврста одбрана, без Томче можеби ќе имаше помалку исклучувања, а со Мирко можеби поголема ширина во нападот и кај Алкалоид со Марко во одбраната помалку дупки па и пенали, а како трча тоа дете во контра можеби и полесна транзиција.
Но нејсе како што за еден натпревар Вардар против Загреб заклучокот беше дека е исклучително грд, за овој дуел пак, како пијаницата кога го прашале дали пиел лоша ракија и каква е, натпреварот беше исклучително лош ама многу убав.
Симпатиите на крајот одат кај:
Голманот на Бутел, Блажевски, Нинџа, кој во духот на моите омилени НФЛ ѕвезди со пантомима и танц ги славеше своите одбрани,
Репрезентативниот десен надворешен, Серафимов кој ја презема лидерската улога и недозволи тимот да му загуби.
Со една прилично симпатична бројка на публика, и млади и стари, го повторувам заклучокот од дуелот Бутел Алпла, а со тоа и ја започнувам кампањата,
НА МАКЕДОНИЈА И ТРЕБААТ МНОГУ РАКОМЕТНИ САЛИ, А НА СКОПЈЕ ЕДНА ЗА 2-3000 ПУБЛИКА ВЕДНАШ !
Скопје, Јане Сандански, на големиот Македонски празник, поактуелен од било кога,
23.10.2022 Денот на Македонската револуционерна борба
РК Алкалоид 21 : 19 Рк Бутел