Импресивна е листата на ракометни гиганти кои гледаат в грб на оваа нова Македонска генерација, непокорни момци, предводена од две легенди, двајца стратези, страствени љубители и неверојатни познавачи на ракометот. Ќе ги набројам по редоследот зад нас, Франција, Хрватска, Унгарија, Србија, Полска, Словенија…
Брестовац, Галевски, Белистојаноски, Субашевски, Стојановски Марио, Даневски, Ристевски, Карасманакис, Михајловиќ, Митев, Стојановски Андреј, Димковски, Шулески, Димевски, Калајџиевски, Узунчев, предводени од генијалните Стојановиќ, Ангеловски и физички подготвени беспрекорно од легендата на кондициските подготовки, Златко Јанакиевски. Сакам да му се заблагодарам на Чико Злате, како обично го викаат спортистите, што успеа оваа група момци да ја подготви до степен што во својата Осма утакмица, трчаа како да им е прва, што немавме ниту една повреда низ целото првенство и што родителски се грижеше за сите наши деца. Оваа група на млади ракометари несомнено носи пресврт во филозофијата и пристапот на ракометот во Македонија. Она што Вардар како клуб го оствари со своите настапи и освојување на Лигата на Шампиони, оваа генерација очекувам да има таков импакт на репрезентативно ниво. Ставот и подготовката на секој натпревар да се оди на победа, бесценет, доколку ги инфицира останатите ракометари, останатите спортисти, бенефитот може да биде историски.
Ракометот е игра со сериозна традиција во Македонија, единствена каде во континуитет сме присутни на меѓународна сцена. Несомнено е дека презентирањето на Македонија преку ракометот е недостижно од било кој друг спорт. Во тој дух, ги прозивам сите надлежни институции, а сега сме среќни што конечно имаме и свое министерство, а згора на се што на чело е нашата ракометна Легенда, Борко, сериозно да ги зголемат вниманието, инвестирањето во инфратруктура и буџетирањето на ракометот.
Збор два за Раде и Бранче, ретко во Македонија среќавам луѓе ослободени од суета, чесни и посветени, луѓе кои ја сакаат својата работа и кои се посветуваат безмерно. Овој двоец, ги убива табуата во Макеоднскиот менталитет и поставува нови стандарди во Македонија. Стандарди кои доколку има и малку свест, треба масовно и широко да се прифатат и применат не само во спортот ами и во сите сегменти од животот. Овој двоец, трпеливо и неуморно работеше со она што Макеоднија во моментов го има на располагање и покажа дека ниту сантиметрите ниту килограмите не се пресудни во модерниот ракомет. Срце, ум, жар, многу тренинг, талент, сплотеност, тактика, стратегија и резултатот е неминовен.
Тие максимално ја подготвија екипата, физички, тактички, ментално, подготвија екипа за натпревар не за учество !
Всушност што е важно плус да се нотира, Македонија играше апсолутно модерен ракомет. Ракомет кој долго беше најавувам и согласно на најавите и очекуван. Ако сениорите на последните неколку натпревари покажуваа знаци на модернизација, јуниорите ги прогласувам за апсолутно модернизирани.
Ваков осврт не може да мине без да ги споменеме ЕХФ. Жалам што постојат. Просто ги имаат сите предуслови оваа прекрасна игра да ја вивнат во спортските височини но едноставно декадентниот состав на врхушката ја влече како анкер надолу. Да почнам од системот, досега не виден во ниту еден спорт, систем кој просто ни оневозможи да се бориме за медал, промоцијата, преку комплетно не пријателските веб страници, неменливоста на правилата, заштитата на администрацијата а не на спортистите, поддршката на големите, лошите судии, хаотичната статистика, ол стар тимот со само еден Шампион, и некаде измеѓу ги ставам и настаните за извлекување на евро куповите, кои ги водеа две восочни фигури, комплетно невешто, монтирани пред кулиси кои ги работел некој налбат!
Уште три работи сакам да нотирам за нашава експедиција, Македонија имаше тим без ѕвезди, компактен фокусиран, резултат на тоа беше првенство со само 1 пораз, со букви, ЕДЕН пораз од ракометна велесила, Франција на која комплетно се реванширавме во последниот натпревар, имавме врвна одбрана и врвни голмани, и за крај а воопшто не е небитно Македонија беше најказнуваната репрезентација на ова првенство, па практично изигравме безмалку две утакмици со играч помалку !!!
Упатувам и голема благодарност на малубројната но неуморна и жестока група навивачи, кои од прв до последен свиреж ја бодреа оваа храбра група, Македонци.
За крај, симнувам капа за Раде, неговиот помошник Бранче и толпата бесни кучиња кои беа страв и трепет за сите на ова европско. Со години се восхитувам на умот на еден од најголемите од овие простори, Лино, и се сеќавам на неговите легендарни добермани од времињата кога жареа и палеа по свестките меридијани.
Да живее Македонија !