Фото Александар Табаковски ДЕРБИ
Charles Pierre de Frédy, Baron de Coubertin, 1 јануари 1863 година - 2 септември 1937 година,историчар, основач на Меѓународниот олимписки комитет и негов втор претседател. Тој е познат како татко на модерните Олимписки игри. Тој бил особено активен во промовирањето на воведувањето на спортот во француските училишта. Роден во француско аристократско семејство, тој станал академик и проучувал широк спектар на теми, особено образование и историја. Дипломирал право и јавни работи на Парискиот институт за политички студии каде и дошол до идејата за оживување на Олимписките игри. Неговата девиза, The important thing in life is not the triumph but the struggle, the essential thing is not to have conquered but to have fought well, или слободно преведена: Не е важно да победиш ами да учествуваш, често користена но дали и суштински разбрана од широката спортска јавност? Навраќајќи се наназад низ годините, на борба на ова мало и несреќно а богато со дух, историја и традиција, парче од планетата Земја, на годините на самоидентификација и докажување, јасно ми е дека и спортот ја живее истата судбина. Без сериозен систем, без сериозни инвестиции, често на мускули и чиста упорност и тврдоглавост на поединци, сиров талент и екстраординарни ликови, Македонија сепак ја имала таа среќа често да е во фокусот на многу светски или европски настани. Европски, светски, медитерански или балкански, поединечно или екипно, олимпијади или универзијади, клубски или репрезентативно, Македонија, ја претставувале, промовирале, за неа се бореле, се потеле и крвареле плејада на спортисти. Некои успешно, некои помалку успешно, но сите тие до еден под знамето на татковината излегувале на мегдан. Овој текст им го посветувам на нив, на нашите најдобри, најискрени амбасадори, на спортистите. На нивните семејства, мажи, жени, мајки, татковци, браќа и сестри, пријатели од маало, од зграда од школска клупа, клубски другари и другарки. Текстов го посветувам и на верните навивачи, фаланги, комити, војводи, лозари, чкембари, рибари, на сите што барем еднаш во животот купиле билет, побарале гратис, добиле пропусница, и барем еднаш во својот живот ја испеале Денес над Македонија се раѓа... Понекогаш под силните светла на рефлекторите, помалку оглувени од песните и свирежите, забораваме да им се заблагодариме за се она што го жртвуваат за нас, за Македонија. Обземен од сликата во салата Борис Трајковски, каде на почетокот на Европското се судривме со една од најголемите, најмоќни и највлијателни империјалистички сили, каде што 16 девојки црвено жолти со солзи во очите и се спротивставија на Марсељезата, каде неколку илјади верни со аплауз ги поздравија после поразот, останувам без зборови... Боже чувај ги овие македонски ќерки, синови, дај им сила и верба, тие ја чуваат вистината за Македонија! Во Скопје, Македонија, започна Европското Првенство во ракомет за Жени. Во првиот натпревар победија емоциите, победија македонските девојки, французинките и онака се поквалитетен ракометен колектив, за нив ова е само уште еден натпревар во низата.