Мечка „сервираше“ ладна одмазда, Вардар на сиров квалитет до триумф во Автокоманда

Милан Лазаревски „сервираше“ ладна одмазда за Кралот и, по пензионирањето на Гоце Џомба Георгиевски и „војводата“ Стоилов, ќе биде уште едно од „децата“ на Металург, кој ќе го (пред)води „двократниот“, на терен, на трибина, во соблекувална.
Како карма што ги следи вардарци, играчите „од надвор“ да носат победи и титули, но лидерството, на терен и во соблекувална, да му припаѓа на Македонецот, кој и понатаму (ќе) го обликува карактерот на Вардар.

Нема одмор за ракометот во овој период на годината, барем не за оние играчи кои играа на последното ЕП, или било кое континентално натпреварување. Нема пауза и за љубителите на ракометот. Европа, односно лигите низ Стариот континент, се веќе назад на терен, а таков е случајот со Македонија. Викендов, официјално заврши регуларниот дел од македонската суперлига, нашите претставници во европските купови одиграа по некој натпревар, а распоредот кој истите го имаат пред себе е сериозно густ.

МАКЕДОНСКИТЕ ЕКИПИ, ПАДНИ-СТАНИ ВО ЕВРОПА

Пелистер, со „стариот“ како нов тренер, во бледа игра, против силен противник, стартуваше со пораз, во пролетниот дел од ЛШ. Зависност од еден играч во поле, и неколку просечни странци, недоволно за нешто повеќе во елитното натпреварување, особено кога во Битола гостува, забревтан противник како Висла од Плоцк, екипа која годинава ќе „пука“ високо. Видовме изјави од типот „да имаше баба м….а, ќе беше дедо“, но реалноста на терен беше различна. Барем јас ја видов таква.  Вардар се „удави“ во Лисабон, иако стартот на натпреварот ветуваше друг епилог. Стручниот штаб, наметна ракомет кој треба да го условиме како модерен, трчаше во два правци, и… помина како што помина. Со 15 одбрани од голман, но и 22 технички грешки, прими 40 погодоци, и си ја искомплицира работата за пласман во следната рунда. Спортот е таков. Една ластовица не носи пролет, и во однос на пораз, а и во однос на триумф. Најважно е фактот дека Вардар има шанса за поправен, уште утре во „Јане Сандански“.  И на крај, Охрид, во купот, кој лани го освои Алкалоид, во два натпревари демонстрираше моќ и се пласираше во ¼ финалето. За жал, иако и не е неочекувано, оваа фаза Охрид ја помина без ТВ или било каков друг пренос. Зборувајте ми за промоција на ракометот. За ЕХФ и нивната зачмаеност и закоравеност.

📸 РК Алкалоид

ДЕРБИТО ОДАМНА ГО НАДМИНА ГАБАРИТОТ НА САЛАТА ВО АВТОКОМАНДА

Домашната лига е друга приказна. Приказна сама за себе. Квалитетна и, се надеваме, до крај неизвесна. Барем посакуваме да е така, иако резултатот од саботата, во скопска Автокоманда, не вика така. А таму, во една мала сала, недоволна, неадекватна и недостојна (според капацитет) дерби натпревар одиграа два конкуренти за највисок пласман. Претесна да ги прими сите љубители на ракометот. Претесна да биде подлога за (по)голема приказна за тимот кој ги има сите предуслови да ги освои неутралните љубители на ракометот во Скопје, па и пошироко. Претесна да создаде модел за нешто повеќе од спорт, да создаде настан, содржина за публика од 7 до 77. Штета.

А сега за тоа што го видовме на терен. Два екстреми во однос на политика на клубот. Екипа, која, во одбраната стартуваше без ниту еден Македонец во тимот, насочен кон победи и трофеи. Овде и сега. И тоа е нормално за голем спортски бренд, од кој се бара, повторно да ја покорува Европа и да биде апсолутен владар во домашната лига.

И на другата страна, една развојна екипа, со многу домашни играчи, која, сеуште пркоси на трендот, во однос на бројот на странски играчи во тимот и задоволување на апетитите на луѓето кои го водат и финансираат клубот. Прашање е до кога ќе издржат, ќе опстојат, на својот став, да бидат инкубатор на новите македонски репрезентативци, а на сметка на тоа, да „голтаат кнедли“ и им се заканува оваа година да бидат позиционирани на четвртата позиција или читај последни. Не е ништо ново ако кажеме дека Алкалоид е на раскрсница во однос на прашањето, повеќе квалитетни странски ракометари во ростерот.

📸 РК Вардар 1961

ВАРДАР НА ИНДИВИДУАЛЕН КВАЛИТЕТ ДО МНОГУ ВАЖНИ БОДОВИ

Накратко, видовме пресликана, од ЕП, 5-1 зона со Стојковиќ на преден кај домаќинот. Зона, која, во први 15 минути немаше поддршка од голман, но и немаше цврста и подвижна компонента на централната позиција, за разлика од оној натпревар со Португалија на ЕП, каде (не)среќно, во рана фаза, го загубивме најискусниот ракометар во тимот. Овој пат не беше така, Аларов не доби шанса, барем принудно, да одигра на таа позиција и резултатот беше, извлекување на предниот играч во зоната на една и друга страна и игра еден на еден на Маркоски во добар залет. Епилогот го знаеме. Влегувањето на Кизиќ и надреалниот учинок, на краток период, и паралелно со тоа, две корисни измени во нападот преку Велковски и Ѓорѓиев како и „симултанката“ на Борзаш, го врати Алкалоид во игра.

Вардар на другата страна, во одбраната со Јанковски и Хорига како централни бранители, и Милан Мечка Лазаревски, како повратник во тимот после повредата,  како тотален напаѓач, покажа дека е исклучително цврст, барем за „наши услови“, но и доминантен во дуел играта, на двата дел од теренот. На индивидуален квалитет, во игра еден на еден и два на два, лесно доаѓаше до погодок, против кревката и на одредени позиции, инертна зона на противникот. На моменти и прелесно. Алкалоид, благодарение на Кизиќ, побрзата игра на поставена зона со Ѓорѓиев, Иваноски и Митев и брзата транзиција после (не)примен гол одржуваше рамнотежа против, квалитативно подобрата „легија на странци“ и се одржуваше во живот буквално до последната минута од натпреварот.

📸 РК Вардар 1961

СТРАНЦИТЕ (ТРЕБА ДА) СЕ ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ, НО МАКЕДОНЕЦОТ Е ЛИДЕР НА ТЕРЕН И ВО СОБЛЕКУВАЛНА

Вардар не одигра на очекувано ниво, што покажува и фактот дека, Чупиќ, можеби и непланирано, во вториот дел, го активираше Лазаревски во два правци, што беше еден од клучните моменти. Популарниот Мечка, без разлика на моменталната натпреварувачка форма, која се очекува да оди во нагорна линија, и одредени грешки во зоната, покажа и докажа дека е „врховен командант“ на екипата, во секој сегмент и во секоја смисла на зборот, подигајќи ја борбената готовност на тимот. Во тој сегмент, можеби не како статистички, видлив податок или бројка која „боде очи“, но секако, како поддршка и стабилност за тимот, важна улога одигра и капитенот, Гоце Георгиевски.

Со должна почит и восхит кон високото ниво на квалитет, кој го демонстрираа Јака Малус и Дмитро Хорига, како играчи се доведени од надвор токму затоа, да го подигнат квалитетот на тимот. И така треба да биде, играчите од надвор да бидат додадена вредност, а не „навивачи“ од трибини.

Милан Лазаревски „сервираше“ ладна одмазда за Кралот и, по пензионирањето на Гоце Џомба Георгиевски и „војводата“ Стоилов, ќе биде уште едно од „децата“ на Металург, кој ќе го (пред)води „двократниот“, на терен, на трибина, во соблекувална.

Како карма што ги следи вардарци, играчите „од надвор“ да носат победи и титули, но лидерството, на терен и во соблекувална, да му припаѓа на Македонецот, кој и понатаму (ќе) го обликува карактерот на Вардар.

И не постои ништо лошо во битието на таа карма, едноставно, тие играчи се Македонци, Мејд ин Мацедониа, што дава нова верба, нова надеж и уште поголема љубов кон Вардар, како национален бренд, но и кон македонскиот ракомет, воопшто.

Автор: Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...