Во повеќе наврати се чуствувам понижено и беспомошно. Секогаш за тоа се виновни институциите на таканаречениот систем од администрација. Луѓе кои градат кариери, создаваат империи и се нарекуваат политичка елита.
А живееат од парите на народот! Тие, кои се службеници и кои треба да бидат во функција на народот.
Годинава истите овие ја предизвикаа најголемата болка на македонскиот народ во современата ера. Дозволија живи да ни изгорат децата во Кочани.
Децениската импровизација, фаворизирање на некомпетентноста, убивање во срж на струките, непотизмот и корупцијата, ја создадоа најтажната земја на европскиот полуостров, Македонија.
Дали да продолжам?
Сакав да артикулирам ставови за синоќешниот дерби натпревар, Вардар Пелистер. Да анализирам и синтетизирам, да предвидувам, да барам херои и несреќници…
Не може веќе вака, не може во државата и во спортот да владеаат вандалите. Можеше Англија да го реши проблемот со милиони фудбалски хулигани, мора и Македонија да го реши проблемот со десетина навивачки хулигани. Во милион прилики се опеани атмосферите на нашите спортски арени и сепак во огромен број на случаи зборуваме за инциденти со катастрофални последици.
Претепани, избодени, без прсти, убиени, запалени, скршени носеви, каменување, демолирање…
Вака изгледаат бројните полициски записници, после натпреварите ширум Македонија.
ДОСТА Е !!!
На натпреварите на кои се случуваат инцидентите најчесто станува збор на неколку стотина екстремисти. Во случај кога на трибините има неколку илјади љубители на спортот математиката е јасна.
Вака треба да направите:
1. Kупување билет со лична карта
2. Претрес при влез како што ги тресете вистинските навивачи,
3, Камера вперена кон групата каде има агресивни,
4. Изолирање на истите,
5. Судска постапка за секој прекршок и доживотна суспензија за посета на било каков спортски натпревар!
6. Клубовите да сносат санкции зошто на крајот на денот тие се организатори на натпреварите!
Просто е !
Инаку ракометот супер, неизвесен машки дуел до последни минути. Одлични изданија на Талески, Манасков, Митревски, Пешевски. Победи Вардар и ја зголеми неизвеснота во сезоната која многумина ја најавија како една од најизедначените и најнеизвесни од осамостојувањето на Македонија.
Да живее ракометот!
Да живее Македонија!