Напредокот на Македонската ракометна репрезентација на Европските првенства (2012–2026)

Фото РФМ

Почетна точка: 2012 – генерациски максимум

Европското првенство 2012 е логична и фер почетна точка за секоја анализа на македонската машка ракометна репрезентација. Петтото место во Белград не беше случајност, туку резултат на јасна генерација, силна хемија и момент кога Македонија реално припаѓаше во европскиот врв. Затоа, тој пласман го земаме како референтна вредност – 100%.

Сè што следи потоа го мериме во однос на тоа ниво.

Методологија – како го мериме „напредокот“

Анализата се базира на конечниот пласман на секое Европско првенство, при што процентуалниот учинок се пресметува со едноставна формула. На овој начин добиваме јасна, споредлива слика колку Македонија била блиску или далеку од своето најдобро европско издание.

Пласмани и процентуален учинок

  • 2012 – 5 место → 100%
  • 2014 – 10 место → 50%
  • 2016 – 11 место → 45,5%
  • 2018 – 11 место → 45,5%
  • 2020 – 15 место → 33,3%
  • 2022 – 22 место → 22,7%
  • 2024 – 17 место → 29,4%
  • 2026 – 14 место → 35,7%

Овие бројки јасно покажуваат дека Македонија по 2012 влезе во долг период на пад, со апсолутно дно на ЕП 2022.

Трендот низ годините: пад, па стабилизација

Периодот од 2012 до 2018 може да се опише како постепено лизгање надолу – без драстичен колапс, но и без вистински напредок. Европските првенства 2020 и особено 2022 веќе го покажаа вистинскиот проблем: губење на континуитетот, генерациска празнина и отсуство на системска стабилност.

Сепак, циклусот 2024–2026 носи важна промена. Две последователни подобрувања на пласманот, крунисани со 14. место на ЕХФ ЕУРО 2026, претставуваат прв јасен позитивен сигнал по 2018 година.

Ова не е враќање на нивото од 2012, но е крај на слободниот пад.

Фотографија од пречекот на Макеоднските репрезентативци на плоштадот во Скопје.

Споредба со европските репери

Кога Македонија ќе се стави во ист контекст со репрезентации како Словенија, Хрватска и Исланд, разликата станува очигледна:

  • Словенија има јасен растечки тренд и системска стабилност.
  • Хрватска осцилира, но секогаш останува во горниот европски дом.
  • Исланд, иако со мал базен, никогаш нема драматичен пад како Македонија во 2022.

Македонија е единствената од оваа група што има екстремен врв (2012) и екстремен пад (2022). Тоа укажува дека проблемот не е во потенцијалот, туку во континуитетот и системот.

Добрата вест во 2026 година е дека сега Македонија е поблиску до Исланд, се разбира не географски, иако и тоа може да биде дискутабилно земајќи ги в предвид актуелните геополитички збиднувања, отколку до своето дно во 2022 година. Па може да се заклучи дека трендот добива име, стабилизација!

Заклучок

Ако анализата ја сведеме на суштината:

  • 2012–2022: јасен и длабок регрес
  • 2024–2026: умерен, но реален напредок

Пласманот на ЕП 2026 не е причина за еуфорија, но е причина за рационален оптимизам. Македонија повторно се движи нагоре и се оддалечува од европското дно.

Вистинскиот тест допрва доаѓа. Ако следниот циклус го задржи или подобри нивото од 2026, тогаш за првпат по долго време ќе можеме да зборуваме за вистински напредок, а не за краток блесок.

Математиката е немилосрдна: од 22. место во 2022, преку 17. во 2024 и 14. во 2026, Македонија напредува просечно за 4 позиции по циклус, што без емоции и изговори го проектира пласманот на ЕП 2028 околу 11. место – сè под тоа би значело дека трендот е прекинат.

Дали е тоа доволно, или сме гладни за нешто повеќе?

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...