Актуелниот селектор на Македонија, Кирил Лазаров, во повеќе прилики ја нотира брзината (спороста) на македонскиот ракомет како круцијална кочница во прогресот на македонските екипи а со тоа и прогресот на националниот тим.
Бројот на напади, а со тоа и бројот на удари кон голот во просек е драматично помал од просекот на врвните европски екипи.
Годинава како никогаш порано имавме можност за инвазија на европско тло, ракометно, но математиките и есапите не се совпаднаа некако. Имавме, и сеуште имаме, можност да си ги измериме квалитетите, потенцијалите, храброста, дрскоста и на крајот ракометното знаење.
Но како се движи линијата на фронтот?
Во предигра на сезоната во Македонија за наша огромна среќа имавме три меѓународни турнири. ГРК Охрид ги освои двата поголеми а Пелистер 2, помалиот. Продефилираа странски екипи од типот, Црвена Звезда, Бурса, Раднички, Партизан, Нексе, Киндил, Тримо и Динамо. Од друга страна Алкалоид беше на словенечко хрватска турнеја и се врати со штитот.
Првата фаза успешна но дали и меродавна!?
Што следеше, елиминација на помалку фантастичен начин на Бутел од Дуделанж од Луксембург, во првото коло на ЕХФ Купот. Елиминација на Алкалоид од супер бундеслигашот Хановер во Евро Лигата. Дебакл на Тиквеш во првиот дуел со Бешикташ во Евро Купот, со постигнати 3 голови во првото полувреме… Уф…
Малку светлина на фронтот ни донесе воведната победа на Шампионот Еурофарм против реномираниот Загреб, како и на Вардар против Сесвете и пласманот на Охрид во втората фаза преку аматерите од Баку. Но, ниту Загреб некогаш бил послаб ниту Сесвете е екипа од европскиот крем, ниту Азербејџанците знаат што е ракомет.

Што друго можеше да се забележи?
Дуелот во Лигата на Шампиони против Барселона пак, ми донесе и уште неколку констатации, битолската публика го промени курсот, конечно со афирмативен наратив за своите, без разлика на резултатот, салата крцкаше, дрес код зелено бели, фан зона, милина… но, салата премала, влезови премалку, воздух нема, за момент морници ме полазија кога ја погледнав ламперијата на таванот…
Во Скопје пак, темата инверзна, неспособноста на клубската администрација да анимира публика доведена до совршенство. Со две три објави на социјалните медиуми работата не е завршена. Со едвај 1500 гледачи срамот за жал пренесен на Арена ширум регионот.
Клучно прашање и за Охрид кога во толку очекуваната сезона од евро настапите на првиот двомеч имаше околу 70 гледачи?!
Што не очекува наскоро, Пелистер се соочува со реалноста дека со ваков ростер и експериментални тренери во рамките на рангот на буџетот, може да сонува осминафинале. Вардар веќе следната недела ќе затропа на вратата на сериозните клубови и за момент ќе се соочи со реалноста. А за Охрид ждрепката многу ќе значи.
Со констатација дека публиката може да се донесе само на натпревари од Лигата на Шампиони во дуелите со гигантите, се прашувам дали некаде и нешто грешиме?
Дали само брзината спомната во првиот пасус е клучна или има и нешто друго, дали и полупразната сала во Лисабон во дуелот со гигантот Веспрем подоткрива уште нешто, дали е до нас или до ракометот…
