ТИМОТ покажа карактер и победнички менталитет, Шуле ја победи генетиката и предрасудите како порака за децата кои доаѓаат

„Ранетиот“ лав олицетворен во фаворитот  во групата, Хрватска и навистина беше еден супер убав тест за зрелоста на оваа генерација ракометари. Натпревар во кој кај Македонската селекција ги видовме двете страни на паричката, можеме да најдеме забелешки во повеќе сегменти, но никој, ама баш никој не може да им забележи на момците во однос на тоа каков пристап имаа и како се бореа за дресот со националните бои. Крајниот епилог е реми против „коцкастите“ за насочување на водата на наша воденица, во ситуација каде за пласман понатаму, во првиоте осум европски селекции се прашува Македонија.

Јасно беше, после добрите настапи минатата година на ЕП во Хрватска, дека веќе никој не смее да ја потцени Македонија, дека оваа селекција ќе биде детално скенирана и дека противникот многу сериозно ќе подготвува против игра. Така и беше. Хрватска, индивидуално поквалитетна, физички за нијанса (или две) надмоќна и подготвена за играта на Македонија во два правци, успешно парираше, а од средината на првиот дел и „го водеше орото“, во однос на резултатот.

Како никогаш до сега, нашата агресивна зона (како и да ја наречеме нумерички), тешко решаваше ситуации со супер талентираните Нико Франковиќ и Никола Иванковиќ, кои или реализираа или создаваа ситуација „да помине воз“, за други да реализираат. Нашите голмани, одбранија тоа што не требаше, за разлика од поголемиот број „нивни топки“, кои некако и поминаа. Но, на крајот од денот чуварите на нашиот гол повторно одбранија топки кога најмногу требаше, а тоа е најважно во спортот. Се обиде Стојановиќ со зона 6-0, но некако се доби впечаток дека, немоќта на нападот на противничка зона се рефлектираше во делот на тимска игра и „помош на комшијата“ во делот на одбраната. Нетипично за оваа супер хомогенизирана група момци. На сето тоа, за впечатокот во првиот дел да биде уште полош, нашата предна линија (крила и пивоти) промаши доста „зицери“ и дозволи противникот да оди на комотни 5,6, па дури и 7 разлика.

Но, секогаш има едно НО. Најчесто македонскиот народ, во историјата па до ден денешен, го слуша или користи во негативна конотација, кога треба(л) да биде тој што ќе попушти, остави, продаде, предаде или напушти. НО, оваа „спортска банда“ со победнички менталитет, наметнат од „главата“ и создаван низ годините, во моментите кога почна(вме)а сите да крева(ме)ат раце од самиот натпревар, во однос на позитивен исход, се издигна над ситуацијата и покажа карактер достоен за почит. И повторно против главниот фаворит во групата, селекција која откако ја создаде Ватикан постојано е во врвот на ракометот во сите категории и важи за фабрика на врвни светски ракометари.

Фабрика ракометари слична на онаа од крај најуБоно езеро, која за разлика од таа, хрватската, оваа нашата работи во  мааалку полоши услови. Но и фабрика за која никој,  до ден денес нема логично објаснување како функционира и како постојано и постојано „произведува“ нови играчи. Играчи од типот на вчерашниот МВП на натпреварот. „Девојка за се“ во тимот на Раде и Бранче, „осигурач“ кога нема да „запали на прва“… играч кој прво им „продаде“ на високите Хрвати по некој шут одоздола, за во ситуација кога екипата „мрзнеше на -7“ да почне да игра симултанка со зоната на „коцкастите“. Како награда за целиот труд и верба која ја имаше стручниот штаб во него, изминатите години, и на ниво на клуб и на ниво национална селекција.

Ама не беше се бајковито за него, како што вчера тоа изгледаше на терен, кога Славчо после секој постигнат гол, одново и одново „истураше“ еден тон емоции врз играчите и сите кои беа во сала. Не, не беше. Прашајте ја неговата фамилија, која му беше и сеуште е негова најголема поддршка. Детето, најголемиот работник на својата генерација, кое долги години се бореше со генетика и предрасуди, “целОлето” (израз составен од два збора, ама се изговара заедно во Струга) со координациона мрежа и медицинка во рака, се надградува(ше) индивидуално, поставувајќи амбиции кои, во “мала” средина се секогаш предмет на исмејување, средина полна медиокритети, на кои, во работен опис им е да “те влечат надолу” без пардон и постојано да ти кажуваат дали и колку можеш. Медиокритети кои малку порано, како сериозни локални авторитети, и јас сум ги „почувствувал“ на своја кожа и ја користам оваа прилика да им се заблагодарам, затоа што да не биле тие, немаше сега јас да бидам тука и да го пишувам овој текст. Е, од таква плодна средина произлезе Шуле, од таква средина излегоа безброј ракометари кои го облекле дресот со националните бои, ракометари со карактер и дрскост, играчи кои немаат друга опција, освен да успеат “низ светот”. Од таму е и Славчо Шулески, играчот кој го обележа дуелот, иако секако дека, тој не беше сам, тука беше ТИМОТ кој и на првиот натпревар ја здроби Црна Гора.

Како супер-мотивирачка порака за сите деца и млади играчи, во стилот на Роки од епизодата број 4, да не дозволуваат некој да им кажува колку и дали можЕт?

И дека за тоа одлучуваат ТИЕ САМИТЕ!

Македонија денес против Австрија ќе игра за влез во првите осум. Селекција која е исклучително физички силна и некој сантиметар повисока, но и селекција која ја „доби“ Хрватска и вчера ја демолира Црна Гора. Покажаа, како и на сениорското пред шест месеци дека „знаат кај тераат“ во ракометот и дека е во нивниот фокус последните години. Нашите момци ќе мора да користат транзиција и да одат на бројка од 8-10 „лесни“ голови денес, без разлика на тоа од каде ќе доаѓаат истите (голман или изнудена техничка грешка на противник), затоа што на поставен напад очекуваме тешко да пробиваме.

Влезот во првите осум за мене е сурова реалност, но овој карактер и (не)победливост ме носи да размислувам на медал. Како викаат, ако не размислуваш „на големо“ никогаш нема да стигнеш ТАМУ!

Среќно момци!

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...